Македонија
Светски ден за борба против беснило
Поголем број ветеринарни станици од сабота до 5 октомвври ќе вршат вакцинацијата против беснило за домашните миленичиња, кучиња и мачки, по цена од 250 денари.
Акцијата е со цел подигнување на јавната свест на граѓаните за ризикот од болеста и преземање на мерки за нејзино спречување и ширење.
Агенцијата за храна и ветеринарство и оваа година се вклучува во кампањата за одбележување на Светскиот ден за борба против беснилото – 28 септември.
По успешно изведените четири кампањи за орална вакцинација на лисиците преку авионско фрлање на мамки, на 28 септември во Битола, ќе започне реализацијата на есенската, петта фаза, која според планираното треба да заврши до средината на октомври. Во овој временски период предвидено е на целата територија на Република Македонија да се фрлат 500 илјади мамки.
Три недели по завршување на акцијата за орална вакцинација на лисиците, Агенцијата ќе спроведе контрола за успешноста на истата, за што апелираат до ловните друштва, од почетокот на ноември, согласно склучените договори со Агенцијата, да извршат застрел на договорениот број лисици заради лабораториско испитување.
Досега спроведената мониторинг програма за успешноста на досегашните фази од оралната вакцинација на лисиците против беснило, потврдува висок процент на успешност на акцијата за ерадикација на оваа болест, од која во светот годишно умираат повеќе од 50 илјади луѓе.
Од 2011 година кога стартуваше акцијата за сузбивање на беснилото во нашата држава потврдени беа девет случаи на беснило, осум кај диви животни (4 лисици и 4 волци) и еден случај кај домашна мачка.
Оралната вакцинација преку авионско фрлање мамки, која почна во 2011 година и годинава ќе се спроведе со техничка и финансиска поддршка од Европската унија.
Агенцијата за храна и ветеринарство ги повикува граѓаните масовно да се вклучат во оваа кампања и под поволни услови да ги вакцинираат домашните миленичиња.
Списокот на ветеринарни станици кои се вклучени во кампањата и каде граѓаните ќе може да ги вакцинираат миленичињата по цена од 250 денари може да се преземе од интернет страницата на Агенцијата за храна и ветеринарство www.ahv.gov.mk.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Автобусите по неделен возен ред, жичницата нема да работи
ЈСП Скопје извести дека автобусите ќе сообраќаат по неделен возен ред, а жичницата на Водно нема воопшто да работи.
Со оглед на тоа што денот кога се одржуваат парламентарните и вториот круг од претседателските избори е прогласен за неработен за сите граѓани, и автобусите од градскиот јавез превоз ќе сообраќаат по скратен, односно неделен возен ред.
Воедно, жичницата од Средно Водно во врвот Крстовар нема да работи.
Дежурни билетарници од 7 до 14 часот ќе бидат само две, на Транспортен Центар и Ѓорче Петров.
Македонија
Променливо облачно, попладне пороен дожд, грмежи и засилен ветер
Времето денеска ќе биде променливо облачно, попладне и во вечерните часови на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со обилен пороен дожд за кратко време, силни електрични празнења, засилен ветер и појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 20 до 26 степени.
Во Скопје променливо облачно. Попладне и во вечерните часови ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за појава на краткотрајно невреме. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 25 степени.
До петок ќе се задржи променливо облачно време, на повеќе места нестабилно со пороен дожд и грмежи. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен дожд за кратко време, силни електрични празнења, засилен ветер и појава на град. Дневната температура од четврток ќе биде во опаѓање. Во деновите од викендот условите за нестабилност ќе се намалат.
Македонија
Одлуки за учество на припадници на Армијата на вежби во Германија, Бугарија, Косово
Владата на денешната седница донесе и повеќе одлуки на предлог на Министерството за одбрана, меѓу кои и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „BEYOND HORIZON 24“, во Република Бугарија, за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во НАТО операцијата „КФОР“ во Република Косово и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „Combined Resolve 24-2“ во Сојузна Република Германија.