Економија
Агенциите за електронски комуникации од Балканот и ЈИЕ со заедничко тело

Формирање на регулаторно тело кое ќе покрива 11 земји од Балканот и Југоисточна Европа, со цел подобрување и регулација на телекомуникацискиот пазар по примерот на Европското регулаторно тело…
Формирање на регулаторно тело кое ќе покрива 11 земји од Балканот и Југоисточна Европа, со цел подобрување и регулација на телекомуникацискиот пазар по примерот на Европското регулаторно тело, најавија Агенциите за електронски комуникации(АЕК) од регионот, кои присуствуваат на меѓународната регулаторна конференција што се одржува во Охрид.
Според замислата, формирањето на таа организација ќе ги покрива цените кои практично Агенцијата за електронски комуникации ги контролира, од регулација на пазарот на електронски комуникации, до стимулации на широкопојасниот интернет, како и развој на мобилната и фиксната телефонија.
„Ова тело ќе ги разменува позитивните искуства и ќе носиме заеднички одлуки кои ќе ги применуваме во нашите законски решенија“, рече Роберт Ордановски, директор на АЕК.
Тој додаде дека телекомуникациската индустрија придонесува со 6,1 отсто од БДП на Македонија.
Ордановски истакна дека од АЕК се стремат на домаќинствата во Македонија, кои моментално 44 отсто користат интернет, да им го зголемат пристапот за користење на оваа услуга.
Според првиот човек на АЕК, четвртиот виртуелен оператор би требало летово да започне со работа.
Министерот за информатичко општество Иво Ивановски истакна дека Македонија се стреми да воведе при пејд широкопојасен интернет, кој ќе нуди пристап до интернет низ целата земја.
На завршниот ден на конференцијата утре, најавени се подетални информации за намалување на цената на смс пораките, универзалниот сервис и претплатничките договори. крај/мт
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
„Тик-ток“ казнет со 530 милиони евра

„Тик ток“ е казнет со 530 милиони евра во Европската Унија поради непочитување на прописите за заштита на податоците на корисниците.
Највисокиот регулатор за заштита на податоци на ЕУ ја казни платформата „Тик-ток“ со 530 милиони евра поради загриженост за тоа како ги заштитува личните податоци на корисниците.
Регулаторот исто така ѝ наложи на платформата да го суспендира преносот на податоци во Кина доколку обработката на податоци не се усогласи со законите на ЕУ во рок од шест месеци, објави „Ројтерс“. Ирската комисија за заштита на податоците (DPC) соопшти дека „Тик-ток“, кој е во сопственост на кинеската компанија „Бајт денс“, не може да докаже дека личните податоци на корисниците од ЕУ се соодветно заштитени во согласност со законите на ЕУ.
„Тик-ток“ објави дека ќе поднесе жалба на пресудата тврдејќи дека ја користел законската рамка на ЕУ, особено стандардните договорни клаузули, за да овозможи строго контролиран и ограничен далечински пристап.
Економија
Народната банка ја додели годишната награда за млади истражувачи за 2025 година

По повод денот на монетарната самостојност, Народната банка традиционално ја додели Годишната награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банките и банкарските системи. Добитничка на првата награда за 2025 година е Јасна Тоновска, асистентка и докторантка на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, за трудот со наслов „Волатилноста на меѓународните финансиски текови: импликации за македонската економија“.
Во трудот се посочува дека изразената променливост на меѓународните финансиски текови носи ризици за економските остварувања во земјата, особено на среден рок, при што се заклучува дека макропрудентните мерки претставуваат ефикасен инструмент за ублажување на негативните ефекти од оваа променливост, којашто станува особено изразена по 2020 година, како резултат на засилената светска неизвесност и сѐ поголемите геополитички тензии.
По повод доделувањето на наградата, во Народната банка се одржа средба со наградената истражувачка, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и Одборот за оценување трудови составен од вицегувернерката Ана Митреска (претседателка) и членовите Султанија Бојчева-Терзијан, директорка на Секторот за монетарна политика, истражување и статистика и Мите Митески, помошник на вицегувернерот, како и вицегувернерите Емилија Нацевска и Фадил Бајрами.
На средбата се разменија мислења за наградениот труд и за значењето на истражувачката работа при носењето политики засновани на докази. Акцентот беше ставен на важноста на поддршката што Народната банка им ја дава на младите истражувачи заради унапредување на истражувачката дејност во земјата. Имено, во изминатите деветнаесет години, токму преку оваа награда, Народната банка активно придонесува за поттикнување на истражувачката активност на младите во областа на макроекономијата и банкарството, со што се зголемува нивниот научен придонес со практична вредност при носењето на политиките.
Според традицијата, наградениот труд ќе биде презентиран на некоја од следните сесии на Клубот на истражувачите на Народната банка, којшто функционира како платформа за развој на истражувачката мисла и мрежа за поврзување на експертите од овие области.
Доделувањето на наградата е дел од одбележувањето на 33-годишнината од монетарното осамостојување и формирањето на Народната банка. Постојаното јакнење на институционалните и истражувачките капацитети ѝ овозможи на Народната банка да се издигне како реномирана и кредибилна институција на меѓународно ниво, со голем придонес во обезбедувањето на макроекономската и финансиската стабилност во земјата.
Свет
Пресврт во трговската војна – САД побараа разговори со Кина

Соединетите Американски Држави се обратија до Кина за да побараат разговори за царините од 145 проценти што ги воведе претседателот Доналд Трамп, а вратата на Пекинг е отворена за разговори, соопшти утрово кинеското Министерство за трговија сигнализирајќи потенцијално ублажување на трговската војна.
„САД треба да бидат подготвени да преземат мерки за да ги исправат погрешните практики и да ги откажат едностраните царини“, соопшти Министерството за трговија додавајќи дека Вашингтон мора да покаже искреност во преговорите.
„Обидот да се искористи разговорот како изговор за принуда и изнуда нема да функционира“, соопшти Министерството за трговија.
Пекинг отворено го изрази својот гнев поради царините за кои вели дека не може да го запрат подемот на втората по големина економија во светот. Тој го фокусира својот гнев на поттикнување на јавната и глобалната осуда на американските ограничувања за увоз.
„Кина сака да се сретне и да разговара за трговија, а разговорите ќе следуваат набргу“, изјави синоќа американскиот државен секретар Марко Рубио за „Фокс њуз“.
„Нашиот министер за финансии Скот Бесент е вклучен во овие напори и нивните дискусии ќе следуваат набргу“, рече тој додавајќи дека прашањето е колку САД треба да купуваат од Кина во иднина.
Трамп завчера изјави дека верува оти постои многу голема шанса неговата администрација да постигне договор со Кина.
Тој го изјави ова неколку часа откога кинескиот претседател Шји Џјинпинг ги повика официјалните лица да преземат мерки за приспособување кон промените во меѓународната средина, без конкретно да ги спомене САД.