Регион
Турција исполнила помалку од половината услови за укинување на визите
Турција исполнила помалку од половината услови за укинување на визите за нејзините граѓани кои патуваат во Европската унија, а за само малку повеќе од една седмица истекува рокот до кој треба тоа да го стори, предупреди во четвртокот во Европскиот парламент, претставничката на Европската комисија.
Европската комисија мора на 4-ти мај да поднесе извештај до земјите членки и до Европскиот парламент за тоа дали Турција ги исполнила условите за укинувањето на визите за турските државјани при патувањата во Европската унија. Како рок до кој Анкара тоа мора да го стори го одреди 30-ти април.
Марта Сиган, директорка на Заедничката управа на ЕК за миграции и внатрешни работи, изјави во Европскиот парламент дека Турција во целост или речиси во целост исполнила 35 од 72 услови. „Турските власти дефинитивно го забрзуваат спроведувањето на административните и правни реформи потребни за да се исполнат условите“, рече.
Европскиот парламент и сите 28 земји членки мора да го одобрат секое ублажување на визниот режим за Турција. Пратениците во текот на сослушувањето инсистираа дека визите за Турција би требало да бидат укинати само кога во целост ќе ги исполни сите критериуми.
Сиган рече дека Анкара мора да ја подобри размената на информациите за фалсификуваните документи кои се користат за патувања низ ЕУ, да издадат биометриски пасоши и да им одобрат пристап на својот пазар на трудот и во другите услуги на бегалците кои ги згрижила на својата територија, а кои не се Сиријци.
Турција, исто така, мора значително да го намали големиот број на нерешените барања за азил кој изнесува речиси 140.000, како и подобро да ги интегрира Ромите и да основа независно тело кое ќе следат дали турските власти го кршат спроведувањето на законите за човековите права. Од Турција се бара и да ги укине визите за државјаните на Кипар, членка на ЕУ, кој Анкара не го признава.
ЕУ и Турција се договорија во март дека Анкара треба да ги прими сите мигранти и бегалци кои илегално ќе пристигнат во Грција, вклучително и Сиријците, а за возврат ѝ е ветена двојно поголема финансиска помош од шест милијарди евра за бегалците, укинување на визите и забрзување на пристапните преговори.
Турција ги започна преговорите за пристапување кон ЕУ во 2005 година. Досега се отворени 14 од 33 поглавја, а само едно е привремено затворено. ЕУ во декември 2006 година одлучи дека нема да ги отвори преговорите во осум поглавја и дека нема да затвори ниедно поглавје додека Турција не ги нормализира односите со Кипар./крај/мф/сн
Извор: Reuters
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Ја уби својата партнерка, па нејзиното тело го скри во замрзнувач: српската полиција го фати 43-годишниот убиец
Полицијата во Лесковац го уапси Д. Д. (43) од Печењевац, осомничен за тешко убиство на својата 36-годишна партнерка. Тој е осомничен дека ја убил на 2 ноември во семејната куќа по што избегал. Одреден му е притвор до 48 часа и ќе биде приведен во Вишото јавно обвинителство во Лесковац со кривична пријава, пишува српски „Телеграф“.
Злосторството што ја потресе Србија беше откриено кога полицијата го пронајде телото на Катарина Глигориевиќ скриено во замрзнувач. Нејзиниот вонбрачен партнер Далибор Демировиќ веднаш беше осомничен за убиството.
Во времето на бегство Демировиќ наводно бил во домашен притвор со електронски мониторинг за друго кривично дело.
Тој бил ставен во домашен притвор за напад врз службено лице, полицаец, врз кого наводно фрлил ограда од тераса. Сепак, локалните жители се сомневаат во оваа верзија.
фото: принтскрин
Регион
Прогласена четиридневна жалост по трагедијата во Тузла
Тузла е обвиена во тага по вчерашниот пожар во дом за стари лица, во кој животот го загубија 11 мина. Поради оваа голема трагедија, една од најголемите во поновата историја на градот, градоначалникот Зијад Лугавиќ прогласи четиридневна жалост, што почнува денес, пишува „Кликс.ба“.
Голем број луѓе добиле со полесни и тешки повреди во пожарот. Според последните информации, 15 пациенти сè уште се во болница. Состојбата на четворица од повредените е исклучително сериозна и тие се поврзани на респиратори.
Со одлука на градоначалникот, денови на жалост во Тузла ќе бидат денес, утре, сабота и недела. Во овој период јавноста треба да се придржува до пропишаните правила. Четврток е прогласен за ден на жалост на ниво на Федерацијата на Босна и Херцеговина и округот Брчко.
фото: принтскрин
Регион
Бугарија се подготвува за продажба на рафинеријата на „Лукоил“
Партијата ГЕРБ во Бугарија планира да предложи закон што ќе му овозможи на специјален администратор да ја спроведе продажбата на рафинеријата на „Лукоил“ во Бургас, најголемиот објект за преработка на нафта во земјата.
Иницијативата доаѓа во време кога САД и Велика Британија воведоа нови санкции против руските нафтени компании, вклучувајќи го и „Лукоил“, поради војната во Украина.
Законот, како што објави денес локалниот бугарски медиум „Медијапул“, ќе му овозможи на специјалниот администратор да го преземе надзорот врз рафинеријата во Бургас и да донесува одлуки за продажбата, без право на рускиот сопственик да ја блокира одлуката, да ја оспори или да влијае на процесот, што би овозможило промена на сопственичката структура на рафинеријата и зачувување на нејзиното работење според новите услови на меѓународни санкции, пренесе „Б92“.
Лидерот на ГЕРБ и поранешен премиер Бојко Борисов изјави дека постои логика во ова решение и најави дека нацрт-законот ќе биде доставен до парламентот.
Целта е да се обезбеди непречено функционирање на клучната енергетска инфраструктура во земјата почитувајќи го режимот на санкции од Западот, објавува „Ројтерс“.
Рафинеријата во Бургас, со капацитет од речиси 190.000 барели дневно, е од стратешко значење за снабдувањето на Бугарија и делови од регионот.
Владата на Софија објави дека е во постојан контакт со американските институции за да може работењето на рафинеријата да продолжи и покрај санкциите.
„Лукоил“ веќе се соочува со тешкотии во меѓународните операции поради ограничувања што влијаат на логистиката, трговијата и финансиските текови.
Компанијата, според изворите, имала проблеми со товарење во Ирак, пумпни станици во Финска и со тргување во Швајцарија.
Министерството за финансии на САД издаде привремена дозвола, што им овозможува на компаниите да ги прекинат постојните трансакции со „Лукоил“ до 21 ноември.

