Европа
Меркел критикувана дека се меша во изборите во Грција
Берлин очекува дека Атина и по предвремените парламентарни избори од 25-ти јануари и можната промена на власта да продолжи да ги исполнува договорените одредби од заемот во висина од 240 милијарди евра, изјави портпаролот на германската канцеларка Ангела Меркел, не коментирајќи ги наводите дека Меркел не би се противела на излегувањето на Грција од еврозоната, коишто некои медиуми во неделата го нарекоа мешање во внатрешните работи на Грција, а вицеканцеларот Зигмар Габриел вели дека Германија сака Грција да остане во еврозоната.
„Грција претходно ги исполни сите свои обврски. Германската влада претпоставува дека и натаму ќе ги исполнува своите договорени обврски“, кои ги наметна „тројката“ меѓународни кредитори, Европската центрана банка (ЕСВ), Европската комисија и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), изјави портпаролот Георг Штејтер.
Одбил да ги коментира наводите во неделникот Der Spiegel од саботата дека германската влада ги променила ставот и сега верува дека еврозоната е подготвена да се справи со евентуалното излегување на Грција од еврозоната, доколку биде потребно. Меркел и нејзиниот министер за финансии Волфганг Шојбле го промениле мислењето и „сега го сметаат подносливо излегувањето на некоја земја од монетарната унија, бидејќи напредокот во еврозоната е постигнат по кризниот самит во 2012 година“, напиша во саботата навечер Spiegel Online.
Портпаролот Штејтер истакна во неделата дека „секоја нова влада мора да ги почитува договорите со обврски од претходната влада“.
Неделното издание на грчкиот дневен весник Kаthimerini ја пренесува изјавата на вицепремиерот Евангелос Венизелос дека Шојбле во 2011 година ѝ предлагал на Атина да го напушти еврото, но морал да го промени мислењето поради опасноста којашто грчкото излегување би го претставувала за остатокот од еврозоната.
Германската влада сака Грција да остане во еврозоната и не постојат поинакви планови, изјави заменикот на канцеларката Зигмар Габриел како реакција на медиумските написи дека Берлин верува дека монетарната унија може да издржи и без Грција.
Габриел, кој истовремено е и министер за економија и челник на социјалдемократите (SPD), во интервјуто за весникот Hannoversche Allgemeine Zeitung, коешто интегрално ќе биде објавено во понеделник, исто така, вели дена еврозоната последните години станала поотпорна и никој не може да ја уценува.
„Целта на германската влада, на Европската унија, како и на владата во Атина, е да ја задржи Грција во еврозоната. Немало и нема поинакви планови“, вели Габриел и додава дека евозоната станала постабилна во последните неколку години.
„Оттаму нас никој не може да не уценува. И ние очекуваме дека грчката влада, без оглед на тоа кој ќе ја предводи, ќе се придржува на договорот со Европската унија“, алудирајќи на можната промена на власта во Атина.
Грчкиот парламент се распушти и ги закажа предвремените парламентарни избори за 25-ти јануари, на коишто, според анкетите, би победила опозициската Сириза. Досега владејачката коалиција составена од конзервативците од Нова демократија и социјалистите од Пасок, малку е веројатно дека ќе може и заедно да осигури мнозинство во парламентот, особено што втората е пред распад и со длабоко нарушена доверба кај избирачите.
Алескис Ципрас најавува дека сака да стави крај на политиката на строго штедење која на Грција ѝ ја наметнаа странските кредитори, „тројката“ – Европската унија, Европската центрана банка (ЕСВ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во замена за заемот од 240 милијарди евра од кои над 110 милијарди се отпишани долгови, од вкупниот долг од над 370 милијарди евра, што ја спаси Грција од банкрот и од излегување од еврозоната, што пред неколку години можеше да го проблематизира и членството во ЕУ. Ципрас, исто така, сака да испреговара ново реструктурирање на јавниот долг на земјата кој секогаш претставува тежок тег за грчката економија.
На прашањето на агенцијата AFP, ниту кабинетот на канцеларката, ниту министерството за финансии во неделата ни го потврдија ни го демантираа пишувањето на Spiegel.
Германските медиуми, пак, во своите коментари во неделата оценуваат дека и канцеларката Меркел и министерот Шојбле всушност вршат притисок врз грчките гласачи или врз самиот Ципрас. „Со такво сценарио на закани (…) владата индиректно се меша во грчката предизборна кампања. Тоа е крајно опасно и погрешно“, пишува во неделата дневниот весник Die Welt, близок на конзервативците на Меркел.
Незадоволство има и меѓу коалицискиот партнер во широката владина коалиција на Германија, социјалдемократите од SPD, па дури и меѓу конзервативците на Меркел. Така еден од челниците на сестринската Христијанско-демократска унија (CDU), Кристијан Баумлер предупреди во неделата дека „доколку Грција излезе од еврозоната, грчките долгови не би можеле да се наплатат и Германија би поднела голем дел од тој товар“.
Социјалдемократите сметаат дека станува збор за голема грешка на CDU, бидејќи предлогот го изнел без консултации и договор со SPD. Радикалната германска левица (Die Linek) смета дека станува збор за „јавна уцена со коишто се сака да се дестабилизира Грција пред изборите“ Die Welt пишува дека „грчките политички елити би можеле заканата на канцеларката Меркел да ја доживеат како обичен блеф и да го засилат притисокот врз европските доверители“./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Украина почнува да го користи американскиот систем „Темпест“
Украина очигледно го распоредила најновиот американски противвоздушен ракетен систем „Темпест“ со краток дострел. Откритието доаѓа од видео објавено од Командата на воздухопловните сили на Украина на почетокот на оваа година, за кое аналитичарите велат дека го прикажува системот во акција.
Командата на воздухопловните сили на Украина го објави видеото како дел од својата новогодишна порака, на кое се гледа одбивањето на воздушен напад без никаква официјална најава или идентификација на новото оружје. Сепак, украинската аналитичка група „Водохраи“ подоцна објави дека видеото всушност го прикажува системот „Темпест“ како пресретнува руски дрон за време на ноќен напад.
Американската одбранбена компанија V2X ја претстави платформата „Темпест“ на изложбата на Здружението на армијата на Соединетите Американски Држави (AUSA) во октомври 2025 година, но трансферот на системот во Украина не е јавно објавен. Противвоздушниот ракетен систем „Темпест“ е дизајниран да се справи со беспилотни летала, хеликоптери и авиони што летаат ниско во сите временски услови.
Европа
Русија изврши уште еден голем напад со дронови во текот на ноќта
Русија изврши голем напад врз Украина преку ноќ со 156 ударни дронови од типот „Шахед“, „Гербера“ и други. Од вкупниот број, околу 110 летала беа дронови камикази од типот „Шахед“, информираше Командата на украинските воздухопловни сили, како што објави „Украинска правда“.
Според прелиминарните податоци објавени до 8 часот наутро, украинските сили за воздушна одбрана успеале да соборат или електронски да блокираат 135 руски ударни дронови. Одбраната дејствувала на широка област, опфаќајќи ги северните, јужните, источните и централните делови на земјата.
И покрај високата стапка на пресретнување, регистрирани се 16 погодоци на ударните дронови на вкупно 11 локации. Покрај тоа, остатоците од соборените дронови паднале на две места.
Воздухопловните сили, противвоздушните ракетни единици, средствата за електронско војување, единиците за беспилотни системи и мобилните противпожарни групи на украинските одбранбени сили учествувале во одбивањето на воздушниот напад. Властите предупредуваат дека нападот сè уште е во тек и дека неколку руски дронови сè уште се во украинскиот воздушен простор.
Европа
Туристи заглавија во Финска поради екстремно ниските температури
Илјадници туристи останаа заробени во северна Финска откако екстремно ниските температури ги приземјија авионите и принудно откажаа летови.
Температурите на аеродромот Китила во Лапонија паднаа на рекордно ниско ниво од -37°C во недела наутро, предизвикувајќи прекини во воздушниот сообраќај, објави Скај њуз.
Арктичкиот студ го погодува аеродромот со денови, што ги прави операциите на аеродромот, вклучително и клучното одмрзнување на авионите, речиси невозможни. Сепак, постои надеж за блокираните британски туристи, со летови до Манчестер и Лондон закажани за понеделник попладне. Успехот на тие летови останува неизвесен бидејќи метеоролозите предвидуваат дека температурите сепак ќе бидат околу -28°C.
Иако жителите на финска Лапонија се навикнати на сурови зими, овогодинешниот студен бран, кој погоди големи области на северна, централна и источна Европа, беше поинтензивен отколку во претходните години. Обилните снежни врнежи, силните ветрови и заледените патишта го направија патувањето опасно низ овој дел од континентот.
Во Германија, патниците со железнички превоз доживеаја големи доцнења и откажувања во неделата откако националниот оператор „Дојче Бан“ ги запре сите услуги на северот од земјата. Властите во Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената покраина во Германија, објавија дека сите училишта ќе бидат затворени во понеделник поради ниските температури, а наставата ќе се одржува преку интернет.
Во балтичките земји Естонија и Литванија, возачите беа повикани да ги одложат сите непотребни патувања поради прогнозираните снежни бури. Соседна Латвија, исто така, издаде предупредување за снег за западниот дел од земјата.

