Македонија
Црвенковски: Ако власта оневозможува демократија во институциите, ќе ја добие на улиците
Има едно непишано правило, ако власта оневозможува демократија во институциите, ќе ја добие демократија на улиците и ние сме подготвени и за таа фаза на политичко дејствување, изјави претседателот на СДСМ Бранко Црвенковски во Неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Има едно непишано правило, ако власта оневозможува демократија во институциите, ќе ја добие демократија на улиците и ние сме подготвени и за таа фаза на политичко дејствување, изјави претседателот на СДСМ Бранко Црвенковски во Неделното интервју на Радио Слободна Европа, говорејќи за забелешките во јавноста дека опозицијата е пасивна.
Ова е период, вели тој, во кој се обидуваме до крајни можности да ги искористиме институционалните механизми за водење на политичка битка.
„Значи оние механизми и оние средства што се сосема вообичаени за нормална демократска држава, на пример, борбата во Парламентот. Мене ми е сосема јасно и јас ги согледувам тие критики кои доаѓаат од дел од јавноста, од граѓаните, од независните интелектуалци кои сметаат дека Македонија не е нормална демократска држава и дека овие, како да ги наречам, конвенционални начини на водење на политичка битка едноставно не функционираат и не даваат резултати. Јас се согласувам со нив. Клучното прашање е како да дојдеме до моментот, не дел од јавноста и граѓаните, туку поголемиот, мнозинскиот дел од јавноста или од граѓаните да дојдат до сознанието дека оваа власт не дозволува институционална демократија“, истакнува лидерот на СДСМ.
Што се однесува до прашањето за името, спорот со Грција, вели Црвенковски, ние нашата рака на конструктивност и на тој начин и создавање на единство во земјата, ја подадовме многу одамна, тогаш кога соопштивме дека ставот на СДСМ е дека ќе поддржи какво било решение кое е прифатливо за Груевски и власта, што нема да задира во националниот идентитет на македонскиот народ, во засебноста на македонскиот јазик, на македонската култура, ние всушност се определивме да градиме единство во оваа земја.
„Со прифаќањето и за референдумско изјаснување всушност му дадовме поддршка на Никола Груевски да ги има зад себе клучните политички фактори во земјата околу истите црвени линии и сега негова одговорност е, имајќи ја таквата поддршка, да ја внесе земјата во НАТО и да ги отпочне преговорите со ЕУ“, изјави Бранко Црвенковски во интервјуто за Радио Слободна Европа. /крај/рсе/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„На кого веќе не му е јасно? Домашниот притвор за Груби –дил за политички цели“, велат од СДСМ
„Одлуката за домашен притвор за Груби не е правна, туку политичка. Таа е директна последица на политички дил и целосно контролирано судство и обвинителство од страна на ВМРО-ОКГ. Со месеци СДСМ предупредува дека судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ“, велат од СДСМ.
„Се менува јавен обвинител за да се стави обвинител под контрола на власта, се елиминираа независни кандидати, се инсталираа партиски кадри.
Сопруга на екс градоначалник на ВМРО ја назначија за член на Судскиот совет. Советник на Мицкоски беше избран во Уставниот суд. Портпаролката на Владата ги знае судските пресуди за случаи во тек.
Шефот на Обвинителот кој побара куќен притвор за Груби беше избран на оваа функција во Скопското јавно обвинителство пред еден месец. На кого веќе не му е јасно?
Домашниот притвор за Груби е доказ дека правдата е погребана, правда нема, има контролирано обвинителство и судство кое одлучува под диктат на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
Правна држава нема – има дил за политички цели и кампања на власта!“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
Додека Артан Груби гледа телевизија дома, во ДУИ преовладува паничен напад од прв до последен, велат од „Вреди“
Артан Груби е црната кутија на ДУИ. Не е обичен поранешен функционер во куќен притвор, туку човекот што ги знае сите влезови и излези на системот што ДУИ го градеше со години. Тој е живата архива на една партиска шема што со години се штитела од јавноста. Кога црната кутија еднаш ќе падне во рацете на институциите, нема веќе простор за глума, ниту за митови. Почнува расплетот, велат од „Вреди“.
Според нив, Ккќниот притвор не е олеснување. Тоа е, како што велат, знак дека приказната влегува во фаза во која зборовите на ДУИ повеќе не важат, туку фактите.
„Институциите почнаа да ја копаат вистината што ДУИ со години ја закопуваше, како се кроеше моќта зад грбот на граѓаните и каде исчезнуваа парите. И токму затоа ДУИ денес е во паника.
Додека Артан Груби гледа телевизија дома, во ДУИ преовладува паничен напад од прв до последен. Тие не се плашат од мерката, туку од тежината на она што Груби го носи со себе. Бидејќи тој беше таму каде што се решаваше сè. Таму каде што се договараа работите „под маса“. Таму каде што се кроеше моќта и се делеа интересите.
Затоа стравот во Мала Речица не е случаен. Тоа е страв од моментот кога сенката на Али Ахмети ќе почне да зборува. Кога ќе почнат да излегуваат имиња, шеми и улоги. И кога ќе стане јасно дека Груби не е само товар за ДУИ, туку потенцијална искра што може да ја запали целата нивна конструкција“.
Ова, додаваат од коалицијата, не е крај. Според нив, ова е почеток на процес што може темелно да ја разниша конструкцијата изградена околу Али Ахмети.
Македонија
„Дали СДС стравува од сведочењето на Груби“, прашува ВМРО-ДПМНЕ
„Очигледна е паниката во редовите на СДС по апсењето на екс вицепремиерот Артан Груби. Институциите си ја завршија работата и го доведоа Груби пред лицето на правдата. Криминалецот Груби беше во бегство година дена, откако се отвори постапка за негова вина во случајот со Државната лотарија за проневера на државни пари во вредност од над 8 милиони евра“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Милионските криминали во Државна лотарија се случувале под покровителство на СДС и ДУИ. Додека се злоупотребувале парите на граѓаните СДС знаеле, молчеле и не реагирале поради коалициски мир со ДУИ, за да не им се распадне коалицијата и да останат ден повеќе на власт.
Дали денес нервозата кај Филипче, Заев и СДС доаѓа од можноста вистината да излезе на виделина? Дали во СДС има паника поради евентуалните искази што би можеле да допрат и до поранешни високи функционери на СДС помеѓу кои и Заев, Филипче, Спасовски, Зечевиќ?
Институциите мора да постапуваат без селективност и без политички притисоци. Секој кој го прекршил законот мора да одговара.
Времето на неказнивост заврши, Македонија мора да биде држава во која правдата е еднаква за сите. Владеење на правото и правдата мора да има“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

