Свет
СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА под лупа на државниот ревизор
Државниот завод за ревизија ќе го испитува финансиското работење во минатата година на четирите најголеми политички партии СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА. Тие партии влегле во програма на Државниот ревизор за 2005 година.
Александра М. Митевска
Државниот завод за ревизија ќе го испитува финансиското работење во минатата година на четирите најголеми политички партии СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА. Тие партии влегле во програма на Државниот ревизор за 2005 година.
Мијалче Дургутов, одговорен за односи со јавноста во ДЗР, вели дека политичките партии првпат се под лупа на државната ревизија, бидејќи пред неколку месеци беше донесен Законот за финансирање на политичките партии, со кој се предвидува надзорот над финансиско-материјалното работење на партиите да го вршат Министерството за финансии и Државниот завод за ревизија.
– Во текот на годинава ќе се анализира целокупното нивно финансиско работење, вклучително и финансирањето на изборните кампањи – вели Дургутов.
Меѓу критериумите за ревизија се задолжителноста, предвидена со законот за државна ревизија, степенот на ризичност, обемот на јавните средства, барањата на надлежните органи и правни субјекти, сознанијата или индициите за незаконско и ненаменско трошење на јавните средства, обезбедување соодветна застапеност на правните субјекти.
СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА имаа свои кандидати на претседателските избори во април 2004, а водеа кампања и за референдумот.
Четирите партии, во согласност со законската обврска, поднеле извештаи за финансирањето на кампањата до антикорупциската комисија.
– Тие извештаи содржеа само податоци колку средства се потрошени, без да се наведе изворот на финансирање. Така, комисијата практично не можеше да ги скенира извештаите, бидејќи нема механизам за да се провери нивната веродостојност. Вистинска контрола врз финансиското работење на политичките субјекти може да се воспостави само ако Државниот ревизор ја преземе работата во свои раце – велат нашите соговорници.
Лани имаше и референдумска кампања, во која беа вклучени повеќе партии, а ниту една не поднела извештај за нејзиното финансирање до антикорупциската комисија.
– Партиите не поднесоа извештај за референдумот, бидејќи во тој случај законот не предвидуваше класична кампања. По претседателските избори партиите поднесоа извештаи за финансирањето на кампањата, бидејќи комисијата е должна да ги изанализира тие извештаи и да се изјасни ако се утврдат евентуални злоупотреби. Во прв план е да се утврди дали во кампањата се злоупотребени буџетски пари, а потоа извештајот се доставува до Собранието – објаснува Драган Малиновски, претседател на антикорупциската комисија.
Според изборната регулатива, партиите во текот на изборната кампања може да потрошат најмногу по 15 денари од запишан гласач. Потоа дел од тие средства се надоместува од државниот буџет во висина од 15 денари по освоените гласови на изборите. Според таа математика, една партија на овие избори би можела да потроши околу 400 илјади евра. Бидејќи станува збор за локални избори, таа сума ќе се подели според бројот на гласачите во општините во кои партијата има кандидати. Така, на пример, кандидатите за скопски градоначалник може да потрошат по околу 100 илјади евра. Меѓутоа, уште во првата половина од кампањата партиите почнаа да се обвинуваат меѓусебе дека е надмината законски дозволената сума и дека се направени низа неправилности во финансиското работење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Се бараат оставки поради трагедијата во Домот за пензионери
Голем број граѓани на Тузла денеска излегоа на улиците на градот и одржаа протест, изразувајќи го своето незадоволство поради трагедиите и скандалите што го погодија Тузланскиот кантон.
Пожарот што избувна во вторникот во Домот за пензионери во Тузла однесе 13 животи, а 12 пациенти сè уште се наоѓаат во болница. Како што беше утврдено, жртвите починале од труење со јаглерод моноксид.
Една седмица претходно, Тузланскиот кантон го потресе случајот со подведување малолетнички, за што се осомничени полициски службеник и еден професор. Нивното подведување траело неколку месеци во текот на минатата и оваа година.
Присутните граѓани од Тузла, но и оние кои допатуваа од други градови на Босна и Херцеговина, денеска побараа оставки од надлежните.
Свет
Три девојки планирале терористички напад во Париз
Девојки на возраст од 18, 19 и 21 година, беа уапсени и обвинети за терористичка завера и планирање напад во Париз, соопштија денеска истражните органи.
Како што е наведено, тие неколку недели планирале насилен терористички напад врз кафуле или концертна сала во Париз, јави РТЛ.
Апсењето и обвинението против трите жени е резултат на истрагата на Националното обвинителство за борба против тероризмот, која беше успешно завршена пред 10-годишнината од смртоносниот терористички напад на 13 ноември 2015 година во Париз.
Свет
Се запали магацин за парфеми во Турција, загинаа шест лица
Најмалку шест лица загинаа, а две се повредени во пожар што утрово избувна во магацин за парфеми во градот Диловаси, во северозападниот дел на Турција.
Според снимките што ги емитуваше турскиот канал НТВ, изгореле два ката од зградата во која се наоѓале магацинот и работилницата за производство на парфеми.
Засега нема информации за тоа што го предизвикало пожарот.

