Македонија
Обилните снежни врнежи ќе преминат во замрзнат дожд

Обилни снежни врнежи што предизвикаа отежнато движење и застој во сообраќајот утринава ја зафатија целата земја, а се очекува на пладне да преминат во замрзнат дожд, информира Управата за Хидрометереолошки работи (УХМР)
Снегот почна да паѓа во еден часот по полноќ, а најпрво се забележани врнежи во југозападните делови од земјата поточно во Охридско -Преспанскиот регион и во Струга.И Скопје утринава осамна со снежна покривка што предизвика застој во сообраќајот, а градските власти информираа дека до 8 часот се фрлени 100 тони сол. Од Градскиот кризен штаб за одржување на улиците во зимски услови посочија дека денеска ќе вршат дополнителни интервенции на црните точки , како подвозници, мостови како и повисоките градски населби, Водно, Скопска Црна Гора.Засилено ќе се расчистуваат и приодите до јавните институции.Од Центарот за управување со кризи, пак информираа дека отсечени се неколку приградски линии на јавното сообраќајно претпријатие. Автобусот со број 58 наместо до Соње сообраќа до Припор, 65 наместо до Раштак оди до Тополче, 61 наместо до Побожје оди до каменоломот, а до крајните дестинации не сообраќаат ниту автобусите со број 65А, 60 и 67. Од Центарот информираа дека отежнато е движењето и кон населбата Радишани.Забрана за тешки товарни возила поради снегот има на планинскиот превој Стража, како и на патниот правец од Маврово кон Дебар. На скијачките центри се бележат интензивни врнежи од снег, а снежната покривка на Попова Шапка достигна над 50 сантиметри, во Маврово 40 сантиметри, а во Крушево 14 сантиметри.Од УХМР информираа дека во попладневните часови очекуваат продор на потопла воздушна маса, и благ пораст на температурите. Најниските температури утринава во осум часот се измерени во Гостивар -3 и во Крива Паланка -2, а во главниот град температурата се спушти еден степен под нулата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Денес гласаат 2.162 затворениците, болните и изнемоштени и лицата во старските домови

Почнува гласањето за Локалните избори 2025. Денеска, на ден пред одредениот датум за изборите гласаат 2.162 затворениците, лицата во домашен притвор, 8851 болни и немоќни лица и 442 лица во старските домови.
Во казнено – поправните домови, според Избирачкиот список, треба да гласаат 2162 затвореници. Најмногу глсачи има во КПД Идризово 938, во затворот во Шуто Оризари 391, во штипскиот затвор 237, во прилепскиот 119… Во своите домови ќе гласаат и лица кои се пријавиле за гласање а се во куќен притвор.
Членови на избирачките одбори денеска во нивните домови треба да посетат 8.851 болни и немоќни лица кои побарале и им било прифатено да гласаат. До ОИК пристигнале 9217 пријави за гласање на болни и немоќни лица, а прифатени беа само 8.851.
Во старските домови ќе гласаат 442 возрасни лица, наместо 450 лица. Бројката се намали за осум лица откако Министерството за социјална политика, демографија и млади, како што соопшти ДИК на седница пред неколку дена, извести дека старскиот дом Арија е затворен.
Во земјава утре ќе се одржат осмите локални избори од независноста на државата, а четврти на кои се избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје. Ќе се гласа на 3.474 избирачки места за 309 кандидати за градоначалници и 576 кандидатски листи за членови на општинските совети или за вкупно 10.490 кандидати.
На изборите учествуваат 22 партии, 19 коалиции и 119 групи на избирачи односно независни кандидатури.
Најмногу кандидати за градоначалници има за Градот Скопје – 16.
Право на глас на Локалните избори имаат 1.832.415 гласачи, од кои 1.717.803 во земјата додека останатите 112 илјади се запишани во посебниот Избирачки список со лица кои се иселени од државата. Гласање во дијаспората за локалните избори нема, но доколку лицата кои се на привремена работа или живеат во странство допатуваат во земјата ќе можат да го остварат своето право на глас.
Гласањето започнува во 7:00, а завршува во 19:00 часот.
Изборната кампања за Локалните избори 2025 заврши синоќа на полноќ кога почна молкот пред гласањето в недела на 19 октомври.
Правилата за изборен молк важат до 19 октомври во 19 часот.
Македонија
Од ноќеска на полноќ заклучно со 19:00 часот на 19 октомври е изборен молк

Од ноќеска на полноќ заклучно со 19:00 часот на 19 октомври е изборен молк. Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги соопшти дека за време на молкот, медиумите продолжуваат да известуваат за изборниот процес, но престануваат сите облици на изборно медиумско претставување, на учесниците во изборната кампања.
Според Изборниот законик, за прекршување на изборниот молк се смета емитувањето какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите, какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите, податоци со кои се открива идентитетот на политички субјекти и/или поединци вклучени во инциденти или неправилности на денот на гласањето; како и изјави од кандидати во изборниот процес, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта.
Македонија
Денес облачно време со врнежи од дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд со послаб интензитет. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 10, а максималната ќе достигне од 14 до 19 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 16 степени.
До вторник ќе преовладува претежно стабилно време, а во среда повторно се очекуваат локални врнежи од дожд.