Македонија
„Политика“: Трансплантацијата на органи се вршела и во болницата во Скопје?
Хируршките зафати над жртвите на трговијата со органи за време на воениот период на Косово од 1998 до 1999 година биле изведувани во здравствените домови и болниците во Албанија, покажува истрагата на српското обвинителство за воени злосторства, пишува денешна „Политика“, а јавува Бета.
Весникот пишува дека како еден од доказите, српското обвинителство ја наведува изјавата на шефот на одделението за трансплантација на клиничко-болничкиот центар „Мајка Тереза“ во Тирана, Сулејман Кодра.
Тој за „ТВ Топ њуз“ од Тирана изјави дека во таа болница се забележани случаи на пресадување органи од непознати донатори, но дека хирурзите може да се сметаат одговорни за тоа.
Обвинителството за воени злосторства на Србија дошло и до информации за бројот на пациенти со тешка инсуфициенција на бубрези кој за време на воениот период на Косово биле на третман во Албанија и Македонија.
Во клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Тирана во текот на 1999 година биле примени 75 пациенти од Косово додека во Универзитетската болница во Скопје со дијагноза тешка инсуфициенција на бубрези биле примени 70 пациенти од Косово и Метохија, пишува „Политика“.
Во Тирана биле направени неколку пресадувања на бубрези. Во истата болница од 75 пациенти биле задржани 35, додека останатите биле пренесени во Италија (25), Австрија (15), каде чекале на пресадување.
Како што пренесува белградскиот весник, за потребите на вадење на органите користени биле и дел од болниците во касарната „Бајрам Цури“, здравствениот дом во фабриката „Кока – Кола“ во Тирана, невропсихијатриската болница во затворот број 320 во местото Бурељ и приватната куќа адаптирана во болница во близина на местото Тропоја, озлогласената „жолта куќа“.
Покрај локациите, српското обвинителство располага со податоци дека постоел и илегален затвор во рудникот Дева, кој се наоѓа во пограничниот дел меѓу Косово и Албанија, едниот крај на тунелот е на Косово, а другиот во Албанија.
Обвинителството за воени злосторства дошло до овие податоци со истрагата на случајот „33-08“, под работен наслов „Трговија со човечки органи“.
Предметот е отворен пред две години, за да се проверат тврдењата кои поранешната главна обвинителка на Хашкиот трибунал, Карла дел Понте ги изнесе во својата книга.
„Политика“ наведува дека постои сомнение дека масовни гробници се наоѓаат во близина на Тропоја, во рудникот Дева од албанската страна и во близина на т.н. жолта куќа, наведува „Политика“./крај/бета/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност и температура до 20 степени
Утре, сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 14 до 20 степени.
Во Скопје, ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност. Во утринските часови по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла. Во четврток се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, особено во попладневните часови и во текот на ноќта.
Македонија
Тошковски – Хани: Зајакнување на антикорупциските механизми и унапредување на регионалната соработка
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна средба со директорот на Секретаријатот на Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ), Алберт Хани, на која беа разгледани можностите за продлабочување на соработката во насока на зајакнување на институционалните капацитети за спречување на корупцијата.
Во фокусот на разговорите беа обуките за изработка на Национална проценка на ризик од корупција и антикорупциската проверка на законодавството во областа на внатрешните работи, при што беше истакната активната улога на Македонија како потписничка на Меѓународниот договор за размена на податоци за проверка на изјавите за имотна состојба. На средбата беше нагласено дека нашата држава претставува водечки пример и референтна точка за земјите кои сè уште не пристапиле кон овој механизам.
Тошковски ја потенцираше важноста од системски пристап во детектирањето и намалувањето на ризиците од корупција во безбедносниот сектор, како и значењето на регионалната соработка и размената на искуства.
„Борбата против корупцијата е еден од нашите врвни приоритети. Преку зајакнување на интегритетот на институциите, унапредување на законодавната рамка и користење на современи механизми за проценка на ризици, создаваме систем во кој корупцијата станува сè потешка, поскапа и неисплатлива. Поддршката и експертизата на РАИ во овој процес имаат значајна улога, а Министерството за внатрешни работи останува силно посветено на развој на ефикасни и одржливи антикорупциски политики“, истакна Тошковски.
На средбата беа разгледани и конкретни можности за идна соработка преку заеднички активности, обуки и проекти насочени кон јакнење на превентивните и репресивните механизми во справувањето со корупцијата.
Македонија
Наредена ексхумација на уште една жена, можна жртва на 25- годишникот од Малотино осомничен за сериски убиства
Во наредните денови ќе биде направена уште една ексхумација на жена за која постојат сомневања дека е жртва на 25-годишниот овчар Трајко Бојковски од селото малотино, Старо Нагоричане, осомничен дека е серириски убиец. Обвинителството ја прошири истрагата за уште едно кривично дело – убиство, за кое е предвидена казна доживотен затвор, извести денес обвинителот Љубомир Лапе.
Обвинителството веќе обезбеди докази за две убиства и еден обид за убиство со ДНК анализи кои посочуваат кон 25-годишникот, кој е во притвор. Сите жртви се од истиот регион и според Обвинителството, нема докази за сексуално насилство. Дадени се наредби за психијатриско вештачење на осомничениот и сè уште не е утврден мотивот за убиствата.
За расчистување на случајот дадени се наредби на МВР да ги извади сите можни пријави, поплаки, телефонски јавувања, очевидци за настаните поврзани со осомничениот кој од СВР Куманово веќе има кривична пријава за две тешки кражби.
Кумановската обвинителка Теута Рамдани потсети дека истрагата за Бојковски почна по пријава од 83- годишна жена која успеала да преживее напад од осомничениот.

