Македонија
Охридското Езеро пред еколошка катастрофа
Повеќе од 750 литри во секунда отпадни води од канализација се влеваат во Охридското Езеро, а уште 550 литри во секунда непречистени води во реката Црн Дрим
Оваа еколошка закана е последица на зголемениот испуст на вода од Охридското Езеро во реката Дрим кај Струга, што доведува до прелевање на испустните цевки на Колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро, кои на одредени локации се наоѓаат на метар и половина под водостојот на Дрим. Директорот на Колекторскиот систем, Ваид Ајро, денеска за медиумите рече дека ваквата ситуација трае веќе 60 дена, што е алармантно, ваква појава е дозволена најмногу до 15 дена во годината, што значи дека само во двата изминати месеци од оваа година во езерото завршиле непречистени води колку за изминатите четири години.„Системот за пречистување не само што е излезен од функција заради покачениот водостој на Охридското Езеро, намерно или ненамерно тоа ќе се покаже, туку бевме приморани три пати да ја исклучиме целосно пречистителната станица во Враништа поради надојдените води од реката Дрим. Тоа не смее да се прави во никој случај бидејќи се пореметува системот за биолошко пречистување на отпадните води, процес за чие повторно обновување е потребен мошне долг временски период, така што пречистителната станица во моментов работи само со 30 отсто од капацитетот“, рече Ајро, кој предупреди дека доколку и натаму продолжи индиферентниот однос на државата кон Охридското Езеро се доведува во прашање функционалноста на овој скап инфраструктурен проект.На прес конференцијата што по повод алармантната состојба со Охридското Езеро, се одржа денеска, беше посочено дека локалните самоуправи на Охрид и Струга и МЈП „Проаква“ четири години наназад предупредуваат на проблемите со кои се соочува Колекторскиот систем, а последниот повик до надлежните државни институции бил упатен неодамна преку допис до Владата од 19 февруари.„Ова е сериозен проблем. Ние немаме начин како да алармираме за проблемот освен вака преку медиумите. Државата треба најсериозно да ги разбере нашите пораки, за да се седне на маса и да се најде долгорочно решение за проблемот со колекторот“, рече Петрески. Тој објасни дека во насока на решавање на проблемот е изградба на нова пречистителна станица со зголемен капацитет, осовременување на целиот систем, набавка на нови пумпи за зголемување на капацитетот, како и преземање на дел од одговорноста за трошоците за тековно функционирање и одржување на Колекторскиот систем од страна на државата.Локалните самоуправи на Охрид и Струга со забелешка на начинот на кој што централната власт се однесува кон Охридското Езеро како национално богатство заштитено со закон. Директорот на МЈП „Проаква“ Бранислав Трпчески, потсети на еколошката катастрофа со Дојранското Езеро кога државата презеде активности за негова ревитализација и заштита, таков е случајот со Преспанското Езеро и побара државата да нема дискриминаторски однос кон Охридското Езеро, односно сите државни ресурси да се вклучат во заштита на овој природен бисер.Независно што овој апел доаѓа во време кога привршуваат подготовките за претстојната летна туристичка сезона, сепак мора да се води сметка дека евентуално неповолните економски последици мора да бидат во втор план кога е во прашање заштита на екосистемот на Охридското Езеро, за што треба да се мобилизират сите расположливи ресурси на сите нивоа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во северозападните делови ќе има повремени врнежи од дожд, на планините од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 3 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 4 степени.
Времето во наредните денови
Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и на повисоките места од снег, а во пониските од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, а висината на снежната покривка дополнително ќе се зголеми.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер (над 60 km/h) и ќе има повремени локални врнежи од снег. Температурата ќе биде во опаѓање, а наместа дневната ќе остане под нула степени. Од вторник следува период на стабилно и суво време.
Македонија
Делови од Центар и Зелениково денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради дефект на затварач од ф – 100 мм на ул. 5 бр. 47 во село Моране, во периодот од 08.30 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат дел од корисниците од село Моране, општина Зелениково.
Од ЈП Водовод и Канализација исто така информираат дека поради уличен дефект на ул. Васил Ѓорѓов б.б – пред ОУ Киро Глигоров, во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат корисниците од улиците Васил Ѓорѓов, Адам Мицкиевиќ, дел од корисниците од улиците Киро Глигоров и Козара, како и објектот на заводот за физикална медицина и рехабилитација, општина Центар.
Македонија
Дел од Аеродром денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 11.00 часот, корисниците од улицата Тодор Чангов – крак 48. (општина Аеродром)

