Македонија
Покрената преткривична постапка за случајот „Актор“

Јавното обвинителство покренало преткривична постапка за случајот „Актор” откако во среда вечер од Управата за финансиско разузнавање бил добиен предмет во кој се бара блокирање имот и сметки на две трговски друштва и сметките на одреден број на лица.
Ова во четврток го соопшти државниот јавен обвинител, Марко Зврлевски, при тоа додавајќи дека сметките на тие фирми најверојатно се замрзнати.
Управата за финансиско разузнавање во среда преку соопштение информираше дека по добиените првични сознанија, на 11 ноември лани отворила предмет за испитување на случајот и утврдување на сите факти, како и евентуално утврдување на постоење на одговорност. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски со емоционален говор за Холокаустот, сеќавање на 7.000 депортирани македонски Евреи

Премиерот Христијан Мицкоски се обрати на церемонијата по повод 80-годишнината од Холокаустот, која се одржа во Меморијалниот центар во Скопје.
Во својот говор, Мицкоски изрази почит, тага и надеж, сеќавајќи се на страшните жртви од Втората светска војна и трагедијата која не ја одмина ни Македонија.
„Над 7.000 македонски Евреи беа депортирани во логорот Треблинка, а нивниот живот, историја и култура беа насилно прекинати. Но, историјата не е само спомен, таа е лекција“, истакна премиерот, додавајќи дека нашата обврска е да ја зачуваме вистината и да се спротивставиме на заборавот.
„Нашата цел е да изградиме општество засновано на толеранција, правда и меѓусебно почитување,“ додаде тој.
Мицкоски истакна дека фразата „Никогаш повеќе“ не е само симбол, туку и залог за иднината, за да се осигура дека трагедијата на Холокаустот никогаш нема да се повтори.
„Нека споменот на жртвите биде вечен“, порача премиерот, обраќајќи се до присутните во Меморијалниот центар.
Скопје
Делови од Кисела Вода и Илинден утре без струја, делови од Центар и Гази Баба без вода

Дел од корисниците на улицата Киро Крстевски Платник во општина Центар утре од 9:00 часот ќе останат без водоснабдување поради изведување приклучок на водоводна мрежа со пречник од 80 милиметри на улицата Киро Крстевски Платник број 6.
Поради дефект на затворач на водоводна мрежа со пречник од 80 милиметри на улицата 36 бр. 12 во село Трубарево утре од 9:00 часот прекинато водоснабдување ќе имаат дел од корисниците од селото Трубарево, општина Гази Баба.
Како што информира Регионалниот центар за управување со кризи на град Скопје, корисниците ќе бидат без водоснабдување се додека екипите на ЈП „Водовод и канализација“ Скопје не завршат со интервенциите.
Дел од корисниците од улицата „Саса“ во населбата Пинтија во општина Кисела Вода утре од 8:30 до 12:00 часот ќе останат без напојување со електрична енергија.
Од 9:00 до 15:30 часот, без струја ќе бидат и корисниците од улицата Христо Татарчев, подулица број „13“ во истата општина, а од 9:00 до 15:00 часот корисниците од улицата 500 на потегот од број 24 до број 45 во село Марино, општина Илинден.
Како што информира Регионалниот центар за управување со кризи на град Скопје, причина за прекинот во снабдувањето со електрична енергија е изведувањето планирани зафати во електродистрибутивната мрежа од страна на екипи на ЕВН Македонија АД.
Македонија
ТАВ Македонија и МВР покажаа како се справуваат со заканите на аеродромот

ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, и Министерството за внатрешни работи денеска успешно реализираа вежба за итни ситуации и вонредни состојби на Меѓународниот Аеродром Скопје.
Денешната вежба за симулација на вонредна состојба имаше за цел да ги тестира во реално време одговорот и ефикасноста на плановите за итни ситуации и оперативниот план за постапување во вонредни состојби предизвикани од дејствија на незаконско постапување, координацијата, комуникацијата и подготвеноста на сите засегнати страни и да осигури дека се исполнети највисоките стандарди за безбедност и сигурност.
За време на вежбата, организирана од страна на аеродромскиот оператор, ТАВ Македонија, сите засегнати оддели на Меѓународниот Аеродром Скопје, и Министерството за внатрешни работи, а поддржани и во соработка со националните служби за одговор при итни ситуации и вонредни состојби предизвикани од дејствија на незаконско постапување, беше симулирана вонредна состојба со пратка од висока вредност, заложници и експлозија со импровизирана експлозивна направа, проследена со пожар во затворен простор во приемниот магацин при Карго центарот на ТАВ Македонија. Вежбата овозможи реална, практична можност за проценка и евалуација на координацијата за брз одговор и ефективноста на меѓуинституционалната координација меѓу одделите на скопскиот аеродром, Министерството за внатрешни работи, локалните и националните служби за итни ситуации и вонредни состојби и другите засегнати страни и чинители.
„Денес сме сведоци на заедничка вежба на аеродромските безбедносни служби на ТАВ Македонија и специјалните полициски сили при МВР – настан од исклучително значење за безбедноста на Меѓународниот аеродром Скопје и патниците. Со оваа вежба демонстрираме подготвеност, координација и професионализам во справувањето со потенцијални закани. Високото ниво на обука, брзината на реакција и соработката меѓу службите се клучни за заштита на аеродромската оперативна безбедност и обезбедувањето на воздухопловството. Ова не е само тренинг – ова е залог за сигурност, доверба и успешна превенција. Благодарност до сите учесници за нивната посветеност и професионалност. ТАВ Македонија продолжува да инвестира во обука и модернизација за да ги одржиме највисоките стандарди на безбедност“, изјави Перо Лупевски, заменик генерален директор за операции на ТАВ Македонија.
„Преку симулацијата на сценарио на заложничка криза, практично ги тестираме капацитетите на институциите на национално ниво, а исто така го тестираме нивото на подготвеност и брзината на реакција на службите, на владините институции како чинители и на аеродромскиот оператор ТАВ Македонија. Вежбата се одвиваше на исклучително професионално ниво, со соодветна брзина и реакција. Безбедноста на вакви витални инфраструктурни објекти и на секој поединец е од круцијално значење за нас како полиција, бидејќи со сето тоа, со зајакнување и почитување на протоколите за оваа проблематика и нивната имплементација, нѐ мапира нас како држава, но и аеродромот, на високо ниво европско па и светско ниво“, изјави Александар Јанев, директор на Бирото за јавна безбедност.
Вежбата која опфати сложена вонредна состојба предизвикани од дејствија на незаконско постапување, со потенцијална безбедносна закана, има за цел тест на сите засегнати страни за брза реакција и одговор, медицински тимови, кризни комуникации и протоколи за безбедност и обезбедување, и оценка на ефикасноста на плановите за итни ситуации и вонредни состојби на аеродромот, протоколите за комуникација и координацијата меѓу повеќето учесници.
Оваа редовна целосна вежба за реакција при итни ситуации и вонредни состојби е дел од посветеноста на ТАВ Македонија за почитување на регулаторните барања и континуирано подобрување на стратегиите за управување со кризи. Согледувањата добиени од вежбата ќе се искористат за усовршување на програмите за обука, ажурирање на процедурите за итни ситуации и вонредни состојби, дополнително подобрување на безбедноста и обезбедувањето на патниците и персоналот и зајакнување на соработката и координацијата со Министерството за внатрешни работи.