Скопје
Поставени подземни контејнери за комунален отпад во Драчево
Подземни контејнери за одлагање комунален отпад беа пуштени во употреба во среда на улица Димитрие Чуповски во населбата Драчево, што е дел од втората фаза на проектот за поставување Систем за подземни контејнери.
На пуштањето на подземните контејнери присуствуваа градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, градоначалникот на општина Кисела Вода, Билјана Беличанец-Алексиќ и директорот на јавното претпријатие „Комунална хигиена”, Ракип Дочи.
„Празнењето на подземните контејнери е на хидрауличен погон, за што ќе се употребуваат три од постојните возила на ЈП „Комунална хигиена“, коишто се специјално надградени за оваа намена. Системот за собирање на комуналниот отпад во подземни контејнери е исклучително софистициран и успешен и веќе подолг период се применува во светски рамки, со одлични ефекти во заштитата и зачувувањето на здравјето на граѓаните и природната околина. За реализација на овој значаен проект се издвоени вкупно 6,6 милиони денари, од кои секоја од трите вклучени страни издвојува по 2,2 милиони денари, односно подеднакво инвестираат Градот Скопје, општината Кисела Вода и ЈП „Комунална хигиена“, рече градоначалникот Трајановски.
Градоначалникот Беличанец-Алексиќ изјави дека ова е трета локација на територијата на Општина Кисела Вода каде што се поставуваат вакви подземни контејнери, каде што претходно се поставени пред ОУ „Круме Кепески“ и на улицата „Михаил Чаков”, кај ОУ „Невена Георгиева Дуња“, како и дека општината веќе работи на лоцирање на микро локации за поставување нови подземни контејнери.
Директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Дочи изјави дека во првата фаза од проектот за поставување Систем за подземни контејнери во општина Центар се поставени 14 платформи со по три подземни контејнери, а во општина Чаир се поставени две платформи со по два контејнера, за што беа потрошени вкупно 33,2 милиони денари. Во рамките на втората фаза од овој проект ќе бидат поставени подземни контејнери на девет микро-локации, односно по три контејнери на три-микролокации во општините Кисела Вода, Аеродром и Гази Баба.
Подземните контејнери имаат зафатнина од три кубни метри, во нив отпадот се складира на пониска температура, притоа не зафаќајќи слободна површина над земјата. На тој начин се намалува и непријатната миризба што се шири од отпадот, како и можноста за негово разнесување во околината. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Чаир: Утре ќе се одржи комеморативната седница посветена на пејачот Шпат Касапи
Комеморативната седница посветена на пејачот Шпат Касапи ќе се одржи во вторник, 2 Декември 2025 година, во 13:00 часот, во општина Чаир.
„Овој момент на сеќавање има за цел да го пренесе поширокото културно и институционално признание за неговото дело и за влијанието што го остави во албанската музичка уметност.
Паралелно, книгата за сочувство ќе биде поставена во просториите на Општината и ќе биде отворена од вторник до петок, за сите граѓани и претставници на уметничката заедница кои сакаат да го изразат своето сочувство“, велат од општина Чаир.
Македонија
Град Скопје го отвори процесот за буџетот 2026: граѓаните, организациите и бизнис-заедницата поканети да дадат предлози
Град Скопје годинава го почна процесот на креирање на буџетот за 2026 година со, како што наведува, целосна транспарентност, отчетност и широка вклученост на јавноста. Од градската администрација истакнуваат дека имаат јасна определба да ја вратат довербата во институциите, па буџетот ќе се изработува преку отворен и партнерски пристап во кој секој граѓанин, организација или заедница може да даде свој придонес.
„Буџетот не е само финансиски документ, туку стратегија изградена врз реалните потреби и визијата за развој на градот“, наведуваат од Градот.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски во изјава порачува дека процесот првпат се отвора кон граѓаните, невладиниот сектор и бизнис-заедницата со цел активно да се вклучат во планирањето.
„Транспарентноста и отчетноста отсекогаш биле моја водилка. Оваа година го отвораме планирањето на буџетот за 2026 заедно со вас. Вашите потреби и идеи ќе бидат основата врз која ќе го градиме овој важен документ“, изјави Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека веќе биле собрани голем број конструктивни предлози од граѓаните, но процесот останува отворен и сите се повикани да учествуваат.
Во новиот буџет ќе бидат опфатени приоритетни капитални проекти во инфраструктурата, културата, спортот и животната средина со цел да се подобри квалитетот на живеењето во Скопје.
Сите идеи и предлози граѓаните може да ги испратат на: [email protected]. Во пораката Ѓорѓиевски додава: „Скопје ќе биде повторно горд град“.
Македонија
Партијата Левица со иницијатива во Град Скопје за чекор кон енергетска независност и крај на скапата струја
„Советничката група на Левица во Советот на Град Скопје поднесе иницијатива за формирање на градско енергетско претпријатие „Енергија Скопје“ ДООЕЛ, чија цел е Градот Скопје конечно да ја намали зависноста од скапото купување електрична енергија и да обезбеди сопствено производство од обновливи извори“, известуваат од Левица.
„Градот Скопје и јавните претпријатија во моментов плаќаат огромни износи за струја.
Наместо средствата да се трошат на комунални услуги, инфраструктура и подобар јавен превоз, тие завршуваат во надворешни снабдувачи.
Со ова решение, Градот ќе може сам да произведува дел од потребната електрична енергија, да ги снабдува своите институции по минимални цени и да продава вишок на пазарот, со што ќе обезбеди нови приходи.
Ова е стратешки проект кој обезбедува долгорочна стабилност и независност, а не краткорочна мерка.
Градот има огромен неискористен потенцијал, кровови, објекти и локации каде може да се развијат фотоволтаични централи и системи за складирање енергија.
Затоа очекуваме мнозинството во Советот, предводено од ВМРО–ДПМНЕ, да ја поддржи иницијативата ако навистина им е приоритет јавниот интерес. Ова не е партиска идеја, ова е решение кое му користи на целиот град.
Одбивањето на оваа иницијатива би значело дека некој става политички интерес пред интересот на скопјани, и дека не се сака долгорочно решение за намалување на трошоците, модернизација и енергетска независност.
Левица ќе продолжи да предлага системски и развојни проекти со кои Градот ќе стане финансиски постабилен, енергетски ефикасен и поеколошки“, се наведува во соопштението на Левица.

