Македонија
Тендер за откуп на 612 128 учебници
Министерството за образование во четвртокот објави тендер со постапка за преговарање на откуп на вкупно 612.128 учебници за учебната 2010/2011 г. од кои 464.739 учебника за основно образование и 147.390 за средно образование, а министерот Тодоров објави фрапантна бројка од 536 предмети без книги
Министерот за образование и наука, Никола Тодоров рече дека станува збор за учебниците за прво до осмо одделение за гимназиските паралелки.„Прилично сме сигурни дека оваа година ќе немаме недостаток на учебници за средното и основното образование,“ рече Тодоров.Вкупно минатата година во средното образование, биле побарани еден милион учебници. „За средното образование оваа година набавуваме околу 147 илјади учебници. Ова го покажува добриот однос на учениците кон учебниците и фактот дека голем процент од учебниците се вратени, покажува дека целиот овој проект во тој дел е соодветно успешен,“ рече министерот, Никола Тодоров.„Во Македонија постои фрапантна бројка од 536 предмети кои не биле покриени со книги, а од оваа година повеќе од 300 ќе бидат покриени со книги и на тој начин ќе се постигне сигурно зголемување на квалитетот во образованието, изјави во четврток Министерот за образование и наука, Никола Тодоров.Министерството за образование и наука за прв пат оваа година распиша конкурс за 536 учебници за 14 струки од средното стручно образование, како и за 22 учебника од општо образовните предмети и за средно стручно образование. До сега учениците од овие училишта стручните предмети ги изучувале без учебници.„По конкурсот за стручни предмети, пријавени се и одобрени вкупно 188 ракописи за учебници од 536; за сите останати учебници Министерството за образование и наука распиша оглас на кој ги повика сите професори и наставници во Република Македонија да се пријават за формирање на авторски тимови за правење на учебници,“ рече министерот Тодоров.Тој извести дека до денес се формирани авторски тимови за 160 предмети и пријавени се уште толку авторски тимови, а постапката за изработка на учебниците и нивно одобрување е во тек.Тодоров истакна дека на овој начин, практично од вкупно 536 учебника колку што недостигале минатата година, сега ќе недостигаат 214 учебници, за кои Министерството за образование и наука денеска ќе објави повторно трето по ред соопштение за пријавување на интерес на авторски тимови.„Сакам да апелирам до сите наставници и професори од средните стручни училишта, како и на сите професори на универзитети во Македонија и јавните и приватните, да се пријават за формирање на авторски тимови и заедно сите да помогнеме да се отстрани овој недостаток на учебници во образовниот систем во Република Македонија“, рече Тодоров
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски: Скопје конечно добива Луна Парк
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денес ја најави долгоочекуваната реализација на проектот за новиот Луна Парк, значајна инвестиција што по децении неизвесност конечно ќе го донесе модерниот семеен парк за забава што го заслужува Скопје, информираат од Град Скопје.
Со започнувањето на јавната набавка за проектирање и монтажа, градот, додаваат од таму, влегува во нова фаза на урбана трансформација која ќе понуди современи атракции, целосна пристапност и нови содржини за сите генерации.
„По долги години оддолговлекувања и лажни ветувања, денес започнува јавната набавка за проектирање и монтажа на новиот Луна парк.
По децении изминати во кои генерации деца беа лишени од местото што им припаѓа, место за игра, радост и незаборавни моменти, конечно започнуваме со реализација на проект што ќе ја означи новата ера на семејна забава во нашиот град.
Пред нас е изградба на ултра модерен Луна парк, еден од најдобрите во регионот, изграден според највисоки европски стандарди.
Ќе создадеме простор исполнет со ролеркостери, водени атракции, интерактивни игри, зони со виртуелна реалност и целосно ново ниво на урбана забава. Посебно внимание посветуваме на пристапноста.
Луна паркот ќе биде комплетно прилагоден и за лицата со попреченост, со најсовремени системи за безбедност, видео надзор и прва помош“.
Ккако што најавува скопскиот градоначалник на просторот од 84.000 квадратни метри ќе никне место каде семејствата ќе поминуваат квалитетно време заедно, каде ќе има зони за одмор, улична уметност, локации за културни настани и театар со затворена сцена.
„Панорамско тркало, пиратски брод, подморница, среќна лулашка и уште многу други реквизити ќе создадат уникатна атмосфера која ќе го збогати туристичкиот имиџ на Скопје.
Почитувани скопјани, како што ветив – најдоброто доаѓа!
Скопјани конечно добиваат Луна парк што ќе биде симбол на нов почеток, на едно модерно, гордо и достоинствено Скопје“.
Македонија
Законот за правична и соодветна застапеност доби позитивна оценка од Венецијанската комисија, соопшти Фетаи
Законот за правична и соодветна застапеност доби позитивна оценка од Венецијанската комисија, со што се потврдува дека е во целосна согласност со европските стандарди и демократските вредности, информираат од кабинетот на заменик-претседателот на Владата за добро владеење, Арбен Фетаи, во врска со Законот за соодветна и правична застапеност.
Со овој закон, додаваат во соопштението, ќе се обезбеди квалитетна рамнотежа меѓу системот на заслуги и почитувањето на професионалните стандарди, од една страна, и принципот на правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници, од друга страна.
„Законот овозможува правична вклученост во вработувањето во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа, без да се наруши квалитетот и професионализмот.
Изјаснувањето на етничката припадност е целосно доброволно и не предизвикува никакви негативни последици врз остварувањето на правата на граѓаните, во согласност со меѓународните стандарди за човекови права и недискриминација. Паралелно со доброволното изјаснување за етничката припадност, законот предвидува и материјални докази од личните карти и други официјални јавни документи, со цел да се спречат можните злоупотреби на само идентификацијата“.
Со ова законско решение, како што појаснуваат од кабинетото на Фетаи се зајакнува институционалниот интегритет, инклузивноста и довербата на граѓаните во системот, преку планирано и деполитизирано управување и примена на европските стандарди за добро владеење.
Делегацијата беше предводена од заменик-претседателот на Владата задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, придружуван од професорите по уставно право Тања Каракамишева Јовановска и Јетон Шасивари.
Македонија
Резолуција во Собрание за забрана на прифаќање мигранти – опозицијата ги повика ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски да ја поддржат
Опозицијата се обединува против, како што беше наведено, тајните договори на Владата предводена од ДПМНЕ за прифаќање мигранти, соопшти претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција.
Филипче информираше дека на неговата покана се одѕвале претставници на сите партии од опозициската коалиција, со кои разговарале за, како што оцени, сериозноста на состојбата поврзана со договор за мигранти со Велика Британија. Според него, сите учесници се согласиле дека ваквиот модел претставува голема опасност за државата.
„Гледаме дека првите мигранти веќе пристигнуваат во Косово и во Албанија. Огромна е опасноста Македонија да биде вовлечена во ваков процес“, изјави Филипче, додавајќи дека опозицијата дала поддршка на предлог-резолуцијата за прекинување на процесот за примање мигранти.
Тој нагласи дека резолуцијата не е партиска, туку државничка и граѓанска иницијатива, која треба јасно да гарантира дека во Северна Македонија нема да се прифаќаат мигранти како резултат на тајни договори, разговори или условени кредити. Филипче ги повика ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски јавно да се изјаснат и заеднички да ја потпишат и изгласаат резолуцијата во Собранието.
На крајот, тој најави дека политичко-општествената акција ќе продолжи и ќе се проширува со претставници на граѓанскиот сектор, младите, синдикатите и студентите, со цел, како што рече, одбрана на државата, демократијата и безбедноста на граѓаните.

