Македонија
Бајер: Македонија и овојпат нема да успее да стане членка на НАТО
Македонија има оправдани очекувања да стане земја членка на НАТО, но овојпат веројатно тоа нема да се случи, вели пратеникот во Германскиот Бундестаг, Петер Бајер во ексклузивно интервју за Макфакс. Бајер е пратеник од Христијанско демократската унија (ЦДУ), од чии редови е и германската канцеларка,
Во интервјуто зборува за очекувањата за Македонија од утрешниот самит на НАТО во Чикаго, за спорот за името со Грција и за евентуалниот излез на Грција од еврозоната.
Во недела се одржува самитот на НАТО во Чикаго. Што може да очекува Македонија од овој самит, имајќи предвид дека проширувањето не е на агендата на самитот?- Така е, проширувањето не е на дневниот ред на самитот на НАТО, можеби за ова прашање ќе се разговара под точката „разно“. Иако вие имате оправдани очекувања да станете земја членка на НАТО, јас мислам дека овојпат веројатно тоа нема да се случи.Вашиот премиер, Никола Груевски оваа година даде изјава за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ во која ја опиша состојбата во земјата и во таа статија тој вели дека Македонија „де факто“ е членка на НАТО, иако „де јуре“ не е.„Де факто“, Македонија е членка на НАТО, затоа што Македонија има силен ангажман во рамките на НАТО, во минатото со испраќање на војници во Ирак, а во моментов во Авганистан, каде што македонските војници се стекнаа со голема почит, бидејќи тие се сигурни партнери иако Македонија не е земја членка на НАТО.
Спорот за името меѓу Грција и Македонија е главен услов за членство на Македонија во НАТО, но и во Европската унија (ЕУ). Поради овој проблем Македонија долги години чека пред вратите на НАТО и ЕУ. Кој е вашиот став во врска со овој проблем?- Тоа е пречка затоа што нема напредок, значи не се започнуваат преговори за членство на Македонија во ЕУ и спорот со името игра важна улога и за приемот на Македонија во НАТО. Знам дека постои Времена спогоба од 1995 година, знам дека постои пресуда донесена од Меѓународниот суд во Хаг на крајот од 2011 година и знам дека Грција ја повредува Спогодбата од 1995 година. Да се најде решение за спорот со името не е услов за приемот на Македонија во Европската унија и во НАТО. Тоа не е услов, не мора да се има решение за името за да се почнат преговорите. Знам дека Македонија долги години е земја со статус на кандидат за членство во ЕУ и ќе повторам дека решавањето на спорот со името не е услов за да се започнат преговорите. Меѓутоа, треба да се даде јасен сигнал дека има сериозни намери меѓу двете земји да преговараат за името и да најдат компромис, а не само да се бара алиби. Ние како пратеничка група во германскиот парламент знаеме дека Македонија направи сериозни чекори за да го реши спорот со името и знаеме дека Грција сега се наоѓа во една криза. Поради тоа и целата Европска унија е во криза, затоа ќе треба да ги почекаме изборите на 17-ти јуни во Грција, по што ќе знаеме кои се политичките партнери со кои треба да се преговара. Значи, треба да чекаме да се формира влада во Атина, тогаш се надевам дека со германска поддршка и со германско посредство ќе можат да се водат преговори за спорот со името.Јас ја претставувам пратеничката група на ЦДУ, на христијанско демократската унија која е мнозинска партија во Германија и од чии редови доаѓа канцеларката Ангела Меркел. Во мојата пратеничка група не е лесно да се објасни ситуацијата на Македонија во рамките на ЕУ и процесот на проширување на ЕУ. Значи не важи тоа проширување само за Македонија, туку тоа важи и за другите кандидати. Многу е тешко да се придобијат останатите за да гласаат за проширување на ЕУ. Ќе го наведам примерот за Црна Гора. Во нашата пратеничка група моравме да дискутираме повеќепати за да издејствуваме да се гласа позитивно за отпочнување на преговорите меѓу ЕУ и Црна гора. Затоа што во Германија, не само парламентарците, туку и населението не е подготвено да прими нови членки во Унијата и затоа ова прашање не е популарно.Многу луѓе во Германија, многу мои колеги политичари сметаат дека во моментов ЕУ не треба да се проширува, туку дека треба прво да се консолидира внатре, а потоа да се проширува. Затоа постои еден одреден „стоп“ за прием на нови членки.Јас лично не го делам тој став, јас сметам дека земјите од поранешна Југославија, географски веќе се дел од Европа и тие се природно партнери на ЕУ и треба да се членки на ЕУ, се разбира кога ќе ги постигнат потребните станарди. Лично сметам, а тоа е ставот на останатите, дека ЕУ нема да дозволи да се внесат спорови во Унијата, тука мислам на спорот меѓу Косово и Србија или спорот што го имаа Грција и Македонија. Значи тие спорови треба, не да се решат целосно туку да се најде начин да се започне со нивното решавање, а потоа пред приемот на овие земји што ги спомнав во ЕУ, да се решат конечно споровите. Значи да се дојде до еден компромис и тука ЕУ како партнер може да ја даде својата поддршка и да посредува во решавањето на тие спорови, само тогаш Maкедонија конкретно може да стане членка на ЕУ.
Преговорите за спорот со името се водат под покровителство на ОН, но според она што вие го кажувате Европа е подготвена и таа да се вклучи во преговорите меѓу Македонија и Грција. Како конкретно ќе придонесе Европа за решавање на овој проблем?- Знаете комесарот за проширување, Штефан Филе веќе води разговори, тоа не се официјални разговори, но сепак се водат разговори и за спорот за името и тоа не е ништо ново. Преговарачот Метју Нимиц како посредник од Обединетите нации, треба да продолжи, бидејќи сметам дека ОН се добра платформа за решавање на овој спор. Јас тоа го кажав и во петокот, дека овој разговор треба да се институционализира, но не треба да се создаде ново тело или нова институција затоа што веќе постои, а тоа се ОН, тие посредуваат и треба да продолжат. Меѓутоа треба да продолжат сериозни разговори кои немаат само функција на алиби. Тука јас гледам две нешта, од една страна ОН со Нимиц треба да продолжат со преговорите, од друга страна Европската унија треба да ја подготви земјата за започнување на официјалните преговори. Од сето она што го чув и видов деновиве, мислам дека Македонија е на добар пат да стане полноправна членка на ЕУ и ќе кажам дека ангажманот на ЕУ може да се смета како едно дополнение на активноста на ОН.Во моите разговори вчера и денеска прашав дали можеби треба да се размисли за тоа да се основа некој Арбитражен суд и од самиот почеток Грција и Македонија да кажат дека ќе ја прифатат одлуката на тој суд. Меѓутоа сите соговорници веднаш ми одговорија дека не ви треба ново тело, туку дека треба да се продолжи со оние тела, оние институции кои работат на решавањето на спорот, а тоа се ОН и Европската комисија.
Да се вратиме на самитот во Чикаго,Турција неколкупати напомена дека е голем поддржувач на Македонија, а има најави и дека турскиот претседател најверојатно ќе отворти дискусија за македонското членство во НАТО. Дали Турција би можела да издејствува такво нешто на самитот?- Ова го слушам првпат од вас и ова е многу интересно што го дознав, мислам дека е и добра идејата земјата да има поддршка и добро е што Македонија ја има Турција на својата страна. Меѓутоа лично сметам дека Турција како една земја не е доволна за да се постигне Македонија да го добие саканиот статус, бидејќи проширувањето на НАТО воопшто не е ставено на дневниот ред на самитот.Се разбира дека секогаш има надеж, луѓето се надеваат, меѓутоа јас зборував и со некои учесници на самитот на НАТО, тука во земјава, кои заминаа во Чикаго и нивниот став е прилично реалистичен, односно за жал Македонија нема да успее овојпат да стане членка на НАТО, иако сметам дека е добро што ја има поддршката на Турција.Тука морам да кажам дека и многу други земји не се против Македонина да стане земја членка, меѓутоа на сите ни е позната причината зошто пред четири години, април 2008 година во Букурешт, Македонија не го доби саканиот статус. За жал, ситуацијата од тогаш не се сменила. На оваа земја не и’ требаат поддржувачи, има доволно, туку земјата треба да работи на тоа да ги отстрани блокадите, причините поради коишто не може да стане земја членка.
Германската канцеларка Ангела Меркел вчера предложи да се одржи референдум во Грција, грчките граѓани да одлучат дали Грција треба да остане во еврозоната или не. Што ќе се случи ако Грција излезе од еврозоната?-Сега сум во Македонија, не сум ги следел германските медиуми, меѓутоа лично сметам дека решението со референдумот не е добро. И досега се велеше така, меѓутоа веројатно се сменила состојбата штом канцеларката дала таква изјава. Германија и ЕУ, мислам не цела ЕУ, не само земјите кои се во монетарната унија, во минатите години многу се залагале, дале многу гаранции, ги оптовариле своите граѓани за да успее монетарната унија и затоа ќе ми биде жал ако овие напори, заложби и гаранции биле залудни и ако нема да бидат успешни. Значи сите тие пари, сите тие структурни промени ќе падната во вода. Меѓутоа, ете, Меркел предложила референдум, а тоа значи дека во секоја држава граѓаните одлучуваат за својата судбина, тоа го прават секоја четврта година кога излегуваат на избори. Јас сéуште не ги знам реакциите на овој предлог на Меркел во Грција, но знам дека политичарите не можат да донесуваат одлуки без да ги прашаат своите граѓани. Прво треба да го слушнат мислењето на своите граѓани, пред да преземаат дејства и тоа треба да го стори и политичкото раководство во Грција по 17-ти јуни. Треба да го чуе гласот на народот и да знае како да се однесува понатаму. Јас сметам дека Грција треба сама да одлучи дали ќе излезе од еврозоната и затоа ќе се одржи референдум, но излегувањето на Грција од еврозоната јас го сметам како субоптимално решение. Знаеме дека Грција издвојува 1 процент од бруто домашниот производ (БДП) за еврозоната што е мал износ, но ако Грција излезе од еврозоната тогаш тоа е еден пат кој мора да го изоди до крај. Не значи дека ако Грција излезе од еврозоната никогаш не ќе може да се врати, секогаш постои можност да се врати во еврозоната, но остануваат долговите што Грција ги има кон своите партнери кон ЕУ и кон други земји. Јас не сум економист, не ги знам бројките, но знам дека не е лесно да се вратат тие долгови, бидејќи тие долгови се износи во евра и доверителите, особено европските доверители очекуваат парите да им бидат вратени во евра, што ќе биде една многу тешка, односно „херкулесова“ задача за Грција.Пред два дена прочитав нешто во весник, со што не се согласувам, бидејќи забелешката е многу цинична, но сепак сакам да ја кажам. Таму пишуваше дека ефектот на излегувањето на Грција од еврозоната е исто ако кинеските работници малку би ја продолжиле својата пауза за ручек. Значи тоа е цинична забелешка, но со тоа новинарот сака да каже дека Грција дава многу мал придонес во однос на својата макроекономија во Европската унија.
Пред еден месец се случи петкратно убиство во Скопје, потоа се организираа протести, на кои беа каменувани државните институции. Демонстрантите беа револтирани, како што рекоа, од изјавата на министерката за внатрешни работи дека осомничените за убиството биле радикални исламисти. Како ги оценувате меѓуетничките односи во Македонија? – Се надевам дека ќе имате разбирање што нема да ги коментирам внатрешните работи на Македонија. Водев многу разговори за време на мојот престој, претходно имав разговор со претставниците на петте верски заедници, разговаравме и за овој настан. Јас сметам дека е важно припадниците на различните религии да се во постојан дијалог, да водат конструктивни дијалози за мирен соживот во земјата. Во секоја земја, па и во Македонија, има криминалци и тие треба да се казнат согласно законот и притоа верската и етничката припадност не треба да играат никаква улога. Јас лично имам голема доверба во владеењето на правото во Македонија. Знам дека се притворени 20-мина, два-тројца потенцијални сторители се во бегство, меѓутоа гледам дека земјата е на добар пат да го реши овој проблем. Мислам дека изјавите на припадниците на владата, или изјавата на министерката за внатрешни работи не се причина за овие демонстрации, туку тие се само повод. Служат како повод за една мала група ,да ја искористат изјавата за постигнување на свои цели. Во вакви ситуации сметам дека треба многу да се внимава за да не ексалира ситуацијата. /крај/мф/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
18-годишникот кој усмрти жена во Капиштец избега од државата, МВР распиша потерница
Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница по 18-годишникот кој прегази жена во Скопје и избега од местото на настанот. Според најновите информации, тој избегал и од државата.
„Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница по Саитов Саит (18) од Скопје од татко Берти и мајка Ганимете од Скопје. Лицето е барано по централна и меѓународна потерница по барање на ОЈО Скопје за кривично дело по член 300 од Кривичниот законик“, соопшти МВР.
Според истрагата, на 9 јануари, Саитов со „фолксваген пасат“ се движел по улицата „Народен фронт“ без да поседува важечка возачка дозвола. Тој се движел со неприспособена брзина и извршил непрописно поместување во левата коловозна лента, по што со возилото удрил во пешакот 79-годишната Љуба Јаковлеска. По несреќата, тој избегал.
фото/МВР
Македонија
Ѓорѓиева: Со измените на Кривичниот закон се враќа правдата во државата
Весна Ѓорѓиева, пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, се обрати денес на 80-та седница во Собранието на која се расправаше и Предлог на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, при што истакна дека измените се однесуваат на суштинското прашање, а тоа е да ја вратат правдата и функционалноста на системот преку појасни одредби. Според неа, без функционален и праведен систем не може да постои ниту стабилна држава, ниту сигурност за граѓаните.
,,Нашите граѓани ќе ја гледаат сигурноста кога ќе биде сигурен правниот систем во државата“, рече Ѓорѓиева.
Таа се осврна на членот 353 од предлог законот, со кој како што посочи, се враќа суштината на кривичното дело злоупотреба на службена положба.
,,Се враќа суштината на злоупотреба на службена положба, пречекорување на овластувањата или неизвршување на службена положба. Со овој закон се распушта претходниот закон во 2023 година кој беше донесен од СДС и ДУИ, каде што беше разводенет, односно каде што казните беа намалени, дејствијата беа потешко докажливи, а роковите за застареност беа скратени“, истакна Ѓорѓиева.
Според неа, законот не е наосочен против оние кои работат чесно, туку против корупцијата и злоупотребата на службената положба.
,,Држава без кривичен закон е како држава без рбтет. А држава без рбет секој може да ја скрши. Почитувани граѓани, овој закон е порака до секој што мисли дека државата е приватен бизнис, овој закон е порака дека времето на неказнивост завршува и да, можеби на некому тоа не му одговора, но на народот тоа му одговара, и тоа го бара од нас“, вели Ѓорѓиева.
Македонија
Ангелова: Измените на Кривичниот законик се клучни за посилна заштита на жените од насилство и зголемување на сообраќајната безбедност
На денешната собраниска седница се обрати пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Емилија Ангелова која истакна дека измените во Кривичниот законик претставуваат суштински чекор за враќање на довербата на граѓаните за правна држава каде криминалот и корупцијата нема да бидат толерирани, туку ќе бидат соодветно санкционирани.
„Овој предлог-закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик претставува неопходен и одговорен чекор кон враќање на правната сигурност, владеењето на правото и довербата на граѓаните во институциите. Со него државата јасно ја испраќа пораката дека корупцијата, злоупотребата на службената положба, организираниот криминал и насилството нема да бидат толерирани, ниту релативизирани преку законски празнини и непропорционално благи санкции“, рече Ангелова.
Пратеничката посочи дека ќе се постигне подобра заштита на приватноста на граѓаните, безбедност во сообраќајот, посилна заштита на жените од семејно насилство како и јасна правна рамка за гонење на злоупотреби во јавните набавки.
„Со предложеното решение ќе се постигне враќање на превентивната и репресивната функција на казненото право особено кај делата злоупотреба на службена положба, организиран криминал и корупција. Јасна и ефикасна правна рамка за гонење на злоупотреби во јавните набавки, подобра заштита на приватноста и достоинството на граѓаните, посилна заштита на жената од насилство,семејно насилство со гонење по службена должност во согласност со Истанбулската конвенција, подигнување на безбедноста во сообраќајот преку поостри санкции. Се зголемува и јавната безбедност на патиштата“, вели Ангелова.
Пратеничката Ангеловска се осврна на клучните поенти за жените истакнувајќи дека со овој предлог-закон жената е заштитена од дигитално насилство, од семејно насилство, а со тоа постигнување на реална заштита и сигурност на жената во државата.
„Посилна институционална заштита од насилство врз жените и семејно насилство со гонење по службена должност државата ја трга одговорноста од жртвата и јасно застанува на страната на жената. Заштита на приватноста и телесниот интегритет на жените, инкриминирање на злоупотребата на интимни снимки директно ги штити жените од уцени дигитално насилство и јавно понижување. Европски стандарди, европска заштита за жените законот директно ги имплементира европските и меѓународните обврски и ја позиционира како партнер во борбата за еднакви можности и човекови права“, рече Ангелова.

