Свет
Првата жена војник во армијата на Индија
Индиската копнена војска првпат во своите редови вклучи жена која ќе служи воен рок, пишува денеска весникот Hindu, повикувајќи се на воени извори.
Индиската копнена војска првпат во своите редови вклучи жена која ќе служи воен рок, пишува денеска весникот Hindu, повикувајќи се на воени извори.Според локалните медиуми, 35-годишната Шанти Тигга, мајка на две деца, стана првата Индијка жена-војник, која е распоредена во 969-от полк на железничките војски од составот на Територијалната армија на Индија. Жените и досега беа на служба во индиската армија, но не беа распоредувани во борбените единици. Со Шанти Тогги, којашто стана првата жена војник во 1,3 милионската индиска армија, се прекрши оваа традиција. „Досегашната пречка за остварување на желбите на жените кои сонуваат да станат војници, е надмината“, коментира весникот. Тигга била вработена претходно во индиските железници, а неодамна поднела барање да стане војник во единиците за безбедност на железницата. Таа изјави дека не знаела оти досега жените не биле примани за војници. Тигга ги разубедила воените инструктори со својата одлична физичка подготовка, минувајќи ги тестовите сосема солидно, во некои дисциплини дури и подобро од мажите. „Дистанцата од еден ипол километар таа ја претрча за пет секунди побрзо од мажите“, рекол за весникот еден од офицерите. Територијална армија на Индија (Territorial Army) е дел од индиската армија. Главната цел на нејзините единици е ослободување на регуларните единици од обврските со неопходното боево дежурство, од рутинските задачи, помагање на локалните власти во случај на природни катастрофи и, доколку е потребно, учество во борбени дејствија. Во составот на Територијалната армија влегуваат железничките единици, воено-медицинските и единиците за комуникации итн./крај/хин/рн/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Кејт Мидлтон миленичка на британската јавност: по популарноста го надмина и принцот Вилијам
Последната анкета на јавното мислење во Велика Британија, објавена денеска, покажа дека принцезата од Велс, Кејт Мидлтон го надмина принцот Вилијам по популарност.
Во истражувањето спроведено од агенцијата за истражување на јавното мислење „Savante for the Independent“, Кејт (42), која моментално се лекува од неодреден облик на рак, ја поддржуваат 62 отсто од испитаниците, додека принцот од Велс (41) е фаворизиран од 61 отсто од британските испитаници.
Принцот Ендру (64), по дружењето со осудениот педофил Џефри Епштајн, е избран за најмалку омилен член на кралското семејство – го поддржуваат само 14 отсто од испитаниците.
Принцот Хари и Меган Маркл, исто така се соочуваат со недостаток на популарност. Хари (39) го поддржуваат само 29 отсто од испитаниците, додека неговата сопруга Меган (42) е уште помалку популарна со само 25 отсто поддршка од испитаниците, пренесува Танјуг.
Свет
ОН: Израелскиот копнен напад врз Рафах може да доведе до масакр
Израелскиот копнеен напад врз Рафах ќе ги доведе во опасност животите на стотици илјади жители на Газа и ќе им нанесе огромен удар на хуманитарните напори низ палестинската енклава, соопшти Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања (OCHA).
Израел се заканува дека ќе изврши копнен напад врз Хамас во Рафах, каде што се засолниле речиси милион луѓе.
„Тоа би можело да биде масакр на цивили и неверојатен удар за хуманитарните операции во целиот појас, бидејќи тие се управуваат претежно од Рафах“, рече портпаролот на OCHA, Јенс Лаерке на брифингот во Женева.
Хуманитарните активности од Рафах вклучуваат медицински клиники и пунктови за дистрибуција на храна и центри за неухранети деца, рече тој.
Претставник на Светската здравствена организација (СЗО) на истиот брифинг изјави дека е подготвен план за копнен напад, кој вклучува нова полска болница, но предупреди дека тоа нема да биде доволно за да се спречат големиот број на жртви.
„Тоа апсолутно нема да спречи значителни дополнителни смртни случаи“, рече Рик Пиперкорн, претставник на СЗО за палестинските територии.
Тој додаде дека е „многу загрижен“ што нападот ќе го затвори граничниот премин Рафах меѓу Појасот Газа и Египет, кој се користи за увоз на лекови и медицинска опрема.
Свет
(Видео) Камион без возач прегази најмалку 29 ученици на фестивал во Киргистан
Камион без возач прегази 29 ученици на фестивал во Киргистан.
Камионот што го користел продавач на сладолед ненадејно тргнал по удолницата и прегазил голем број ученици, од кои многумина биле свртени со грб.
Многумина успеале да побегнат, но 29 лица биле прегазени.
Осумнаесет деца на возраст од девет до 16 години се хоспитализирани, додека кај седум има опасност по живот.
Инцидентот го снимила камерата на дронот која го снимила моментот кога децата го држат големото знаме на Киргистан.
На видеото се гледа како камионот ненадејно се движи по удолницата и минува низ групи деца.
Полицијата покренала истрага, а според една од пријавите, возачот заборавил да ја повлече рачната сопирачка.