Македонија
Бум на берзата по подолго време
Голем бум на цените на хартиите од вредност го окарактеризира денешното тргување на Македонска берза, по подолго време
Голем бум на цените на хартиите од вредност го окарактеризира денешното тргување на Македонска берза, по подолго време.
Предводници на ваквиот тренд беа акциите на Алкалоид, Макпетрол, Макстил и Гранит кои го доведоа индексот МБИ 10 до вредност од 1.719,65 индексни поени, односно пораст од 4,43 проценти.
Раст од 0,69 проценти забележа и индексот на јавно поседуваните друштва, а единствено индексот на обврзниците панда за 0,02 проценти.
Во петокот на пазарот на капитал беше остварен промет од 12.510.745,78 денари кој се оствари од 148 трансакции. Притоа на Официјалниот пазар се реализира промет од 10.949.900,79 денари од 108 трансакции, а остатокот од 1.560.845,00 денари се оствари на Редовниот Пазар.
Први по обем на тргување на Официјалниот Пазар беа акциите на Макпетрол Скопје, кои при вчерашното тргување пораснаа за 8,64 проценти. Се истргуваа 87 акции, се тргуваа по цена од 21.873,52 денари по акција и при тоа вредноста на тргување со нив изнесуваше 1.902.996,00 денари.
Втори по обемот на тргување на Официјалниот Пазар беа акциите на Стопанска банка Битола. Се истргуваа 621 акција по просечна цена од 2.800,08 денари по акција. Вкупниот остварен промет со овие хартии од вредност изнесуваше 1.738.850,00 денари.
Трети по висина на промет на Официјалниот Пазар беа акциите на Комерцијална банка Скопје. Се истргуваа 748 акции по просечна цена од 2.097,53 денари по акција , односно забележа пад на цената од 0,11 проценти. Вкупниот промет со овие хартии од вредност изнесува 1.568.950,00 денари.
Нагорна промена на овој пазар забележаа акциите на ОХИС Скопје, кои се тргуваа по цена од 210,00 денари за акција, односно беше регистриран раст од 16,67 проценти во однос на минатите тргувања со овие акции. Се истргуваа 118 акции, а прометот со нив изнесува 24.780,00 денари.
На Редовниот Пазар како најтргувани акции беа акциите на Просветно дело Скопје, кои се тргуваа по цена од 1.600,00 денари. Се истргуваа 285 акции, а се оствари промет од 456.000,00 денари.
Втори по обем на тргување на овој пазар беа акциите на Македонски Телеком Скопје кои се тргуваа по цена од 328,98 денари по акција, се истргуваа 1.279 акции, а вкупниот промет со нив изнесуваше 420.770,00 денари.
Пет најтргувани хартии од вредност
1. Макпетрол Скопје
2. Стопанска банка Битола
3 Комерцијална банка Скопје
4. Просветно дело Скопје
5. Македонски Телеком
Хартии од вредност со најголем пораст
1. ОХИС Скопје 16,67 %
2. Макстил Скопје 10,00%
3. Гранит Скопје 9,86%
4. Макпетрол Скопје 8,64%
5. Алкалоид Скопје 7,00%
Хартии од вредност со најголем пад
1. Вардар осигурување Скопје 96,97%
2. Ангропромет-Тиквешанка Кавадарци 44,44%
3. УНИ банка Скопје 26,38%
4. Фершпед Скопје 8,62%
5. ТТК банка Скопје 2,59%
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пролетен неделен ден во зима со температури до 16 степени
Претпладне по одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Во текот на денот ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 5, а максималната ќе достигне од 12 до 16 Целзиусови степени, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Во Скопје, исто така се очекува сончево време со мала до умерена облачност и со слаб југоисточен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Минималната температура се очекува да се спушти до 0, а максималната да достигне до 15 Целзиусови степени.
Според синоптичарите, до среда ќе се задржи стабилно и релативно топло време. Утрата ќе бидат постудени со појава на слаба магла по одделни котлини. Во четврток и петок ќе има услови за слаби локални врнежи од дожд.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

