Македонија
Трибина „Павел Шатев“: Македонија немаше стратегија во 90-те за влез во ЕУ
Немањето политичка волја и соодветна стратегија за влез во Европската унија во деведесеттите години, покрај грчкото ембарго и војните во поранешна Југославија, е клучната причина за забавениот од кон евроинтеграциите.
Немањето политичка волја и соодветна стратегија за влез во Европската унија во деведесеттите години, покрај грчкото ембарго и војните во поранешна Југославија, е клучната причина за забавениот од кон евроинтеграциите.
Ова е основниот заклучок на повеќето учесници на трибината на тема „Македонските евроинтеграции во 90-тите години“, што денеска во Скопје се одржа во организација на Институтот „Павел Шатев“.
Претседателот на комисијата за европски прашања Петар Поп Арсов и поранешниот министер за надворешни работи Слободан Чашуле се едногласни дека, грчката блокада и југословенските војни биле пречка, но не може да бидат оправдување за ненаправените реформи и неизготвувањето на соодветна стратегија.
Според нив тогашната политичка елита наместо да се насочи кон спроведувањето на потребните реформи, се занимавала со шверц, транзиција, приватизација и слични работи.
„Тогашната политичка елита наместо да спроведува реформи, се обидуваше во дневно политички интерес да и ги насочи сите тогашни случувања на Балканот“, рече Поп Арсов.
Според него тогашната политичка елита покажувала недефинирана политичка воља за евроинтеграциите.
Согласувајќи се дека Македонија немала стратегија во тој период, Чашуле укажа дека проблемот започнал уште пред распадот на Југославија.
„Пред да се распадне Југославија во 1989 година, тогашните македонски политичари воопшто не ја разгледуваа можноста од самостојност на државата, а камоли да подготват стратегија за такво нешто“, рече Чашуле.
Тој констатираше дека Македонија од немај каде се стекнала со самостојност и со демократија, додавајќи дека годините од 1992-98 ги изеле „скакулци“.
Дискутирајќи на истата тема, професорот Димитар Мирчев подвлече дека не може да се говори за водење на погрешна политика во тоа време, кога Македонија воопшто и не водела никаква политика.
„До ден денеска нема документ дека била дефинирана државната политика, со што сме една од ретките земји кандидатки, која таква стратегија немавме“, рече Мирчев, додавајќи дека во Македонија се водела политика исклучиво врз интуиција.
Наспроти нив, амбасадорот Ристо Никовски е уверен дека блокадата од страна на Грција во деведесеттите години, е клучната причина за забавениот од кон ЕУ.
Според него, целата енергија била насочена кон признавањето на државата и кон надминување на последиците од грчкото ембарго.
„Ретко која држава би можела да опстане, доколку две години и се затворени границите, а притоа да нема излез на море“, рече Никовски.
Дискутанти се согласија дека, кога Македонија ќе ги спроведе сите потребни реформи и кога ќе го имплементира комплетното европско законодавство, Европската унија ќе мора да се соочи со пречката наметната од Грција.
Професорот Мирчев предложи дека Македонија треба да изгради стратегија со која ќе бара од Европската унија да ги почитува нејзините темелни принципи за заштита на човековите права за самоопределување и идентитет.
„Државата неможе да му наметне менување на идентитетот на граѓанинот. Секој наш граѓанин ќе има право оваа држава да ја тужи пред европскиот суд за човекови права затоа што му го изменила идентитетот“, рече Мирчев.
Тој изрази надеж дека овој принцип ќе биде почитуван од ЕУ, додавајќи дека чиста флоскула е дека може да дојде до компромис со Грција.
Според него, Грција воопшто не сака компромис и беспредметно е да се зборува на таа тема.
„ Инсистирањето на тој принцип може да резултира со некој флексибилни предлози кои би биле добра основа за привршувањето на разговорите“ предложи Мирчев.
Амбасадорот Никовски вели дека Грција воопшто нема проблем со постоење на македонската држава, туку со македонскиот национален идентитет и со македонското малцинство во нејзината држава. /крај/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Грипот се шири брзо, раст од над 31 проценти за една недела
Во периодот од 8 до 14 декември, во Република Северна Македонија се пријавени 126 случаи на грип и заболувања слични на грип, што претставува зголемување од 31,3% во споредба со претходната недела, покажуваат најновите податоци од здравствените власти.
Најмногу заболени се регистрирани во Тетово (30 случаи) и Куманово (20), а веднаш потоа следи Македонски Брод (18). Во Скопје се пријавени 15 случаи. Иако по број на пријави не е прв, Македонски Брод има највисока инциденца – 178,0 заболени на 100.000 жители.
Според старосната распределба, најзасегната е групата 15–64 години со 97 случаи. Кај лицата над 65 години регистрирани се 16 случаи, додека кај децата бројките се пониски: 7 случаи кај групата 5–14 години и 6 случаи кај 0–4 години.
Во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) биле тестирани 24 материјали, при што се детектирани 4 позитивни случаи на грип: три Influenza A(H3) и еден Influenza A(H1)pdm09. Дополнително, регистриран е и еден случај на RSV тип B, додека SARS-CoV-2 не е детектиран.
Кумулативно, од почетокот на сезоната 2025/2026, регистрирани се 998 случаи на грип/заболувања слични на грип, што е зголемување од 51,2% во однос на истиот период минатата сезона.
Најголем број пријави има во Гостивар (244) и Куманово (241), а Македонски Брод повторно се издвојува со највисока инциденца – 583,5 на 100.000 жители.
Вакцинацијата против грип останува најсигурна заштита, посочуваат здравствените власти. За сезоната 2025/2026 обезбедени се 80.000 бесплатни четиривалентни вакцини за ризичните групи:
-
лица над 65 години,
-
деца од 6 до 59 месеци,
-
лица со хронични болести,
-
бремени жени,
-
здравствени работници.
Според досегашните податоци, вакцинирани се 78.730 лица (со бесплатни или комерцијални вакцини).
Епидемиолошкиот надзор покажува дека грипот сè уште има спорадична активност низ земјата, а процентот на позитивност е под 10%, што укажува дека сезоната не е во полн интензитет. Сепак, бројот на пријавени случаи постојано расте, па се апелира на зголемено внимание, особено кај ризичните групи.
Министерството за здравство и ИЈЗ препорачуваат:
-
често миење раце,
-
избегнување големи гужви,
-
топло облекување, доволен одмор и внес на течности/витамини,
-
доколку се разболите: останете дома, избегнувајте блиски контакти, покривајте нос и уста при кашлање/кивање и користете заштитна маска при контакт со блиски.
Македонија
Доктор Беќаровски советува: Како да се заштитиме во денови на екстремно загадување
Во денови кога концентрациите на ПМ 2.5 и ПМ 10 честичките се енормно високи, а загадениот воздух станува сериозна закана по здравјето, лекарот Нико Беќаровски преку објава на социјалните мрежи сподели едноставен совет и план за тоа како да се минимизира нивното негативно, потенцијално канцерогено дејство врз организмот.
Според Беќаровски, изложеноста на овие честички не може целосно да се избегне, но може да се ублажи нивното влијание преку секојдневни навики кои го поддржуваат организмот. Тој препорачува денот да започне со чај од диво оригано, во комбинација со додатокот G-132+ Natural.
Пред ручек, како што наведува, корисно е да се консумира зелен чај заедно со витамин Д во доза од 1.000 И.Е., додека навечер советува чај од ѓумбир и куркума, или бел слез, повторно во комбинација со G-132+ Natural.
Дополнително, Беќаровски нагласува дека во текот на денот е важно да се внесуваат најмалку два литра млака вода со парче лимон, а кај лицата без висок крвен притисок може да се додаде и уште една шолја зелен чај.
„Ако не може да се спречи, барем благовремено да се лечи“, порачува Беќаровски, потенцирајќи дека грижата за здравјето е особено важна во периоди на екстремно аерозагадување, кога последиците од вдишувањето на штетните честички може да бидат долгорочни.
Македонија
Мицкоски за Денот на наставата на турски јазик: Образованието на мајчин јазик е педагошка потреба
Премиерот Христијан Мицкоски денеска упати честитка по повод Денот на наставата на турски јазик, посочувајќи дека овој ден нè потсетува дека образованието на мајчин јазик е педагошка потреба, но и длабока цивилизациска вредност и уставна определба.
-Преку јазикот се пренесуваат знаењето, културната меморија и чувството на припадност, а преку училиштето тие вредности се претвораат во заедничко богатство на државата, наведе Мицкоски.
Премиерот посочува дека наставата на турски јазик е дел од нашето историско и општествено наследство и придонесува кон градење образовен систем заснован на почит, еднаквост и меѓусебно разбирање.
-Како Влада, ја разбираме одговорноста да обезбедиме услови во кои секое дете ќе има пристап до квалитетно образование, без разлика на мајчиниот јазик. Инвестирањето во образованието и во наставата на мајчин јазик е инвестирање во довербата, во заедништвото и во иднината на државата. Честит Ден на наставата на турски јазик, додава премиерот во објава на Фејсбук.

