Економија
Изменетиот Закон за денационализација на Уставен
Нова демократија ќе иницира Уставниот суд да ја преиспита уставноста на новите промени
Нова демократија ќе иницира Уставниот суд да ја преиспита уставноста на новите промени. Пратеничката Флора Кадриу смета дека заднината на измените на Законот за денационализација е да и се оневозможи на Исламската верска заедница да си ја врати локацијата на која порано била Бурмали џамијата, локација на која Владата планира да изгради градска куќа како дел од проектот „Скопје 2014“. Таа обвинува дека со новите одредби ќе и се одземе имотот на ИВЗ и во Старата чаршија како Капан-ан, Сули-ан, детскиот театар, Алаџа џамија, Араста џамија, Иса бег џамија и Безистен.
И За лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, измените на Законот за денационализација не се добри. „Без разлика на реакциите на ИВЗ, сметам дека со предлозите, Владата ќе направи неправда кон многу други граѓани, приватни фирми и компании. Дотолку повеќе што на овој начин се обидува да ја држи под своја контрола сопственоста и употребата на земјиште“, изјави Црвенковски.
Опозицијата е убедена дека целта на денационализацијата е државата да ги врати имотите, а не да исплатува паричен надомест и за малку пари да купува туѓи имоти. Оттаму обвинија дека со измените Владата сака полесно и побрзо да го реализира проектот „Скопје 2014“. Притоа посочуваат на неколку спорни парцели, онаа на плоштадот на која е предвидено да се гради хотелот „Мериот“ и онаа што е во сопственост на Исламската верска заедница, на која ќе се гради новата Градска куќа.
„Законот е јасен, на имот што е предмет на денационализација не смеат да се вршат никакви градежни активности. Но, Владата проценила дека не ќе може да реализира дел од своите проекти и затоа понуди измени на Законот. Клучен е проектот „Скопје 2014“, бидејќи на јавноста и е познато дека местото каде што треба да се гради Градската куќа е предмет на денационализација. За да си ја олесни реализацијата на проектот, Владата предлага ако имотот има правна или фактичка пречка да не го враќа земјиштето, туку парично да ги обесштети сопствениците или да им додели друга локација„,вели пратеникот Марјанчо Николов од СДСМ.
Од владејачката партија потврдуваат дека измените се предлагаат за да се олесни изградбата на објектите што ги предвидела Владата, а кои се од општ интерес, но дека таквите измени немале никаква врска со проектот „Скопје 2014“. Според ВМРО-ДПМНЕ станува збор за полесно градење на автопатишта за да нема проблем како што се случи при изградбата на обиколницата на Скопје. Објаснувањата се дека мала парцела може да блокира цел проект. Во ВМРО-ДПМНЕ потврдуваат дека измените на Законот се предлагаат со цел да се олесни изградбата на објектите што ги предвидела Владата, а кои се од општ интерес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

