Свет
Проневерите на Смиленски ќе ги плаќаат граѓаните во 2010 година
Државата издаде обврзници од над 11 милиони евра за да ја допокрие загубата на НБМ Во следните пет години ќе се намирувале само каматите, а по пет години, државата одеднаш ќе ја исплатела главницата од долгот
Државата издаде обврзници од над 11 милиони евра за да ја допокрие загубата на НБМ
Во следните пет години ќе се намирувале само каматите, а по пет години, државата одеднаш ќе ја исплатела главницата од долгот
НИНА НИНЕСКА-ФИДАНОСКА
Тешките милионски суми евра за што своевремено е обвинет контроверзниот Методија Смиленски, дефинитивно, одат на товар на сите македонски компании и граѓани иако сў уште случајот нема судска завршница. Загубите ќе ги плаќаме сите преку даноците што се собираат во државниот Буџет. Најголемиот дел од 24 милиони евра загуба колку што направила Народна банка на Македонија поради овој случај, државата веќе го "искеширала" минатата година преку националната каса, а преостанатиот, поголем износ, им е оставен "во наследство" на идните генерации, кои повторно, преку буџетот, ќе ги враќаат загубите во 2010 година. Тоа ќе се направи преку државните обврзници што државата ги издаде неодамна, а чии рок на доспевање е 5 години.
Приказната почна кога Смиленски, преку својата Експорт-импорт банка, успеа да "извлече" од централната банка (тогаш на чело со ексгувернерот Љубе Трпески) гаранции тешки 20 милиони евра, за кредит што го зел од извесна странска банкарска институција. Со оглед што заемот никогаш не го врати, а неговата Експорт-импорт пропадна овие пари останаа на товар на НБМ. Поради тоа, првата монетарна куќа мораше да искаже загуба од 24 милиони евра на крајот на 2004. Најголем дел од тој минус, близу 21 милион евра, се должи токму на пропаднатите гаранции, а остатокот на други исплати. Како што е законски во случај кога НБМ трпи загуби, државата е должна преку Буџетот целосно да ги покрие.
Токму тоа и го направија македонските власти. Со огледна тоа што тие требаше да Ј дадат на НБМ вкупно 1,22 милијарди денари за покривање на загубите или близу 20 милиони евра, Владата одлучи дел од парите да ги исплати во "кеш" и тоа преку ланскиот Буџет, а за остатокот да издаде државни обврзници, што повторно значи дека сите граѓани ќе го плаќаат "цехот", но со одложено враќање. Па така, 8,13 милиони евра или 500 милиони денари беа вратени минатата година во септември од државната каса.
За преостанатиот износ од околу 11,64 милиони евра или 716 милиони денари, државата на 30 декември лани издаде државни обврзници. Од сајтот на Министерството за финансии може да се види дека нивниот рок на достасување е пет години, со годишна купонска каматна стапка од 7,45 отсто. Исплатата на номиналната вредност ќе се изврши во 2010 година.
Во ресорот за финансии објаснуваат дека овие обврзници сега ќе и се дадат на НБМ, а таа може нив да ги продаде и со остварените средства да ја покрие загубата или да работи со овие хартии од вредност.
Државата, пак, во следните пет години ќе ја плаќала само каматата од 7,45 отсто. Главницата од долгот, 11,64 милиони евра, ќе биде исплатена одеднаш, но по пет години, односно во 2010. На прашањето на "Утрински" зошто обврската нема да се плаќа на рати, туку целиот износ ќе се чува за по пет години, во финансии велат дека се очекува оти тогаш Буџетот ќе бил повисок, односно ќе имал поголеми приходи, па полесно ќе било од него да се издвојат тие 11,64 милиони евра.
И додека државата без око да Ј трепне бркна во џебот на граѓаните да ги покрие загубите на Народната банка, случајот е без судски епилог. Методија Смиленски е во Виена, а против ексгувернерот Љубе Трпевски не е поведено обвинение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Франција ги повикува младите на десетмесечна доброволна воена служба
Франција почна кампања за нова десетмесечна доброволна национална воена служба, а првите учесници ќе почнат со обука во септември годинава. Програмата, која во ноември ја претстави претседателот Емануел Макрон, е отворена за сите млади француски државјани, пишува „Ројтерс“.
Службата е наменета за лица на возраст од 18 до 25 години кои сакаат да придонесат за способноста на нацијата да се спротивстави во небезбедна средина, изјави на прес-конференција началникот на Генералштабот на вооружените сили, генералот Фабиен Мандон. Овој потег е дел од поширок тренд во Европа, каде што земјите ги преиспитуваат своите одбранбени стратегии поради загриженоста околу променливите приоритети на Соединетите Американски Држави под претседателот Доналд Трамп, како и поради, како што се оценува, поагресивниот став на Русија.
Од септември, 3.000 млади лица ќе се приклучат на армијата, морнарицата или воздухопловството за извршување мисии на француска територија. Планирано е бројот да се зголеми на 4.000 во 2027 година, а потоа да достигне 10.000 учесници годишно до 2030 година.
Учесниците ќе добиваат надомест од околу 800 евра месечно, а нивните задачи ќе опфаќаат широк спектар активности – од помош при природни катастрофи и антитерористички надзор, до работни позиции како оператори на дронови, пекари, механичари, електричари и медицински персонал.
По завршувањето на програмата, учесниците ќе можат да се вратат во цивилниот живот, да станат резервисти или да останат во вооружените сили. Министерката за одбрана Катрин Вотрен изјави дека ова го одразува „долгорочниот развој на војската кон хибриден модел“.
Се очекува програмата во 2026 година да чини 150 милиони евра, а вкупните трошоци за периодот од 2026 до 2030 година се проценуваат на 2,3 милијарди евра.
Фото: pexels
Свет
Фон дер Лајен остро го критикуваше „Икс“ на Маск поради АИ-содржини со голи жени
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, остро ја критикуваше платформата „Икс“ на милијардерот Илон Маск поради ширење сексуално експлицитни deepfake содржини создадени со помош на АИ-чатботот Grok, пишува Политико.
„Згрозена сум што технолошка платформа им овозможува на корисниците дигитално да ги ‘соблекуваат’ жените и децата на интернет. Тоа е незамисливо однесување. А штетата предизвикана од овие deepfake содржини е многу реална“, изјави фон дер Лајен во интервју за повеќе европски медиуми, меѓу кои Ројтерс и Кориере дела сера.
„Нема да ја препуштиме заштитата на децата и прашањето на согласност на Силиконската долина. Ако тие не постапат, ние ќе постапиме“, предупреди таа. Од почетокот на јануари, илјадници жени и тинејџерки, меѓу кои и јавни личности, пријавиле дека нивни фотографии на социјалните мрежи биле „соблечени“ и претворени во фотографии во бикини од страна на Grok, по барање на корисници.
Алатката за креирање deepfake содржини поттикна истраги од регулаторите ширум Европа, вклучувајќи ги Брисел, Даблин, Париз и Лондон. Европската комисија минатиот четврток ѝ наложи на платформата X да ги зачува „сите внатрешни документи и податоци поврзани со Grok“, што претставува ескалација на постојната истрага за политиките за модерирање содржини на X.
Комисијата ги оцени сексуално експлицитните deepfake содржини создадени без согласност како „незаконски“, „ужасни“ и „одвратни“.
Како одговор, X ја ограничи контроверзната функција за генерирање АИ-слики само на корисници со платена претплата. Портпаролот на Европската комисија, Томас Рењер, изјави дека ограничувањето на алатката на претплатници не значи крај на истрагата на ЕУ.
Скандалот се појави како нов тест за решителноста на ЕУ да го ограничи влијанието на Маск и американските технолошки гиганти. Само еден месец претходно, Брисел ја казни платформата X со 120 милиони евра поради кршење на клучниот закон на Унијата за онлајн платформи – Актот за дигитални услуги (DSA).
Казната предизвика брза и силна реакција од Вашингтон, при што американската администрација воведе забрана за патување за поранешниот европски комесар за дигитална технологија и главен архитект на DSA, Тјери Бретон. Од платформата X не одговориле веднаш на барањето за коментар за критиките на Урсула фон дер Лајен.
Фото: Depositphotos
Свет
Трамп објави фотографија на која пишува дека е претседател на Венецуела
Американскиот претседател Доналд Трамп објави фотографија на својот профил на социјалната мрежа Truth Social, тврдејќи дека е 45-ти и 47-ми претседател на Соединетите Американски Држави, како и вршител на должноста претседател на Венецуела од јануари 2026 година.

Соединетите Американски Држави започнаа воена операција во Венецуела на 3 јануари, при што ги заробија претседателот Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес за да им се суди пред суд во Њујорк по обвиненија за дрога и оружје.
Трамп изјави дека неговата администрација ќе управува со Венецуела и нејзините нафтени ресурси за време на преодниот период. Откако Мадуро беше уапсен, неговата потпретседателка Делси Родригез положи заклетва како привремена претседателка.
Трамп претходно предупреди дека Родригез би можела да „плати многу висока цена“ ако не соработува со Соединетите Американски Држави.

