Македонија
Грчкиот местач на натпревари ќе добие 70 години затвор?
Гркот Макис Псомијадис кој вчера беше уапсен во центарот на Скопје, за местењето на фудбалски натпревари, според грчкото законодавство може да се соочи со казна затвор во траење од 70 години.
Гркот Макис Псомијадис кој вчера беше уапсен во центарот на Скопје, за местењето на фудбалски натпревари, според грчкото законодавство може да се соочи со казна затвор во траење од 70 години.
Псомијадос влегол во Македонија илегално, а во Скопје престојувал во приватни станови под кирија. Министерството за внатрешни работи засега нема индиции за евентуално учество на Гркот во местење на спортски натпревари во Македонија.
„Засега нема индиции дека пријавениот сторил кривични дела и во Македонија“ вели портпаролот на МВР, Иво Котевски.
Министерството за внатрешни работи денеска на прес – конференција соопшти како грчкиот бизнисмен познат како Биг Мек ги местел натпреварите. Псомијадис како претседател на фудбалскиот клуб Кавала бил водач на групата која ги мести натпреварите. Тој им наредувал на членовите на неговата група, на нелегалните агенти да се обложуваат на натпревари за кои предвреме го знаеле резултатот.
Натпреварите ги местел со уцени, измами на фудбалските играчи, судии. Од 2008 година до денеска им ветувал на спортистите, судиите, извршните агенти, пари за да ги наместат натпреварите или да влијаат на резултатите на натпреварите, кои што биле договорени меѓу неговата екипа и други екипи. Резултатите се менувале во зависност од неговите намери. Тој се обложувал преку интернет во странски обложувалници за наместени натпревари.
Како управен директор на компанијата „Андрианос Ксенодохеиаки Турист“, Псомијадис затаил данок од околу 3 милиони евра.
Педесет и петгодишниот Грк се бараше со меѓународна потерница од август, а беше уапсен вчера додека пиел кафе во центарот на Скопје. Неколку дена пред објавувањето на потерницата, Псомијадис бил ослободен од судот, и покрај препораката на обвинителството за притвор на бизнисменот.
Подоцна таквата одлука била поништена. Апелациониот суд одлучил Псомиадис да остане во притвор, во ситуација кога тој веќе бил ослободен со кауција од 600.000 евра. Но Псомијадис веќе избегал во Скопје.
Истражен судија му одредени екстрадиционен притвор од 40 дена. „По одлуката на Истражниот судија, грчкиот државјанин беше спроведен во притвор, по што се очекува завршување на екстрадициската постапка и одлуката на судот за негово предавање на грчките власти“ вели Котевски.
Веста за апсењето на грчкиот бизнисмен предизвика огромно внимание во грчките медиуми. Денеска во Скопје на прес – конференцијата на Министерството за внатрешни работи присуствуваше и новинар од грчкиот весник „Танеа“. /крај/фф/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Домашни производи и специјалитети од сите региони на Македонија денес може да се пробаат во Градски парк
Уникатна можност да се вкусат домашни производи и специјалитети од сите региони на Македонија, претставува Саемот за храна што ќе се одржи денеска во Градскиот парк во Скопје.
Под мотото „Вкуси ја традицијата преку домашна здрава храна“, Саемот ќе ги промовира производите „Македонско најдобро“ кои, како што информира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), претставуваат синоним за квалитет.
-Саемот за храна ќе понуди богат избор на свежо овошје и зеленчук, млечни производи, мед, преработки од овошје и зеленчук и вино, подготвени со внимание и љубов кон традицијата. Ве поканувам да дојдете, секоја ваша поддршка е инвестиција во домашното производство, локалната економија и развојот на руралниот туризам. Заедно да ја негуваме традицијата и да градиме поуспешна иднина за македонското земјоделство, апелира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски кој се очекува да се обрати пред присутните учесници и посетители.
Настанот ќе биде збогатен со репертоар на познати музички изведувачи.
Саемот за храна го организира здружението „Наша традиција, наша иднина“ со поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Македонија
Денес дожд, засилен ветер и грмежи
Денеска не очекува променливо облачно време со локални врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни, се наведува во прогнозата на УХМР.
Како што информира УХМР, процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 30 l/m² за 24 часа), засилен ветер и појава на грмежи. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен, а долж Повардарието од југоисточен правец.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен југоисточен ветер.
Македонија
Детскиот џагор на игралиштата и смеата пред зградата, денес го замени тишината на екраните
Осаменоста веќе не е проблем само на возрасните. Таа сè почесто ги погодува и децата. Она што некогаш беше џагорот на игралиштата и смеата пред зградата, денес го замени тишината на екраните. Сè повеќе тинејџери се чувствуваат изолирани, а детските психијатри предупредуваат дека расте генерација која веќе не знае да се дружи.
Според податоците на истражувачкиот центар „Пју“, речиси една четвртина од младите на возраст меѓу 18 и 29 години се чувствуваат осамени поголемиот дел од времето, а кај момчињата од 11 до 17 години тој број се зголемува на повеќе од 26 проценти.
– Децата стануваат сè поосамени. Тоа го знаеме одамна – вели д-р Херман Велес, детски и адолесцентен психијатар од Универзитетот „Колумбија“.
Пред само десетина години децата играа фудбал во дворот, ги шетаа своите миленици и се дружeа до мрак. Денес, повеќето од нив поминуваат часови пред екрани. Истражувањата покажуваат дека секоe трето дете воопшто не игра надвор во школските денови, а едно од пет ниту во текот на викендот.
Родителите, често водени од страв и недоверба кон околината, сè поретко им дозволуваат на децата самостојно да си играат надвор. Како што пишува социјалниот психолог Џонатан Хејт, автор на книгата „Анксиозната генерација“, терминот „опасност од непознатите“ стана симбол на современото родителство.
Стравот, медиумите и претераната претпазливост ги затворија децата во безбедни, но осамени домови.
Социјалните мрежи и видеоигрите ги заменија дворовите, но не донесоа блискост. Напротив, создадоа лажна слика за светот и за себеси. Повеќе од 70 отсто од момчињата редовно гледаат содржини што ја глорифицираат „машкоста без емоции“: сила, надмоќ, пари.
– Тоа создава ѕид – вели психологот Мајкл Роб. Момчињата почнуваат да веруваат дека покажувањето чувства е слабост, а молчењето знак на сила. Со текот на времето, тоа ги оддалечува од другите и од сопствените емоции.
Што можат да направат родителите?
Најважното што родителите можат да направат не е контрола, туку присуство.
– Децата имаат потреба од подобра опција од интернетот. Тоа значи заедничко време, искрен разговор, заеднички оброк – објаснува д-р Велес.
Едноставните моменти како прошетка без телефони, вечера со разговор или заедничка смеа, ги враќаат децата во вистинскиот живот.
Психолозите советуваат родителите да воведат правило без екрани во спалната соба и да одредат време без телефони барем еден час дневно. Наместо лутина за тоа што децата гледаат, препораката е пристапот: „Биди љубопитен, не лут“.
Прашајте го детето што гледа, како се чувствува додека гледа и што му значи тоа. Можеби тогаш првпат ќе чуете нешто искрено.
Детските психолози се согласуваат за едно: играта без телефон и времето поминато со други се најбрзиот лек против осаменоста. Затоа е важно децата повторно да ја имаат можноста што ја имаа генерациите пред нив: да бидат надвор, да грешат, да се смеат и да имаат вистински пријатели, не виртуелни.

