Македонија
Се чека клиничка потврда дали детето од Прилеп има западнонилска

Петгодишно дете со симптоми слични на западнонилска треска е хоспитализирано на Детската клиника веќе десет дена и е во стабилна состојба, потврди денеска доктор Филип Дума специјалист невролог при Детската клиника.
„Дијагнозата сè уште не е потврдена. Наодите од лабораториите се во склоп на западнонилски енцефалит, но треба да имаме и клиничка потврда. За среќа детето веќе десетти ден е на клиника и се опоравува, вели др. Филип Дума.Директорката на Универзитетската Клиника за детски болести Аспазија Софијанова истакна дека како клиника се секогаш подготвени на најлошите работи, независно во каква состојба ќе дојде детето.„Иако е овој временски период не смееме да исклучиме секаква можна кондиција и секаква можна болест“, рече Софијанова која изрази задоволство од лекарскиот тим на клиниката кој вели навреме ги препознава и навреме ги дијагностицираат болестите.Во меѓувреме, Гоце Ингилизов, директорот на Центарот за јавно здравје од Прилеп информира дека првично е потврдено дека детето кое е хоспитализирано на Детската клиника на 20 јануари е со позитивен наод на западнонилска треска (West Nile Virus).„Во тек е испитување на втор серум, заради следење на динамиката на титарот на антитела и утврдување на фазата на болеста“, информира Ингилизов.Лекарите со укажување дека западнонилската треска како заболување не е опасно за популацијата и нема потреба од паника. Многу поопасно од ова заболување кое не остава последици, велат е грипот, а главна популација која страда се мали деца и возрасни луѓе.Доктор Филип Дума апелира да не се жигосуваат пациенти кои биле заболени од ова вирусно заболување, бидејќи тоа не се пренесува од човек на човек, туку од комарец на човек./крај/миа
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Граѓаните да бидат внимателни и да не отвораат сомнителни пораки, апелира МВР

Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека до неколку граѓани и правни лица, од страна на сторители што лажно се претставуваат во име на МВР и ЕВРОПОЛ, се упатени лажни покани во врска со наводна тековна истрага.
„Апелираме до граѓаните да не наседнуваат на ваквите измами, а Секторот за компјутерски криминал при МВР веќе презема соодветни мерки и активности за законско санкционирање на сторителите“, велат од МВР.
Секторот за компјутерски криминал апелира до граѓаните и правните субјекти да не отвораат прикачени документи во прилог на пораки што не доаѓаат од верификувани и за нив познати испраќачи, да не наседнуваат на измами од ваков тип и правните субјекти да преземат соодветни мерки за заштита на нивните компјутерски системи од потенцијален малициозен софтвер во согласност со нивните интерни процедури за сајбер-безбедност.
Македонија
Бизнисменот Асмир Јахоски нуди еден милион евра гаранција да излезе од притвор

Бизнисменот Асмир Јахоски понудил еден милион евра гаранција за да излезе од притвор. Тој е осомничен за перење пари. Обвинителството соопшти дека ќе ја прифати гаранцијата ако на посебна сметка на судот Јахоски депонира дополнителни 72.000.000 денари.
„Во мислењето јавниот обвинител истакна дека предлогот на осомничениот за укинување на мерката притвор и нејзина замена со мерка гаранција во недвижен имот со проценета вредност од 60.672.235 денари може да биде основан само ако осомничениот во исто време на посебна сметка на судот дополнително депонира и износ од 72.000.000 денари. Во конкретниот предмет, според доказите со кои располага Обвинителството, износот од 72.000.000 денари одговара на вкупниот износ на противправно стекнатата имотна корист на овој осомничен, од кој во понатамошна постапка би можело да се наплати евентуалното оштетно побарување“, се наведува во соопштението.
Исто така, јавниот обвинител побарал од судот на осомничениот да му бидат определени и мерки на претпазливост, и тоа забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска повремено да се јавува на определено службено лице или надлежен државен орган и привремено одземање на патната или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање.
„Притоа, обвинителот ги имаше предвид и списите во предметот, како и фактот дека Обвинителството во меѓувреме обезбеди поголем дел од материјалните и вербалните докази, со што значително е намален ризикот дека тој би можел да ги скрие, фалсификува или уништи трагите на кривичното дело или дека ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоци. Во согласност со даденото мислење, само со определување на сите погоренаведени мерки, Обвинителството ќе смета дека се исполнети условите за укинување на претходно изречената мерка притвор“, велат од Обвинителството.
Македонија
РЕК „Битола“ ги уверува граѓаните дека квалитетот на воздухот не е нарушен

Во врска со неодамнешните реакции во јавноста за наводите за несоодветно одлагање на пепелта во РЕК „Битола“, АД ЕСМ, подружница РЕК „Битола“, ја информира јавноста за преземените мерки и за континуираните напори за еколошки одговорно работење.
Од таму додаваат дека иако присуството на прашина при поинтензивен ветер е позната појава во изминатите децении поради специфичниот процес на производство, транспортот и одлагањето на пепелта преку 3,7-километарска лента, РЕК „Битола“ активно работи на нејзино минимизирање.
Појаснуваат дека пепелта, како нуспроизвод од производството на електрична енергија, се третира со континуирано навлажнување, проследено со одлагање и засипување со земја.
„Сепак, високите температури и ветерот може да доведат до сушење на површинскиот слој и евентуално подигнување прашина при нејзиното спуштање во касетата.
На 26 март 2025 година Државниот инспекторат за животна средина изврши надзор на одлагалиштето за пепел во РЕК „Битола“. При увидот беше констатирано присуство на поголеми количини пепел, кои отстапуваат од пропишаните во главниот рударски проект за што беше издадено задолжение во рок од 30 дена количините да бидат соодветно одложени и посипани со земја. Инспекторатот не изрече санкции, што укажува на препознавање на напорите на комбинатот за решавање на ова прашање.
Со задоволство информираме дека денес на одлагалиштето што беше предмет на инспекцискиот надзор нема ниеден грам пепел. Целата количина е одложена, а теренот е целосно посипан со земја.
Во насока на долгорочно решение веќе е извршено планирање и поместување на транспортната лента, со што од 25 април одлагањето на пепелта ќе продолжи директно во касета. Водните топови за дополнително навлажнување ќе бидат ставени во функција веднаш по поместувањето на лентата. Дотогаш попрскувањето на одложената пепел се врши континуирано со специјални средства и цистерна“.
Дополнително, како што велат, ги споделуваат и резултатите од мерењата на амбиенталниот воздух спроведени од страна на акредитираната лабораторија „Технолаб“ од Скопје.
„Во согласност со добиените податоци, констатирано е дека во испитуваниот период не е надмината 24-часовната гранична вредност за заштита на човековото здравје за концентрацијата на суспендирани цврсти честички PM 10 во согласност со уредбата за граничните вредности за нивоата и видовите загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух (‘Сл. весник на РМ’ бр. 50/2005 и 183/2017).
Актуелното раководство на РЕК ‘Битола’ е целосно посветено на справување со долгогодишните проблеми и обезбедување одржливо работење на комбинатот според највисоките еколошки стандарди. Ќе продолжиме транспарентно да ја информираме јавноста за сите наши активности во оваа насока“, нагласуваат во соопштението.