Македонија
Гешковска останува обвинител за Изгрев
Обвинителот Јован Илиевски, шеф на одделот за организиран криминал, донел одлука Гордана Гешковска да остане обвинител за случајот „Изгрев“
Тој го одбил барањето за изземање на обвинителката, кое го поднесе обвинетиот Димитар Миладинов. На последното судско рочиште тој побара Гордана Гешковска да не го работи предметот оти Вишото обвинителство констатирало пропусти во нејзината работа.Барањето го поднесоа браќата Миладинови обвинувајќи ја обвинителката дека наводно поради корупција и лична кариера го напишала обвинителниот акт.„Барањето е поради тоа што се сомневаме во непристрасноста на обвинителката. И обвинителот Љупчо Шврговски потврди дека имало грешки во обвинението заради што таа треба да го напушти процесот”, образложи во понеделникот Димитар Миладинов.Тој на рочиштетот во понедленикот изнесе тешки обвинувања за обвинителката. Ја нападна дека направила монтиран процес и класичен прогон за да уништи бизнис кој некој друг требало да го преземе. Се повика на материјални докази кои ќе ги приложел дополнително.Додека зборуваше се расправаше со неа дали се служи со мобилниот телефон во судница. Обвинителката Гордана Гешкоска телефонот го предаде на судијата. Миладинов во детали образложуваше зошто обвинителката треба да биде изземена и посочи дека таа правела притисок и на судечкиот судија. Тогаш настана тензија во судницата по што судијата возврати со опомена: „Забегавте, прекинете”, но Миладинов кажа се што мислеше дека треба за да го аргументира барањето за изземање. На ова барање се приклучи и еден од адвокатите кои образложуваше сосема друг предмет во кој Гешковска била обвинител.Обвинителката Гешкоска, пак, кажа дека нема да го коментира барањето, но додаде дека адвокатите се служат со полувистини за да и наштетат.„Моето постапување во предметите е одобрено од Јавниот обвинител на Република Македонија”, рече Гешкоска.Тогаш настана и препирка дали треба да се прекине или не судењето. Судијата на крајот сепак го одложи процесот за следниот месец.Браќата Миладинови беа осудени на по шест и пол години затвор за финансиски малверзации со хотелот „Изгрев“ во Струга, односно за перење пари и измама со кредити.Апелациониот суд ја укина пресудата по барање на Вишото јавно обвинителство кое потврди дека во обвинителниот акт имало грешки, постапката била водено погрешно и немало докази. Предметот е на повторно судење, а Миладинови и неговите бранители очекуваа обвинителката Гешкоска да го повлече обвинителниот акт
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Договорите за корупција треба да бидат многу поскапи, потешки и по неисплатливи – антикорупционерите со обука за полицајците
Регионалната иницијатива против корупција (РАИ) денес во Скопје организираше обука за претставници на полицијата и Министерството за внатрешни работи за проценка на ризикот од корупција и проверка на законодавството за спречување на корупција. Претседателот на Државната комисија за спречување корупција(ДКСК), Адем Чучуљ вели дека ќе настојуваат да најдат системски решенија против корупција и во секторот животна средина.
„Исклучително ни е драго што со нашите партнери од РАИ сме дел од овој проект кој опфаќа значајна системска активност за детектирање ризици од корупција во две значајни области, тоа се внатрешни работи и животната средина и исто така антикорупциска проверка на легислативата во овие две области. Целта е системски во овие области да се детектираат соодветните проблеми и да се изнајдат механизми за нивно надминување односно преку системски решенија да ја спречиме корупцијата во овие две области“, рече претседателот на ДКСК, Чучуљ.
Директорот на РАИ, Алберт Хани вели дека по секторите култура и образование, на кои веќе работеле, сега на ред се безбедноста и животната средина кои се идентификувани како ранливи кај нас, а тие се тука да помогнат на државата да развие механизми за справување со корупцијата.
„ Механизми постојат, затоа и постоиме ние, да им помогнеме на државите да развијат механизми со кои ќе се справуваат со корупцијата, механизми кои ќе значат едноставно да се креира состојба во која договорите за корупција ќе бидат многу поскапи, многу потешки, многу понеисплатливи и секако ненаградувачки договори“, рече директорот Хани.
Претседателот на ДКСК, Чучуљ, кажа дека во завршна фаза е носењето на новата национална стратегија за спречување корупција во која се детектирани ризици во седум сектори меѓу кои е и животната средина. Од новата стратегија тој очекува да биде поприменлива, да го зголеми надзорот, но и да детектира одговорност за нејзина непримена. Стратегијата треба да боде донесена до крајот на овој месец.
Македонија
Трендафилов: Пробуваат на мала врата да ја усогласат минималната плата за 1.600 денари, излегуваме повторно на улица
Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов, денеска ја напушти седницата на Економско – социјалниот совет, на која на дневен ред беше минималната плата. Тој обвини дека власта на мала врата пробува да утврди усогласување на минималната плата за околу 1.600 денари.
„Жалосно е тоа што Владата, работодавачите и другите синдикати се на истиот став, а тоа е минималната плата само законски да се усогласи и да не се зголеми“, вели Трендафилов.
Тој најави дека протестите ќе продолжат на средината на март. „За жал, борбата продолжува повторно на улица на средина на март“, објави Трендафилов.
Премиерот, Христијан Мицкоски, претходно информираше дека на денешната седница на Економско-социјалниот совет на дневен ред била Информација за висината на минималната плата.
„Денеска на дневен ред е информација за висината на минималната плата, која ќе биде во 2026 година согласно закон. Очекувам на следната владина седница да го поминеме ова и како Влада и потоа нормално согласно висината на минималната плата од април за март да почне истата да се исплатува“, истакна Мицкоски и додаде дека очекува бипартитниот дијалог меѓу работодавците и работниците да продолжи во иднина да се интензивира.
Македонија
(Видео) СДСМ бара одговорност од власта за шверцот со петте тони дрога
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на прес-конференција побара одговорност од актуелната власт во врска со, како што рече, најголемиот нарко скандал во регионот, по заплената на 5 тони дрога од Македонија во соседна Србија.
Таа посочи дека повеќе од еден месец нема одговори како толкава количина дрога ја поминала границата и кој од врвот на власта ќе понесе одговорност.
Според Кузеска, од досега достапните информации произлегува дека станува збор за високо организирана криминална група која, како што рече, не можела да функционира без поддршка од лица на највисоки позиции во власта.
Кузеска наведе три клучни аспекти за кои, според СДСМ, треба да се утврди одговорност.
Првиот се однесува на локации во околината на Свети Николе, каде што, како што тврдеше, се вршел претовар на дрогата. Таа рече дека од фабрика во кругот на ОХИС „Алфафарм“ дрогата била транспортирана без полициска придружба, прашувајќи кој го дозволил тоа и зошто не биле извршени контроли.
Вториот аспект се однесува на начинот на пренос преку граница, при што, според неа, дрогата била препакувана како перници. Таа праша како, и покрај скенерите и контролите, пратките ја поминале границата, посочувајќи дека одговорност треба да се бара и кај царинските служби.
Третиот аспект, според Кузеска, е поврзан со информациите дека пратката завршила во магацин на локални функционери на српската СНС, за која рече дека е сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ, при што посочи и на наводни блиски врски со српски функционери.
„СДСМ нема да дозволи овој случај да се заташка“, изјави Кузеска, додавајќи дека не смее одговорноста да заврши само кај магационери, превозници и сопственици на фирми, туку, како што рече, мора да се утврди кој од власта ќе одговара.

