Македонија
СДСМ: Власта свесно создава психоза за идни тензии и насилства

Опозициската СДСМ денеска обвини дека власта свесно создава психоза за идни тензии и насилства.
„На македонската јавност и е јасно како ден дека коалиционите партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се единствените провокатори, креатори и менаџери на меѓуетничките тензии за нивни дневно-политички потреби. Во обид да ја прикрие својата одговорност, власта, преку своите медиуми, со дрски лаги и измислици сака да ја префрли вината на некој друг. Воедно, со грубите лаги, владините медиуми свесно создаваат психоза за идни тензии и насилства“, изјави потпретседателката на СДСМ, Ана Павловска Данева.
СДСМ повторно побара да бидат разрешени министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, заменик министерот за внатрешни работ, Џевад Бучи, и директорот на Управата за културно- историско наследство, Паско Кузман.
Тие сметаат дека коалиционите партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ дозволиле сериозно да се загрозат меѓуетничките односи.
„Наместо тоа, ВМРО-ДПМНЕ сопственото шерифско однесување го надгради и прошири со шерифско однесување на својот коалиционен партнер и пропагандата на своите медиуми. Со ваквиот неодговорен однос, коалиционите партнери, дозволија сериозно да се загрозат меѓуетничките односи кои се столб за стабилноста на Македонија“, истакна Павловска Данева.
Партијата упати повик до граѓаните на разумност, на воздржаност и како што рече потпретседателката да не дозволат нивниот реален соживот да биде миниран заради нечии партиски или дневно-политички интереси./крај/бд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Разрешен директорот на Клиниката за неврологија, проф. д-р Игор Кузмановски

Министерството за здравство информира дека министерот Азир Алиу денес донесе решение за разрешување на директорот на ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија, проф. д-р Игор Кузмановски.
„Во најкраток рок ќе биде именуван нов директор согласно законските процедури. Работата на Клиниката продолжува непречено“, известува Министерството за здравство.
Македонија
Завршена регионалната програма за сертификација на службени кучиња за мириси на производи

Во рамки на проектот „Поддршка на националните власти на државата во намалувањето на ризикот од пролиферација и злоупотреба на мало и лесно оружје“, успешно беше завршен процесот на Регионалната програма за сертификација на службени кучиња за мириси на производи – значаен чекор во зајакнување на регионалната безбедност и борбата против транснационалниот криминал.
На свеченоста по повод завршувањето на обуката, директорот на Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи, Александар Јанев, им додели дипломи на учесниците, нагласувајќи дека оваа програма претставува симболично, но и суштинско градење на мостови помеѓу институциите од целиот регион.
„Со шест модуларни обуки и создавање тимови подготвени да бидат на првата линија во борбата против криминалот, Регионалниот К9 центар се етаблира како водечка точка за обука и сертификација. Заедно вложуваме во безбедноста, стабилноста и иднината на регионот,“ истакна директорот Јанев.
Проектот е реализиран со поддршка на ОБСЕ, ФРОНТЕКС и донаторите, чија соработка и ангажман беа клучни за успешната имплементација на програмата.
Со ваквите активности, Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедност ја потврдуваат својата посветеност на континуираното унапредување на капацитетите за справување со организиран и транснационален криминал, како и зајакнување на регионалната безбедносна соработка.
Македонија
Времето утре: променливо облачно со сончеви периоди

Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен, а вдолж Повардарието и во источните делови засилен северен ветер. Во североисточните подрачја ќе има услови за локален слаб дожд. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 12, а максималната ќе достигне од 11 до 21 степен.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Времето во наредните денови
До вторник времето ќе биде претежно стабилно со дневни температури малку под просекот за овој период од годината. Кон средината на следната седмица под влијание на влажна и посвежа воздушна маса ќе има услови за локални врнежи од дожд и опаѓање на дневната температура за неколку степени.