Македонија
Лидерите согласни дека спорот со името останува пречка за интеграциите
Лидерите на најголемите политички партии и претседателот на државата Ѓорге Иванов на денешната средба во Јасен разговарале за спорот со името и притоа размениле мислења и споделиле информации за актуелностите поврзани со ова прашање.За позицијата на Македонија во спорот со името, Иванов истакна дека таа е позната и секаде искажана, односно оти решението треба да се бара во рамките на ОН и усвоените резолуции. „Секое излегување од таа рамка, посегнување по нашиот идентитет, отворање на прашањето за името на нашиот јазик, на некој начин го попречува наоѓањето решение. Затоа ние секогаш на Нимиц му ги кажуваме нашите ставови дека мора да се држиме во рамките на резолуциите на ОН и тогаш е можно да се најде заемно прифатливо решение кое навистина ќе ги деблокира клучните процеси за нас“, изјави Иванов.За македонско-грчкиот спор Иванов најави дека ќе расправа и државниот врв.„За прашањето за името ќе расправа и државниот врв на средба на која амбасадорот Зоран Јолевски ќе информира за евентуално нови моменти во пресрет на средбата со посредникот Метју Нимиц и грчкиот преговарач Адамантиос Василакис на 9 февруари во Њујорк“, изјави Иванов.Премиерот Никола Груевски на средбата информирал за средбите со неговиот грчки колега Јоргос Папандреу. „Укажав на тоа дека другата страна се уште го оспорува македонскиот јазик и македонскиот идентитет и не се согласува тие да бидат признаени како такви во рамките на ОН и сите други институции. Се укажува дека доколку ние од тоа не се откажеме тие не би можеле да гласаат позитивно за почеток на преговорите на Република Македонија со ЕУ односно за членство во НАТО“, истакна Груевски.Според него таквиот грчки став е сериозен проблем и посочи дека сите политички партии имаат исто мислење по прашањето за идентитетот.Премиерот рече дека оваа година посакува зачестени разговори и прифатливо решение кое би можело да се стави на референдум, но оти нема никакви најави.„Сега немаме најава дали ќе има позачестени или поретки разговори. Во секој случај доколку и другата страна даде согласност на Нимиц, што веројатно нема да биде лесна работа, да имаме позачестени средби, ние тоа би го поздравиле“, изјави Груевски.На прашањето дали ќе има референдум за името, Груевски рече дека тоа зависи од доаѓањето до одредено решение.„За да има референдум треба да има некакво решение или барем некаков сериозен предлог кој би се ставил на референдум за да може граѓаните да се изјаснат. Во овој момент немаме предлог од господинот Нимиц којшто во најмала рака барем би бил прифатлив за Грција, а потоа да видиме и дали за нас е прифатлив за тоа да може да се стави на референдум. Услов за референдум е да имаме некаков сериозен предлог“, нагласи Груевски. Лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, изјави дека тие ќе прифатат било какво решение што ќе го договори Владата, а кое нема да задира во националниот идентитет на државата.Лидерот на ДУИ Али Ахмети рече дека ги разгледале сите можни опции за спорот.Неговиот став е дека преговорите треба да се одвиваат во рамки на ОН преку медијаторот Метју Нимиц и оти САД треба поактивно и подиректно да се вклучат во решавањето на ова прашање.Лидерот на Нова демократија Имер Селмани, пак, смета дека решението за спорот за името со Грција не е на повидок.И според него потребно е вклучување на САД во процесот на изнаоѓање решение.На средбата во Јасен иницирана од претседателот Иванов, лидерите се согласиле дека спорот со името е главна пречка за интеграциите на Македонија во НАТО и ЕУ./крај/бд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) ДИК: До 13 часот излезноста е 8,90 отсто, едно избирачко место воопшто не е отворено
До 13:00 часот на повторените локални избори гласале 11.217 лица или 8,90 отсто, соопшти Државната изборна комисија.
По општини:
– Врапчиште – 9,58 %
– Гостивар – 8,74 %
– Маврово – Ростуше – 10,03 %
– Центар Жупа – 6,61 %
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, кажа дека гласањето на сите избирачки места се одвива непречено, освен на избирачкото место 0782 во Ќафа кое се уште не е отворено.
Македонија
Жичницата на Водно не работи поради силен ветер
Јавното сообраќајно претпријатие – ЈСП Скопје преку својата фејсбук страница информира дека жичницата на Водно денеска нема да биде во функција поради засилен ветер.
Јачината на ветерот ги надминува дозволените граници како објектот би функционирал непречено и безбедно., велат од ЈСП.
„Надлежните служби ја следат состојбата на терен и во оној момент кога ќе се создадат соодветни временски услови за работа, жичницата ќе продолжи со непречено превезување на патниците“, велат од претпријатието.
Македонија
Состојба по обилните врнежи во Македонија: пресек на ЦУК до 12:30 часот
Центарот за управување со криви направи пресек на состојбата по обилните врнежи до 12:30 часот.
Скопски регион
– На подрачјето Скопје не се евидентирани нарушувања на редовната состојба. Во моментов нема врнежи од дожд или снег и состојбата е стабилна.
Тетовски регион
– Состојбата во Тетово и околината е стабилна, без нарушувања во редовното функционирање. Сите патни правци се проодни, а коловозите се претежно влажни.
– ЈП „Македонија пат“ редовно го одржува патниот правец Тетово – Попова Шапка.
– Во врска со појавениот одрон на патниот правец Гостивар – Маврово, кај каменоломот, надлежните служби се известени и најавено е ангажирање екипа за расчистување и нормализирање на сообраќајот.
Струмички регион
– На територијата на Струмица нема пријави за настанати штети. Во моментов нема активни врнежи и не постои опасност од излевање на реките. Не се евидентирани одрони или непроодни патни правци.
Велешки регион
– На подрачјето на Велес состојбата е стабилна, без нарушувања, и во моментов нема врнежи од дожд или снег.
Кумановски регион
– На територијата на општините Куманово, Липково и Старо Нагоричане нема излевање на реките, а водостоите се во опаѓање.
– Сите патни правци се проодни и чисти. Патниот правец од с. Пелинце до Граничен премин Пелинце беше подмрзнат, но по интервенција од ЈП „Македонија пат“ истиот е целосно расчистен.
– Во Крива Паланка, Кратово и Страцин сите главни патни правци се проодни, со тековни интервенции за расчистување на одрони и снег на одредени локални делници.
Штипски регион
– На подрачјето на Штип во моментов нема врнежи, а состојбата е стабилна.
Охридско-струшки и западен регион
– Во Охрид, реката Сушица е ставена под контрола со изградба на заштитен насип. Сепак, на повеќе локации се уште има поплавени подрумски простории и дворови.
– Во Струшко, во селата Мислешево и Калишта има поплавени дворови, а состојбата се следи од надлежните служби.
– Во Дебар, реката Радика има зголемен водостој, но без опасност од излевање. Патните правци се проодни, со појава на помали одрони кои редовно се расчистуваат.
– Во Кичево, водостоите на Зајашка река и реката Треска се намалени и нема опасност од нови поплави. Во тек е состанок на Општинскиот кризен штаб за натамошни активности.
Битолско-пелагониски регион
– Во Демир Хисар, поради оштетување на мост на Боишка река, локалниот пат за с. Мренога е затворен за сообраќај.
Реките се вратени во коритата, освен река Црна во атарот на селата Жван и Единаковци, каде се уште има излевање и поплавени земјоделски површини.
– Во Битола, состојбата е нормализирана, а водата постепено се повлекува од зафатените површини. Нивото на река Црна кај Новаци изнесува 320 см.
– Во Ресен, поплавените земјоделски површини се во фаза на повлекување на водата, а во тек се интервенции за расчистување на коритото на Голема Река.

