Македонија
Речиси половината македонски новинари се без пензиско и здравствено осигурување
Според првичните податоци од одговорите на анонимната он лајн анкета на новиот Синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), која е сè уште во тек, 44 отсто од испитаниците одговориле дека не им се плаќаат придонесите за пензиско и здравствено осигурување
Од Синдикатот апелираа до новинарите да внимаваат какви договори за вработување потпишуваат, и потенцираа дека за сите членови на ССНМ ќе биде овозможена правна помош, но и едукација за правата на работниците согласно Законот за работни односи.„Следните чекори се насочени кон јакнење и зголемување, но и едукација на членството, и ние ќе направиме напори да посетиме редакции, не само во Скопје, туку низ цела Македонија, за на колегите да им ја презентираме идејата и целта на синдикалното здружување која почива на фактот дека само обединети можеме реално да ги придвижиме работите,“ рече Тамара Чаусидис, Претседател на ССНМ и порача сите заинтересирани новинари да потпишат пристапница за синдикатот, кој само со бројноста на членството може да добие репрезентативност.Анкетата за работните услови е сè уште во тек и истата може да се пронајде на линкот 0.мк/вработеност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нови канцеларии на Левица во Могила и Росоман
Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, и Носителот на ИЕ4, Сашко Јанчев, вчера присуствуваа на отворање на две нови канцеларии на локални ограноци на Левица во општина Могила и општина Росоман.
„Народот сè повеќе ги препознава идеологијата и вредностите на Левица, изградени на темелите на нашите предци кои го дале животот за Македонија и на кои почиваат вистината, праведноста и еднаквоста“, велат од Левица.
Претседателот на Левица, Апасиев, како и носителот Јанчев, во своите говори нагласија дека ова е историски момент пресуден за зачувување на интегритетот на Македонија.
„Постојаниот раст на партијата е доказ дека народот ги препознава АСНОМ-ската идеологија и бескомпромисноста на Левица, како нова идеја чие време допрва доаѓа!“, се додава во соопштението на Левица.
Македонија
Постапката за екстрадиција на Палчо ќе биде спроведена преку МВР, на осомничениот веќе му е определен притвор
Јавното обвинителство на Република Северна Македонија е известено дека Министерството за правда добило официјална информација од Република Турција дека се одобрува екстрадицијата на лице осомничено за две кривични дела грабнување, како и за две убиства на свиреп начин.
Постапката за екстрадиција ќе биде спроведена преку Министерството за внатрешни работи.
По предлог на Основното јавно обвинителство Скопје на осомничениот веќе му е определена мерка притвор која треба да започне да се применува веднаш по неговото испорачување, се додава во соопштението на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Македонија
Дозволена екстрадицијата на Љупчо Палевски Палчо
Министерството за правда преку писмено соопштение информираше дека е добиено официјално известување дека екстрадицијата на Љупчо Палевски е дозволена.
Претходно министерот за правда Кренар Лога на социјалните мрежи потврди дека е дозволена екстрадиција на Палевски.
„Ве информирам дека денес со официјална информација од Република Турција добивме одобрение за екстрадиција на лицето Љупчо Палевски. Позитивниот исход на постапката произлегува после сите максимално преземени мерки и активности од делокругот на надлежности на Министерството за правда.“
Љупчо Палевски е осомничен за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панчо Жежовски.