Македонија
Дебата: Молк на интелигенцијата во Македонија
„Постои молк на интелигенцијата и интелектуалците во Македонија кои ја заборавија својата задача во општеството,“ рече на денешната дебата за „вредностите и принципите на македонското општество денес“, Ѓунер Исмаил, поранешен Министер во Владата на Р.Македонија.
„Постои молк на интелигенцијата и интелектуалците во Македонија кои ја заборавија својата задача во општеството,“ рече на денешната дебата за „вредностите и принципите на македонското општество денес“, Ѓунер Исмаил, поранешен Министер во Владата на Р.Македонија. Според него, македонските интелектуалци во последните години демонстрирале неверојатна нечувствителност и незнаење за се што се случува околу нив и политичарите не се единствени виновници за ситуацијата во која е сега Македонија. „Не постои реална демонстрација на граѓанска непослушност, граѓанска свест, граѓански глас. Владее мислењето дека политиката што и да смисли ќе помине и така и така, па нема потреба да се реагира што е неверојатно чуден конформизам,“ смета тој. Дискутантите на дебатата меѓу кои освен Исмаил беа и Илми Селами, Претседател на Државната Комисија за спречување на корупција, Ивор Мицковски, колумнист и Вангел Ноневски, колумнист и магистер по филозофски науки, заклучија дека постои криза со вредностите во македонското општество која според нив се должи на повеќе фактори. Претседател на Државната Комисија за спречување на корупција – Илми Селами, смета дека еден од главните причини за кризата со вредностите во македонското општество е политиката која е навлезена во секој аспект од општеството како и материјализацијата. „Нашето општество почна да биде материјализирано и да се гази врз луѓе за да се постигне целта односно изобилието,“ истакна Селами и додава дека ваквите вредности кои во последно време се создаваат стануваат вистинска кочница за општеството. Вангел Ноневски рече дека доколку се одговори на темата „Вредностите и принципите на македонското општество денес“ тогаш би биле решени сите проблеми во Македонија. Тој смета дека најголемиот проблем не само во македонското општество туку и на глобално ниво е „вишокот на слобода“. „Доколку немавме вишок на слобода ние немаше да имаме „Скопје 2014“. Имате власт која без јавна дебата дава проект кој е голем дел од секојдневието на секој граѓанин а е даден како свршен чин,“ смета Ноневски кој го објаснува своето излагање со реченицата – Слобода да – но никако без одговорност. Дебатата беше во организација на Прогрес – Институт за социјална демократија и Фондацијата Фридрих Еберт./крај/ко
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

