Скопје
Заврши реконструкцијата на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов – пуштена третата делница
Третата делница од булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов на потегот од крстосницата со булеварот 8.Септември до улицата Московска, во вторник свечено беше пуштена во употреба.
„Проширувањето и реконструкцијата на третиот дел од булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов е уште еден капитален проект на Градот Скопје којшто ќе овозможи побезбедно одвивање на сообраќјот, намалување на метежот и скратување на времето на патување“, рече на свеченоста скопскиот градоначалник Коце Трајановски.
Со проширувањето, на оваа делница од булеварот, долга 1.600 метри, се формирани четири коловозни ленти, по две во секоја насока. Делницата е асфалтирана на вкупна површина од 19.500 квадратни метри и обележана.
Од двете страни на проширениот коловоз се изградени тротоари со ширина од по 3,5 метри, со вкупна површина од 9.550 квадратни метри, коишто се покриени со павер-елементи. Градежните работи на третиот дел од булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов беа искористени за да се постави нова атмосферска канализација со вкупна должина од 1.493 метри и профил од 200, 400, 600 и од 1.200 милиметри.
На терен е извршена и реконструкција на постојната фекална мрежа, при што на должина од 226 метри се поставени цевки со профил од 600 и 300 милиметри. Извршена е и заштита на гасоводната цевка со профил од 400 милиметри.
На проширување и реконструкција на третиот дел од булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов работеа градежниците на Трансмет ДОО Скопје. Градот Скопје за овој обемен проект потроши околу 81 милион денари.
Третиот дел од проширениот булевар Митрополит Теодосиј Гологанов го осветлуваат 82 столба за улично осветлување на коишто се поставени 108 светилки со моќност од 250 W. На осветлување на новореконструираната делница работеа екипите на фирмата „Магнус Инжинеринг“, а за овој зафат Градот Скопје одвои околу 11,6 милиони денари.
Вкупната вредност на проектот за проширување и реконструкција на третиот дел од булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов изнесува 92,6 милиони денари. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Кисела Вода и Факултетот за физичко образование почнуваат соработка: обука за наставниците за работа со деца со посебни потреби
Градоначалничката на општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, оствари средба со проф. д-р Влатко Неделковски, декан на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје. На овој работен состанок, соговорниците дискутираа за унапредување на можностите и квалитетот на наставата по физичко образование во основните училишта, како и за важноста на нејзината инклузивност.
Средбата претставува почеток на институционална соработка меѓу општина Кисела Вода и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, насочена кон поддршка на наставниците, промоција на здрави навики и создавање инклузивна средина во спортот и образованието. Како прв заеднички чекор, постигнат е договор наставниците по физичко образование од основните училишта во Општина Кисела Вода да поминат обука за работа со деца со посебни потреби, која ќе започне во декември, известува Општината.

Оваа обука има за цел да обезбеди пристапност, разбирање и соодветен пристап кон секое дете, со што ќе се придонесе кон еднакви можности и поголема интеграција во наставниот процес.

-Ми беше драго што се запознавме со активностите на факултетот и што заеднички можеме да направиме повеќе за здравјето и развојот на децата, особено на оние со попреченост. Со деканот, проф. д-р Неделковски, разговаравме и за други можности за соработка, кои ќе придонесат за зајакнување на спортот и физичката култура кај најмладите. Во фокусот на мојата работа како градоначалник ќе биде унапредувањето на спортската инфраструктура, но и подобрувањето на наставата по физичко образование, како и обезбедувањето еднакви можности за сите деца, без исклучок- изјави градоначалничката Стаменкоска-Трајкоска.
Македонија
Делови од Центар, Зелениково и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 10.00 часот, дел од корисниците од улиците Самоилова и Јоаким Крчовски, како и објектот на Музејот на Современа Уметност, општина Центар;
– во периодот од 08.30 до 15.00 часот, корисниците од селата Зелениково, Ново Село, Страхојадица и Смесница, општина Зелениково;
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците лоцирани околу ул. Австралиска бр. 5 во населба Даме Груев, општина Ѓорче Петров.
Скопје
Градоначалничката на Кисела Вода почнува со приемни денови за граѓаните
Во насока на транспарентно и отчетно работење и со цел директна комуникација со жителите, градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, од оваа сабота започнува со приемни денови за граѓаните.
Како што информира општината, на овој начин се воспоставува отворен и непосреден контакт со жителите, што ќе овозможи поефикасно решавање на нивните проблеми и унапредување на квалитетот на живот во општината.
Приемните денови ќе се одржуваат во просториите на Општина Кисела Вода. Заинтересираните граѓани можат да ја закажат средбата секој работен ден, од понеделник до петок, во периодот од 08:00 до 16:00 часот, на телефонскиот број 02/2785-401.
По пријавувањето, граѓаните ќе бидат дополнително известени за точното време на нивната средба.

