Македонија
Груевски до Мијатовиќ: Законот не дозволува мешање на извршната во судската власт
Премиерот Никола Груевски со писмо се обрати во понеделеникот до претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите, Дуња Мијатовиќ, во кое се заблагодарува на нејзиниот итнерес искажан со претходниот нејзин допис за судскиот предмет и мерката притвор изречена на новинарот Томислав Кежаровски, и притоа посочува дека претпоставките на кои ги таа ги темелите тезите и залагањата, не целосно кореспондираат со фактичката состојба, како и со правниот поредок и овластувањата кои ги има извршната власт
„Дозволете ми најнапред да истакнам дека Владата на Република Македонија во целост се залага за почитување на принципот на владеење на правото и за целосно почитување на принципот на поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска како темелни вредности на уставниот поредок на земјата (член 8 од Уставот на РМ). Како претседател на Владата обрнувам особено внимание за доследно почитување на начелото на еднаквост на граѓаните, не само затоа што тоа претставува еден од основите на граѓанските слободи и правата утврден во Уставот на Република Македонија (член 9 став 2 од Уставот), туку и затоа што еднаквоста е еден од столбовите на демократските политички системи. Еднаквост во правата, но и еднаквост во обврските“, се посочува во одговорот на премиерот Груевски.
Според ова, како што дополнува Груевски искажувајќи надеж дека претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите ќе се согласи, не би смеело да се дозволи поедини граѓани да имаат привилегиран третман во однос на почитувањето на обврските кои им се налагаат со одделни закони, во зависност на тоа со каква професија се занимаваат.
„Ниедна професија не смее да биде амнестирана од законот, вклучувајќи ја тука и професијата новинар, која по својата благородност и значајност за демократските процеси во една држава можеби предничи во однос на повеќето професии. Исто така, се надевам дека ќе се согласите со мене дека начелото на поделба на власта не дозволува на извршната власт да интервенира и дерогира одредени судски одлуки, колку и да не се согласува со истите и колку и да таквите одлуки можат да наштетат на имиџот на земјата“, нагласува македонскиот премиер во дописот до Мијатовиќ.
Укажува и дека во врска со предметот на Кежаровски, постојат, како што вели Груевски, одредени моменти во содржината на писмо од Мијатовиќ кои ја „замаглуваат фактичката состојба и кои на Вашите добри намери им даваат погрешен правец“.
„Се согласувам со Вас дека затворањето новинари за нивното пишување не е прифатливо во едно демократско општество, како што велите во Вашето писмо, но дозволете ми да истакнам дека г-дин Кежаровски не е притворен поради неговото пишување, туку затоа што е обвинет за повреда на Законот за заштита на сведоци, што е пропишано како кривично дело во наведениот закон“, се вели во писмото на премиерот и притоа се додава дека системот на заштита на сведоци претставува значајна алатка во борбата со криминалот и не смее да се дозволи ваквиот систем на каков и да е начин да се корумпира. Притоа Груевски посочува на примерот на Хашкиот трибунал кон ова прашање, и за тоа колку е значајна заштитата на сведоци, кој покрена постапки и осуди четворица новинари за откривање на идентитет на заштитен сведок.
„Оттука, потребно е со особено внимание да се разгледуваат сите случаи на повреда на овој закон и да не се дозволи да се врши било каков притисок на правосудните власти при третирањето на предмети со вакви кривични дела. Во оваа насока, би сакал да го искажам своето мислење дека е непримерно да се доставува копија од ова писмо на претседателот на Кривичниот совет на Основниот Суд Скопје I, бидејќи колку и да е тоа добронамерно, истото може да биде сфатено како своевиден притисок на судот, што верувам не е Ваша интенција“, се вели уште во писмото.
Од тие причини, нагласува Груевски, непримерно е да се бара асистенција од него како премиер на Мијатовиќ да и’ биде дозволена посета на Кежаровски во притворот. Упатува дека посетата на притвореници е прецизно регулирана со Законот за кривична постапка, каде што таксативно е наведено кој може да посети притворено лице.
„Јас не би се осмелил да судам дали Вие имате право или не да го посетите, туку само би истакнал дека е потребно да се подари верба во надлежните судии, кои се единствено овластени да одлучат кому може да му се дозволи да направи посета и дека секоја интервенција на извршната власт би го поткопала уставниот поредок на земјата и би ги загрозила основните вредности на едно демократско општество“, прецизира Груевски.
Премиерот истакнува и го убедува претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите, дека Владата, како и во сите судски предмети, „целосно се држи настрана од предметот на Томислав Кежаровски“.
„И покрај тоа што поедини структури се обидуваат да го исполитизираат овој предмет, и покрај тоа што истиот може да се злоупотреби за нарушување на имиџот на Република Македонија, Владата принципиелно ќе продолжи да се држи на страна но и внимателно да го следи текот на судската расправа по овој предмет, бидејќи тоа е единствениот правилен и можен начин за постапување“, порачува на крајот премиерот Груевски./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Глоба од 1.300 евра за нечисти гуми: Општина Аеродром казни градежна фирма
Општина Аеродром спроведува засилен инспекциски надзор, при што е изречена глоба од 1.000 евра за компанија и 300 евра за одговорното лице, поради прекршување на Законот за јавна чистота.
При извршена контрола на градилиште во близина на СУГС „Димитар Влахов“ на булевар „Трета македонска бригада“, инспекторите утврдија дека градежни возила се движеле по коловоз со нечисти гуми, со што се нарушува чистотата на јавните површини и се создава дополнително загадување .
„Општината нема да дозволи несовесно постапување, а прекршувањата ќе се санкционираат строго и без исклучок. Во наредниот период ќе продолжат и дополнително ќе се интензивираат контролите на сите активни градилишта. Особено внимание ќе се посвети на: Почитување на мерките за заштита на животната средина; Спречување на загадување и несоодветно одлагање отпад; Одржување на чиста и безбедна околина околу градилиштата; Заштита на јавните површини од узурпација“, велат од Аеродром.
Општината упатува апел до сите изведувачи и инвеститори да ги исполнуваат своите законски обврски. Само со дисциплина и одговорност, како што се додава, можеме да обезбедиме уредна, чиста и безбедна средина за сите жители на Аеродром.
Македонија
Трендафилов побара мерки против пратеничката Дафина Стојановска оти ги објави неговите деца и за утре најави блокада на газдите
Утре напладне, повторно со најмалку 21 работник, Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) ќе ги блокира Стопанската комора, Организацијата на работодавачи на Македонија и Бизнис- конфедерацијата од кои бараат минималната плата да се зголеми на 600 евра, а сите останати плати да се зголемат за најмалку 100 евра. Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов на денешната прес-конференција кажа дека објава на видео од неговите малолетни деца нема да го замолчи и ги повика институциите да преземат мерки против пратеничката Дафина Стојановска.
„Нема да потклекнам, нема да се предадам сѐ додека не се предадат тие и не ги зголемат работничките плати, но ќе дозволите да зборувам за монструмите, оние кои не се под детските кревети. Оние кои седат во пратеничките клупи, кои ги гледате во кафулињата, кои ги среќавате на улица, кои ги имате во партијата, кои снимаат малолетни деца. Монструмите не се само на телевизија. Монструмите се покрај сите нас. Министерството за внатрешни работи, министерот за внатрешни работи и Обвинителството треба веднаш да преземат мерки против пратеничката Дафина Стојановска. Истата Дафина која некој ја познава како богаташка која ми ги објави малолетните деца за да можат сите да ги оцрнуваат и на таков начин да ме уценуваат мислејќи дека ако ме следат мене, преку децата ќе ми направат штета и ќе ме замолчат. Се случија големи катастрофи со деца. Не сакам да верувам дека целта ѝ била тоа, но нормален премиер наместо да дава изјава дека ова е само почеток со заканите кон моите деца и кон моето семејство ќе си дадеше оставка или најмалку, ќе ја разрешеше Дафина. Нормална Влада во нормални држави за ваква работа паѓа“, рече претседателот на ССМ Трендафилов.
Забележувајќи дека „во нормална држава пратеничката веќе ќе беше во затвор“ Трендафилов побара Собранието да поведе постапка за нејзино разрешување и најави дека за случајот ќе ги извести сите амбасади, Делегацијата на Европската Унија, братските синдикати и Меѓународната организација на трудот.
„ Денеска прогон на синдикалци затоа што се борат за зголемување на платите има само во Белорусија и во Мјанмар“, рече Трендафилов.
За време на вчерашната блокада на Собранието, пратеничката Дафина Стојановска на социјалната мрежа „Фејсбук“ објави видео од Трендафилов и неговите две деца со објаснување дека ги вози во службениот автомобил.
Македонија
Сали на средба со амбасадорот на Чешка: Поддршка за реформите и европската интеграција
Министерот за европски прашања и прв заменик-претседател на Владата, Беким Сали, оствари средба со амбасадорот на Чешката Република, Јарослав Лудва.
На средбата беше разговарано за европската интеграција на Северна Македонија и за приоритетите поврзани со Реформската агенда и пристапниот процес. Министерот Сали ја истакна посветеноста на Владата на испорака на конкретни резултати, со посебен фокус на владеењето на правото, реформата на јавната администрација, функционирањето на демократските институции и подобрувањето на апсорпцијата на европските фондови.
Соговорниците ја нагласија важноста од континуираната поддршка на Чешката Република за европската перспектива на Северна Македонија, како и можностите за продлабочување на соработката во области поврзани со пристапниот процес, размена на искуства, користење на европските фондови и јакнење на институционалните капацитети.
На средбата беше истакната и досегашната соработка преку европските инструменти, како и поддршката на Чешката Република преку различни проекти со директно влијание врз локалните заедници.
Министерот Сали изрази благодарност за континуираната поддршка и ја нагласи подготвеноста на Министерството за европски прашања за натамошно продлабочување на соработката.

