Свет
Рација во Кина по повторната појава на млеко со меламин

Кина започна итна десетдневна рација за откривање на неисправни млечни производи, откако неодамна повторно беше откриен меламин во млеко, слично како во 2008-ма година.
Кина започна итна десетдневна рација за откривање на неисправни млечни производи, откако неодамна повторно беше откриен меламин во млеко, слично како во 2008-ма година. Инспекцијата започна по пронаоѓањето на траги од меламин во млеко што се продавало во Шангај и уште неколку градови. Оваа хемиска супстанца беше причина за смртта на најмалку шест бебиња, а кај 300.000 беа констатирани сериозни здравствени проблеми. Кинеските власти дополнително ќе испитуваат колкаво количество млеко е се уште во продажба. На терен веќе се осум надзорни екипи и проверки ќе се вршат во 16 покраини. По скандалот пред две години, Кина вети поголема контрола на квалитетот на храната што е во продажба. /крај/хи/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп му постави ултиматум на Путин; Аналитичарите: Санкциите би можеле да им наштетат на САД

Американскиот претседател Доналд Трамп го заострува притисокот врз Русија, воведувајќи нов ултиматум, односно 50 дена за прекин на огнот во Украина, со закана од секундарни тарифи до 100 проценти за земјите што продолжуваат да купуваат руски енергетски производи, пишува DW News.
Во исто време, тој најави дополнителни испораки на американско оружје за Украина, со финансиска поддршка од сојузниците на НАТО како што се Германија, Норвешка и Велика Британија. Но, воените аналитичари предупредуваат дека оваа промена на насоката може да биде краткотрајна.
„Ќе воведеме царини до 100 проценти ако Русија не се согласи на прекин на огнот во рок од 50 дена“, рече Трамп, таргетирајќи земји како Кина и Индија кои продолжуваат да купуваат руска нафта и гас.
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус потврди дека Германија е подготвена да финансира дополнителна помош за Украина: „Зборуваме за една милијарда евра за еден комплетен систем „Патриот““, рече Писториус по состанокот во Пентагон.
„Ова е навистина голема работа“, рече генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, коментирајќи ја подготвеноста на Трамп да испорача американско оружје доколку европските сојузници го финансираат. „Ова значи дека Украина добива голема количина нова воена опрема, за воздушна одбрана, но и во форма на дополнителни ракети и муниција“, додаде Руте.
Аналитичарите се скептични во врска со трајноста на промената на курсот на Трамп
„Веќе видовме серија ултиматуми од Трамп кои не ја променија ситуацијата“, рече Џенифер Кавана од вашингтонскиот тинк-тенк „Defense Priorities“. „Санкциите што Трамп се заканува дека ќе ги воведе би можеле да нанесат поголема штета на американската економија отколку на која било друга“, предупреди Кавана, додавајќи дека Трамп „се предомислува речиси секоја недела“.
За најавените испораки на оружје, таа рече: „Се надеваме дека системите за воздушна одбрана „Патриот“, доколку брзо пристигнат во Украина, барем ќе ги заштитат цивилните објекти и ќе спасат животи“. Но, таа исто така посочи на важна политичка промена: „Со објавувањето на нов начин за помош на Украина, Трамп ја прави оваа војна своја војна“. Тоа, рече таа, би можело да му го отежни повлекувањето на помошта за Киев во иднина.
„Општо земено сум претпазлив со ваквите прогнози или очекувања“, рече Писториус, одговарајќи на прашање од германски новинари дали ова е пресвртница во политиката на Трамп. „Но да, можно е – особено ако по 50 дена овие санкции навистина се воведат и ако покажат ефект. Сега многу зависи од многу луѓе ширум светот да влијаат врз Путин и да го натераат да ја промени својата политика“, додаде тој.
Свет
Фицо: Ако сакате да живеете со волци, мора да завивате со нив

Словачкиот премиер Роберт Фицо изјави дека Европската комисија ѝ понудила на неговата земја гаранции во врска со планираното прекинување на испораките на руски природен гас во ЕУ во замена за гласање за 18-тиот пакет-санкции против Русија.
Фицо објави дека ќе испрати писмен предлог на ЕУ до лидерите на сите политички партии во Словачка и дека чека нивен одговор, но не ги прецизира деталите за овие гаранции, пренесува TASR.
Тој потсети дека Словачка нема да гласа за пакет-санкциите, кој бара едногласна поддршка од сите земји членки на ЕУ, освен ако Комисијата не ѝ даде барем минимални гаранции за тоа како да се справи со последиците од нејзиниот демагошки и штетен предлог за запирање на протокот на руски гас од 1 јануари 2028 година.
„Опсесијата со Русија е толку голема што немаме шанса да извршиме притисок врз Комисијата да го повлече својот предлог за гасот. Да не зборуваме дека ЕК ќе го протурка овој предлог, дури и ако гласаме против него сто пати, што го сакаме. Никогаш нема да гласаме за оваа лудост на Комисијата“, објави словачкиот премиер.
Фицо исто така изјави дека спорот не може да се добие со 100 % резултат, но не може ниту да се изгуби.
„Ако сакате да живеете со волци, мора да завивате со нив. Ова е, за жал, суровата реалност на сегашната Унија. Затоа мора да се бориме до крај за прифатлив компромис“, рече премиерот на Словачка.
Тој истакна дека гласањето за 18-тиот пакет-санкции треба да се одржи денес или во наредните денови.
„И покрај фактот дека многу би сакал што побргу да го завршам ова тажно поглавје од работата на ЕК, сепак ја задржувам опцијата дека нема да го поддржиме 18-тиот пакет-санкции. Ова ќе биде циркус и уцена за европски средства и обид за соборување на легитимната словачка влада и нејзина замена со послушна Словачка. Но, дури и ваквите самодеструктивни битки понекогаш имаат длабоко морално значење“, рече Фицо.
Во јуни Европската комисија го претстави својот 18-ти пакет-санкции, кој вклучува нови ограничувања за рускиот енергетски и банкарски сектор. Санкциите важат и за трансакции поврзани со проектот „Северен тек“.
Словачка бара компензација од ЕК или исклучок од мапата на патот RePower на ЕУ за постепено отстранување на руските енергетски извори во замена за поддршка на 18-тиот пакет-санкции против Русија.
Свет
Германскиот министер за одбрана со порака до производителите на оружје: Престанете да се жалите и произведувајте

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус им порача на производителите на оружје да престанат да се жалат и да преземат одговорност за постигнување на целта за зајакнување на европската одбрана.
Во интервју за „Фајненшл тајмс“ тој рече дека владата веќе инвестирала стотици милијарди евра и дека индустријата сега мора да ги исполни очекувањата.
Германија планира да ги зголеми годишните трошоци за одбрана на 162 милијарди евра до 2029 година, што е за 70 % повеќе од оваа година.
Писториус призна дека сè уште има доцнења во испораките и ја нагласи потребата од зголемување на капацитетот во производството на муниција, беспилотни летала, тенкови и друга опрема.
Тој исто така ги отфрли предлозите за заедничко задолжување на ЕУ за воени цели критикувајќи ја идејата одговорните земји да плаќаат за неактивноста на другите.
Зборувајќи за помошта за Украина, тој потврди дека Германија нема да испрати дополнителни системи „Патриот“, ниту ракети „Таурус“, бидејќи сопствените резерви се премногу ниски.
Писториус најави долгорочни договори за снабдување со воена опрема за да се обезбеди редовна модернизација и ја потврди поддршката за испраќање постојана германска бригада во Литванија.
Тој истакна дека балтичките земји и Полска се новото источно крило на НАТО и дека Германија мора да биде подготвена да одговори на заканите, вклучително и директна борба со Русија во случај на напад.