Свет
„Фабрика“ му советувала на Јорданов да ги испере дамките за „Макстил“
Агенцијата за односи со јавноста „Фабрика“, каде што работат активни новинари, пред еден месец му советувала на кабинетот на вицепремиерот Минчо Јорданов дека мора да ја „испере дамката“ дека тој издејствувал бенефицирана цена за струјата за својата компанија „Макстил“.
Агенцијата за односи со јавноста „Фабрика“, каде што работат активни новинари, пред еден месец му советувала на кабинетот на вицепремиерот Минчо Јорданов дека мора да ја „испере дамката“ дека тој издејствувал бенефицирана цена за струјата за својата компанија „Макстил“. Истиот ден, постапувајќи според препораките на „Фабрика“, кабинетот на вицепремиерот испратил соопштение до медиумите со советите што му ги дала агенцијата. За ваквата комуникација „Време“ поседува валидни документи.
Во материјалите на „Фабрика“ пишува дека Ивица Боцевски, шеф на кабинетот на Јорданов, „со куса, но содржајна и аргументирана изјава треба да ја испере дамката на високиот владин функционер, што негативно се рефлектира врз целата Влада“. Со ова, како што пишува во документот што го составувал новинар на „Фабрика“, ќе се зајакне впечатокот дека Владата е институција што служи и работи за добро и во полза на интересите на сите граѓани, а не за лична корист на нејзини поединечни членови. Документот е напишан на 23 јануари, со препорака кабинетот на Јорданов да излезе со изјава на 26 јануари. Токму тој ден кабинетот на вицепремиерот објави соопштение во кое демантира дека издејствувал „Макстил“ да добие повластена позиција на пазарот со бенефицирана поевтина цена на електричната енергија.
„Фабрика“ му сугерирала на Боцевски во изјавата да нагласи дека „Макстил“ не потпишал договор за плаќање поевтина струја и дека во текот на целото постоење компанијата плаќа највисока цена на електрична енергија. Во соопштението на кабинетот на вицепремиерот се искористени токму овие препораки на „Фабрика“.
Новинарот советувал дека медиумите често го активираат прашањето за приватниот бизнис на Минчо Јорданов, па затоа сметал дека оваа практика мора да се прекине со изјава од кабинетот. Со тоа, пишува во документот, ќе се затворат сите прашања за евентуалното користење на власта за личните бизниси на вицепремиерот.
„Таргет-група треба да бидат негативно настроените медиуми, конкуренцијата или опозицијата што ги стимулира ваквите афери“, пишува во материјалот што новинарот тајно го подготвувал.
На нашето прашање дали добил инструкции од агенцијата како да го одбрани вицепремиерот Јорданов, шефот на кабинетот Ивица Боцевски одговори:
– Не можам да коментирам.
Го прашавме уште еднаш дали ја потврдува или ја демантира информацијата, тој ни го повтори истиот одговор и не упати да контактираме со владините портпароли.
Агим Јонуз, заменик-портпарол на Владата, категорично демантира каква било соработка со „Фабрика“.
– Никој од Владата не соработувал со таа фирма, освен кога се организираше прославата за кандидатскиот статус во ЕУ. Тоа одговорно го тврдам – вели Јонуз.
„Фабрика“, преку соопштение пред неколку дена, тврдеше дека нивните документи биле пробни и не биле испраќани до Владата. Останува отворено прашањето зошто една фирма со повеќе од 20 вработени, кои земаат хонорар од најмалку 300 евра, шест месеци прави пробни документи за Владата и си ги користи за интерна употреба.
Екипа на „ Време“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Околу 130.000 домаќинства и компании во Сан Франциско останаа без струја
Околу 130.000 домаќинства и компании во американскиот град Сан Франциско вчера останаа без електрична енергија. Напојувањето со електрична енергија постепено се стабилизира и сега речиси 20.000 потрошувачи се без струја.
Електрична енергија немаше во северниот дел од градот, поради што беа затворени голем број продавници и ресторани, а нарушен беше и градскиот транспорт.
Компанијата „Пацифик гас енд електрик“ ((Pacific Gas and Electric, PG&E), соопшти дека се истражува причината за масовниот прекин на електричната енергија, додавајќи оти се стабилизира електричната мрежа и не се очекуваат нови прекини.
Според противпожарната служба, дел од прекините беа предизвикани од пожар што избувна во потстаница на ПГ&Е.
Свет
Зеленски бара уште една средба со европските сојузници
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски денеска изјави дека поддржува да се одржи нова средба со европските сојузници по состанокот на украинската делегација и американските претставници во Мајами, Флорида.
Постои општо чувство дека по работата на нашиот дипломатски тим во САД, сега треба да одржиме консултации со европските партнери во поширок формат, објави Зеленски на платформата Икс, по телефонскиот разговор со норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе.
Зеленски разговорите во Мајами ги опиша како конструктивни и оти е забележан брз напредок.
Тој обвини дека Русија не сака да ја заврши војната и за една недела руските сили употребиле речиси 1.300 борбени дронови, околу 1.200 бомби и девет крстосувачки и други ракети врз Украина.
Свет
По повеќе од 400 години данската пошта прекинува со достава на писма
Данската пошта денеска соопшти дека на 30 декември ќе ја изврши последната достава на писма, со што се завршува традицијата долга повеќе од 400 години, која датира уште од 1624 година.
Причината за потегот е тоа што во текот на последните 25 години испраќањето писма драстично опадна – за повеќе од 90 отсто.
„PostNord“, компанијата која настана со спојување на шведската и данската пошта во 2009 година, претходно соопшти дека ќе укине 1.500 работни места во Данска и ќе отстрани 1.500 поштенски сандачиња, со оглед на тоа што побарувачката за писма драстично опадна, додека онлајн купувањето продолжува да расте. Оваа компанија, која и понатаму ќе доставува писма во Шведска, нагласи дека во Данска на нејзино место доставата ќе ја преземе компанијата „Dao“, која веќе врши достава на писма и која планира да ги прошири своите услуги од 1 јануари.
Меѓутоа, истражувањата покажуваат дека меѓу младите доаѓа до повторен пораст на пишувањето писма. Истражувањето на „Dao“ покажа дека лицата на возраст меѓу 18 и 34 години испраќаат два до трипати повеќе писма отколку другите возрасни групи, а истражувачот на трендови Мадс Арлиен-Соборг верува дека младите се свртуваат кон пишувањето писма како „противтежа на дигиталната преоптовареност“.
Според данскиот закон, мора да постои можност за испраќање писма, што значи дека доколку „Dao“ одлучи да ја прекине доставата, владата би била обврзана да именува друга компанија за таа задача.
Законот за дигитален идентитет, „MitID“, се користи за сè – од онлајн банкарство до закажување прегледи кај доктор, а поголемиот дел од официјалните комуникации се испраќаат преку дигитална пошта наместо со обична пошта.
Денес 97 отсто од данската популација постара од 15 години е регистрирана во „MitID“, додека само пет отсто одлучиле да се откажат од дигиталната пошта.
– Бевме данска пошта 400 години и затоа ова е тешка одлука, но Данска стана сè подигитална, што значи дека денес речиси и да нема писма. Со оглед на падот на побарувачката, пазарот на писма повеќе не е профитабилен, изјави заменикот извршен директор на „ПостНорд Данска“, Ким Петерсен.

