Свет
Хајката против ФФМ не е од Владата, туку од Орце Камчев
Лазар Митровски не е повеќе генерален секретар на Фудбалската федерација на Македонија, откако тој се повлече од функцијата, зашто, според Статутот, не може да биде на тоа работно место со диплома од шести степен – за функцијата треба диплома од седми степен.
ЛАЗАР МИТРОВСКИ, ПОРАНЕШЕН ГЕНЕРАЛЕН СЕКРЕТАР НА ФФМ
Лазар Митровски не е повеќе генерален секретар на Фудбалската федерација на Македонија, откако тој се повлече од функцијата, зашто, според Статутот, не може да биде на тоа работно место со диплома од шести степен – за функцијата треба диплома од седми степен. Во изминатиот месец против него беше поднесена кривична пријава за фалсификување диплома и уништување докази, а во јавноста излегоа еден куп афери во врска со ФФМ.
Како се случи да бидете избран на функцијата иако не ги исполнувавте условите за тоа? Немате соодветно образование, а речиси четири години сте генерален секретар. Затоа ли поднесовте оставка?
Митровски: За да се врши таа функција, треба високо образование. Јас конкурирав со диплома од шести степен, каде што пишува електроинженер, што не значи дека сум дипломирал. Тогаш, луѓето ме избраа мене едногласно, по предлог на комисија, која ја предводеше Ставре Николовски, кој сега е во хајката против мене. Тој мислел дека сум дипломиран електроинженер и затоа ме предложиле. Сега, тој услов не е сменет на собрание, а има постапка да се смени. Јас немам седми степен, некој може да се пожали на мојот потпис на некој документ и да имаме проблем. Затоа се повлеков. Многу членови од УО не сакаа јас да се повлечам, но инсистирав на тоа, зашто не сакам да сум товар на Федерацијата. Во март ќе има редовно собрание, ако тогаш мине тој предлог, ќе се распише конкурс, и тогаш јас пак ќе можам да конкурирам, па, ако ме изберат, да бидам генерален секретар на ФФМ. Ние од ФИФА добивме дозвола за сменување на тој член од Статутот и добивме зелено светло за тоа.
Во јавноста постојат многу шпекулации за тоа дека ова е политичка хајка против вас од новата владејачка гарнитура. Дали мислите дека има вистина во ова и кои луѓе стојат зад обидот за сменување на раководството на ФФМ?
Митровски: Директна хајка од Владата против нас нема. Нема тензија од таа страна. Но, главниот човек на сето ова е Орце Камчев, кој е помогнат од негови блиски структури од власта. Веројатно Камчев го злоупотребува тоа што бил финансиер на партијата што е на власт. Затоа секој ден имаме инспекции од МВР, се бара влакно во јајцето. Сега, откако јас се тргнав, на удар ќе биде претседателот Харалампие Хаџи- Ристески. Се прават невидени притисоци, ама мислам дека нема да успеат.
Зошто е ФФМ толку атрактивна организација? Колкав буџет има Федерацијата, колку пари вртите годишно?
Митровски: ФФМ е атрактивна зашто годишниот буџет е околу два милиони евра, иако се вртат повеќе пари. Но, и со тој буџет, тешко се врзува крај со крај, зашто само патот за Англија и за Андора, како и премиите за фудбалерите не чинеа 300.000 евра. Ние немаме спонзори, парите се донации од ФИФА и од УЕФА. Државата не ни дала денар, а ние лани на име придонеси за плати и персонален данок на државата и плативме 230.000 евра. Тие што мислат дека кога ќе дојдат тука ќе можат да прават што сакаат со парите – гадно се лажат. Немаме службен автомобил, се ценкаме со хотелите за поевтино сместување на играчите, организиравме 13 турнири на УЕФА, за кои таа дала 1.300.000 швајцарски франци, па и од тоа штедевме за да имаме обезбеден буџет за плати. А сето ова кога дојдовме на власт беше обратно. Бевме во минус еден милион евра, сите сметки ни беа блокирани. Имавме среќа што двапати ни се падна Англија, па се вративме во живот.
Дали можеби обидот на Камчев за влез во ФФМ има и деловни интереси?
Митровски: Можеби. ФФМ е интересна за парите. Но, нема за фрлање. Сепак, познавајќи ги тие што сакаат да дојдат, сигурен сум дека нема да работат во вакви услови. Тие ќе сакаат луксузни простории, зашто во сегашниве услови не може да се пушат пури. Се лажат ако мислат дека тука ќе најдат пари и ќе ги трошат тие што ФИФА и УЕФА ги даваат за инфраструктура. Ние добивме 2,5 милиони франци, можевме да направиме наша луксузна зграда, со канцеларии како во Владата, но решивме да изградиме пет стадиони на екипи што најчесто играат во еврокуповите. Во 2008 година повторно ќе има донација од 3,5 милиони франци, но тоа се наменски пари. Не можат да се трошат за лични потреби на федерацијата.
Како можеше да се случи екипи што според Државниот инспекторат за труд со години не плаќале придонеси за своите фудбалери да играат во Европа, и тоа со ваша дозвола, иако тоа е спротивно од правилата на УЕФА за издавање лиценци за настап?
Митровски: Сите велат дека тоа било фалсификат. Но, имаше контрола од УЕФА, таму увидоа некои пропусти, но и тие знаат дека Германија и Шпанија не е исто како Македонија и Белорусија. Клубовите до нас доставиле чисти документи, дека фудбалерите се пријавувани. Исто така тие потпишаа изјава за веродостојност. Ако лажеле, не сме ние што тоа треба да го истражуваат. Има државава институции кои бркаат такви работи. Инаку, секој клуб е должен да има пријавено намалку шест професионалци. Клубовите имаат пријавено многу повеќе кај нас. А дали плаќаат придонес, тоа не е наша работа. Ние немаме право да одиме во ПИОМ да проверуваме. Сета тоа во јавноста излезе нарачано. Сценарио од некои медиуми, вклучително и таму каде што излезе извештајот – агенцијата МИА. Оттогаш почна хајката.
Р.В.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Тринаесетгодишно момче нападна двајца врсници во Лондон со нож: уапсен е во џамија
Тринаесетгодишно момче уапсено под сомнение дека избодел двајца ученици во средното училиште Кингсбери во Лондон е поранешен ученик во училиштето, потврди полицијата. Двајцата нападнати ученици, на возраст од 12 и 13 години, се префрлени во болница и се во сериозна состојба. Настанот не се третира како терористички напад, пишува „Скај њуз“.
Главната началничка Хелен Фланаган им изјави на новинарите дека се верува дека осомничениот тинејџер, британски државјанин, влегол во училишната зграда во Брент, северозападен Лондон, и се упатил кон училница на првиот кат.
„Тој влегол во училницата и веруваме дека додека влегувал низ вратата, испрскал ученик со некоја супстанца“, рече Фланаган.
„Потоа осомничениот нападнал друг ученик во училницата, 13-годишник, и го избодел. Потоа избегал, трчајќи по училишниот ходник“, додаде таа. „Додека бегаше, тој нападнал друга жртва, 12-годишно дете, кое исто така го избодел пред да избега од училиштето“, рече таа.
Уапсен во џамија
Полицијата и службите за итни случаи биле повикани околу 12:40 часот, а по обемна потрага, осомничениот бил уапсен кратко по 18 часот. Според началникот Фланаган, дојавата од јавноста била клучна. „Еден граѓанин се јавил во полиција околу 16:50 часот, загрижен за тинејџер што го видел во џамија во северозападен Лондон“, објасни таа.
„Полициските службеници брзо пристигнале и уапсиле 13-годишно момче под сомнение за обид за убиство. Тој останува во притвор. Во овој момент, не веруваме дека осомничениот има каква било посебна врска со џамијата и веруваме дека веројатно бил таму случајно. Сите во џамијата дадоа огромна поддршка на истрагата“, рече Фланаган.
Иако нападот го истражуваше полицијата за борба против тероризмот вчера, инцидентот не е прогласен за терористички инцидент, соопшти полицијата. Во писмо до родителите, директорката на училиштето изјави дека станува збор за „длабоко трауматичен настан за целата училишна заедница“. Министерката за внатрешни работи го опиша нападот како „шокантен“.
Свет
Зеленски: Првпат слушам за 24 февруари како датум на избори во Украина
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави, коментирајќи ги извештаите на некои медиуми, дека за прв пат слушнал оти датумот на изборите во Украина може да биде 24 февруари и нагласи дека одржувањето на изборите зависи од безбедносната состојба.
Како што објави Укринформ, претседателот на Украина го кажа ова на новинарите коментирајќи ја информацијата на „Фајненшл тајмс“ за наводната намера да се објави датумот на претседателските избори и референдумот за територијален интегритет на 24 февруари.
„Во врска со изборите и намерата да се објави датумот на 24-ти, ова е прв пат што го слушам тоа. Веројатно првпат го слушнав од „Фајненшл тајмс“. Сега го слушам од вас по втор пат. Второ, многу пати зборував за изборите – ќе дојдеме до нив кога ќе ги има сите потребни безбедносни гаранции“, рече Зеленски, пренесува Танјуг.
Претседателот на Украина додаде дека прашањето за избори повремено го поставуваат некои партнери, но дека Украина никогаш самата не го иницирала ова прашање.
„Без сомнение, ние сме подготвени за избори. Јас го кажав тоа: само обезбедете прекин на огнот – ќе има избори. Тоа е безбедносно прашање“, додаде тој.
Зеленски, исто така, изјави дека САД ја покренале темата за изборите, но не сакаше да даде детали.
Фајненшл тајмс, повикувајќи се на неименувани извори, објави дека Украина се подготвува за претседателски избори и референдум за мировен договор со Русија, откако администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп побара организирање на гласањето до 15 мај, заканувајќи се во спротивно дека ќе го условува Киев со негирање на безбедносните гаранции, пренесуваат медиумите.
Свет
Макрон: Единственото решение е Европа да стане независна сила
Францускиот претседател Емануел Макрон денес во Антверпен изјави дека „единственото“ решение за економските закани што ги претставуваат Кина и Соединетите Американски Држави е Европа да стане независна сила.
„Ни треба нова скала и нова брзина во нашиот пристап за да се стави крај на фрагментацијата што ја ослабува и ризикува да ја понижи Европа“, им рече Макрон на бизнис лидерите во Антверпен, Белгија, објавија француските медиуми.
Францускиот претседател повторно ја лансираше идејата за „еврообврзници“, заеднички европски обврзници за финансирање на големи инвестиции и Европа да остане конкурентна со Пекинг и Вашингтон.
„Ако сакаме да инвестираме доволно во одбраната и вселенската безбедност, чистите технологии, вештачката интелигенција и квантното пресметување и да ја трансформираме нашата продуктивност и конкурентност, единственото решение е да се издаде заеднички долг“, додаде Макрон.
Оваа идеја за заеднички европски долг ја застапува Франција со години, но други земји, вклучително и Германија, постојано ја отфрлаат.
„Никогаш не сме живееле во ваков период. Затоа, мора да прифатиме преземање клучни мерки што не се многу вообичаени во традиционалните европски алатки за мерки“, рече Макрон.
Францускиот претседател рече дека Европа е во вонредна ситуација и додаде дека сите треба да бидат свесни за ова бидејќи наскоро ќе биде предоцна.
Макрон, исто така, ги повика земјите кои се подготвени да ги спроведат реформите на единствениот европски пазар предложени од Комисијата, да ја зајакнат соработката, со цел што поскоро да се постигне напредок.

