Свет
Пропаднаа преговорите во Тајланд
Тајландскиот премиер и претставниците на демонстрантите кој бараат предвремени избори не успеаја да постигнат договор за да се запрат двонеделната политичка криза, но се најавува нов состанок во понеделник
Премиерот Абхист Вејџаџива го одбил барањето на „црвенокошулашите“, кои го поддржуваат поранешниот премиер во егзил Таксин Шинаватра, веднаш да го распушти парламентот и да распише парламентарни избори. Меѓутоа, двете страни во денешните преговори во Бангкок се договориле во понеделник, околу пладне по средноевропско време повторно да се сретнат и да преговараат, пренесоа тајландските медиуми.„Парламентот ќе го распуштиме само како оцениме дека тоа е единственото можно решение за целата држава, а не само за „црвените’“, им рекол Вејџаџива на тројцата претставници на преговорите. Денешните преговори траеле три часа, а билe одржани во една образовна установа и со директен пренос на телевизијата.Преговорите и преку голем видео-бим го следеле и десетици илјади демонстранти кои две седмици се стационирани пред зградата на владата. Новинските агенции утрово информираа дека кон тајландската престолнина повторно тргнала маса од околу 80 илјади „црвенокошулаши“ пред кои отстапи војската и полицијата која беше изведена на улиците на Бангкок.Членовите на Обединетиот фронт за демократија против диктатурата (UDD), во Бангкок дојдоа од сиромашните рурални области, превезувајќи се со камиони, автомобили, па дури и со чамци.Движењето од 14-ти март секојдневно организира протести во главниот град за да го натера премиерот Вејџаџива да поднесе оставка и да изнуди распуштање на парламентот. UDD се залага за враќање на власт на поранешниот премиер. Тие сакаат да ја соборат владата за која велат дека е само параван на елитата поддржана и доведена на власт со премолчен договор со армијата.Бидејќи ниедна од од целите досега не им успеа, демонстрантите го привлекуваат вниманието на медиумите со акции како што се пролевање крв врз зградите на влезот од главниот град, врз седиштето на владејачката партија и куќата на премиерот. Сите протести досега беа мирни, затоа што нивните организаторите сметаат дека насилството ќе биде контрапродуктивно. Tаксин Шинаватра, кој пред извесно време престојуваше во Црна Гора чиј пасош поседува, постојано престојува во Дубаи каде е во доброволен егзил сакајќи да ја избегне затворската казна откако беше осуден за злоупотреба на функцијата и за проневера. Тој беше соборен со државен удар во 2006 г. и од тогаш е во бегство. Во отсуство е осуден на две години затвор, а по него од тајландските власти е распишана потерница на Интерпол.Во Бангкок се мобилизирани повеќе од 40 илјади полицајци и војници, а владата набрзина усвои закон за вонредна безбедност кој на армијата и’ дава овластување за водење операции против безредија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Цели населби во Пасадена избришани од мапата
Експертот за пожари во Калифорнија, Чад Хансон ги даде најновите информации за ситуацијата. Тој истакна дека моментално е најмногу шокиран од размерите на уништувањето.
„Видовме цели населби избришани од лицето на земјата. Куќите ги снема, исчезнаа бизнисите“, изјави тој за Би-Би-Си.
Додаде дека пустошот е тешко да се сфати и нагласи дека пет лица ги загубиле животите, но бројот на жртви може да биде далеку поголем.
Од моментот кога пожарникарите сфатија дека нема да можат да ги стават под контрола пожарите, приоритет им беше да го евакуираат населението.
„Тие завршија извонредна работа“, рече Хансон.
Џенифер Колби, координатор за кризи во блиската Пасадена, рече дека повеќето жители никогаш не биле сведоци на катастрофа од оваа големина.
„Многу е тешко“, рече таа во интервју за Би-Би-Си.
Колби истакна дека илјадници припадници на службата неуморно работат на обезбедување поддршка, со акцент на безбедноста на сите граѓани.
Таа додаде дека противпожарната служба останува оптимист поради прогнозата за поволни временски услови во следните неколку дена, што може да помогне пожарот да се стави под контрола.
Сепак, Чад Хансон предупредува дека следната недела ќе дојде уште еден ветер.
„Дотогаш не се прогнозираат дождови. Ќе биде уште посуво, а ако има уште еден налет на ветер, сите преостанати или нови пожари би можеле брзо да се шират“, рече тој.
Свет
„Фајненшл Тајмс“: Маск сака да го собори британскиот премиер
Милијардерот Илон Маск одржал приватни разговори со сојузниците за можните начини за соборување на британскиот премиер Кир Стармер пред следните општи избори, објави Фајненшл тајмс.
Маск, најбогатиот човек на светот и близок соработник на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, минатиот месец ја поддржа германската антиимигрантска партија пред изборите закажани за февруари и постојано ја коментираше британската политика, барајќи оставка од премиерот Кир Стармер.
Маск размислувал како тој и неговите сојузници би можеле да ја дестабилизираат лабуристичката влада и побарал информации за градење поддршка за алтернативните британски политички движења за да се урне владата, се вели во извештајот на весникот, цитирајќи луѓе запознаени со ова прашање, пренесува Ројтерс.
Маск не одговори на барањето на Ројтерс за коментар.
„Неговиот став е дека самата западна цивилизација е под закана“, изјави еден извор за весникот.
Маск претходно го обвини Стармер дека не ги гонел групите мажи кои силувале млади девојки додека Стармер бил главен британски обвинител меѓу 2008 и 2013 година.
Маск треба да биде домаќин на лидерката на партијата Алтернатива за Германија, Алиса Вајдел во интервју во живо на социјалната мрежа „Икс“ во четврток. Најавено е дека ќе разговараат за слободата на говорот и други теми по поддршката на технолошкиот милијардер за германската крајнодесничарска партија на претстојните општи избори во Германија, пренесе ДПА.
Германската партија поддржана од Маск е означена како десничарска и екстремистичка од германските безбедносни служби. Кампањата на извршниот директор на Теска за „АДФ“, во комбинација со навреди кон врвни германски политичари, со недели е извор на контроверзии. Критичарите го обвинуваат дека го искористил својот огромен дострел за да влијае на исходот од изборите во Германија на 23-ти февруари.
Пораките на Маск на „Икс“ допираат до повеќе од 210 милиони корисници ширум светот. Претходно оваа недела, норвешкиот премиер Јонас Гар Стоере изрази загриженост за мешањето на Маск во политиката на другите земји, а со него се согласија и францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц.
Свет
Бројни холивудски ѕвезди останаа без вилите во Лос Анџелес: „Тука ги пораснавме нашите деца“
Повеќе од 130.000 луѓе беа принудени да се евакуираат поради пожарот, додека ветровите дополнително придонесуваат за негово ширење, а како што пренесува „Еј-би-си њуз“, најлошо било во една од најбогатите населби во САД, Пацифик Палисадес.
Актерот Били Кристал и неговата сопруга Џенис изјавиле дека ја изгубиле куќата во таа населба.
„Зборовите не можат да го опишат обемот на уништувањето. Чувствуваме тага за нашите пријатели и соседи кои исто така ги загубија своите домови и бизниси во оваа трагедија. Џенис и јас живееме во таа куќа од 1979 година. Ги одгледавме нашите деца и внуци таму. Секој дел на нашиот дом беше исполнет со љубов“, рече тој.
Во пожарот домот го загуби и американската актерка и милијардерка Парис Хилтон.
„Скршена сум од тага. Седам со моето семејство, гледам вести и го гледам нашиот дом во Малибу како гори до темел на телевизија – нешто што никој не треба да го доживее“, напиша Хилтон додека ги споделуваше извештаите на локалните медиуми за пожарот.
Таа се присети на спомените што ги имала во куќата, истакнувајќи дека таа е посебно место за нејзините две мали деца.
„Оваа куќа беше местото каде што изградивме толку многу скапоцени спомени. Тоа беше местото каде што Феникс ги направи своите први чекори и тоа беше местото каде што сонувавме да создадеме безброј спомени со Лондон“, продолжи Хилтон.
Изгоре и вилата во Лос Анџелес на актерот Адам Броди и неговата сопруга, актерката Лејтон Мистер. Вилата вредна 6,5 милиони долари целосно изгоре, пожарот ги зафати сите соби.
Актерката Џејми Ли Кертис рече дека нејзиниот дом е безбеден, но дека целата населба ја нема.
„Толку многу луѓе изгубија сè. Помогнете каде можете. Ви благодариме на спасувачките тимови и пожарникарите”, напиша Кертис на Инстаграм.
Синот на актерската двојка Том Хенкс и Рита Вилсон, Чет Хенкс, на Инстаграм напиша дека населбата во која пораснал гори до темел.
Актерката Менди Мур се справува со пожарот во Итон, каде на 52.000 луѓе им е наредено да се евакуираат.
Нејзиниот дом се наоѓа во населбата Алтадина, а актерката им се заблагодарила на пријателите кои на нејзиното семејство му обезбедиле сместување за време на евакуацијата.