Македонија
СДСМ: Груевски е виновен за 120те работници од битолска пивара
Од СДСМ денеска го обвинија премиерот Никола Груевски дека е виновен за неисплатените плати и неплатени придонеси за пет години на 120 работници од Пивара Битола. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека тоа се дезинформации.
Од СДСМ денеска го обвинија премиерот Никола Груевски дека е виновен за неисплатените плати и неплатени придонеси за пет години на 120 работници од Пивара Битола. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека тоа се дезинформации.
„Врз основа на Договор за продажба на акции на ден 29.02.2000 година, Република Македонија претставувана од тогашниот министер за финансии Никола Груевски во крајно сомнителна процедура му продава 75,62% од вкупниот акционерски капитал на Пивара Битола на лицето Ахмет Искендер од Швајцарија. Договорената продажна цена е 3.769 денар по акција или вкупно 1.620.000 евра“, рече Јани Макрадули од СДСМ на денешната прес-конференција.
Макрадули образложи дека потоа се зосновала хипотека врз недвижниот имот на Пивара Битола на фирмата Кенри ГМБХ од Швајцарија во која како што рече тој, како содружник се јавува Ахмет Искендер.
Според него хипотеката требало да се заснова на име Република Македонија.
Потоа изјави Макрадули фирмата се продала на МАРДИ ДОО од Радовиш за цена од 1,640 милион евра.
„Поради малверзациите направени во изминатите години, МАРДИ купува фирма без товари, а доверителите заради криминално заснованата хипотека немаат никаква можност да си ги намират побарувањата во висина од речиси 5 милиони евра. Меѓу нив најголем доверител е Министерството за финансии со 4,8 милиони евра“, рече Макрадули.
Според него продажбата на пиварата е финиш на како што рече штетниот договор кој го има потпишано Груевски.
„Груевски го премолчел неправилното засновање на заложно право-хипотека со кое Република Македонија е оштетена за скоро 5 милиони евра. Фактот дека хипотеката е воспоставена десетина дена по губењето на изборите во 2002 година за нас не е воопшто случајност“, изјави Макрадули.
Тој рече дека очекуваат надлежните органи да одговорат како државата ќе ги наплати побарувањата на Министерството за финансии, ПИОМ, Агенцијата за вработување и Царинската управа.
Од ВМРО-ДПМНЕ, велат дека СДСМ во периодот од 2002 до 2006 година кога биле на власт добро го провериле овој случај , но не нашле никакво незаконско работење.
„Откако не успеа во тоа, денес со невистини СДСМ се обидуваат да ја дезинформираат јавноста. СДСМ за се што се случувало во минатото го обвинуваат Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, но тоа е со цел за да го затскријат своето катастрофално владеење со Македонија, секој криминал и злоупотреба кој го направија“, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Бичиклиски./крај/бд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерство за здравство: Активиран модул за изразување интерес за соработка на лекари од странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

