Надворешна политика
Македонската влада реагира на изјавата на Друцас
Македонија е доследна на своите принципи и нема никогаш да се согласи со решение кое ќе им нанесе штета на нашите национални и државни интереси, се вели во реакцијата на Владата на РМ по повод изјавата на Друцас за радиото Real FM
„Изјавата на Димитрис Друцас ја сметаме за неодговорна. Изјавата не придонесува кон изнаоѓање заемно прифатливо решение за прашањето за името и е дадена во функција на домашна внатрешнополитичка употреба во Грција“, се вели во кусата реакција на македонската влада на изјавата на алтернативниот министер за внатрешни работи на Грција, Друцас, дадена за грчкото радио.Како што се нагласува во писмената владина изјава, времето ќе покаже кој бил принципиелен, а кој не е, во процесот на преговорите.Грција гледа придвижување во изнаоѓањето решение за спорот за името, но за напредок чека Груевски да го промени ставот, рече Друцас за радиото нагласувајќи дека услов за напредок на Македонија за почеток на пристапни преговори е име со географска одредница кое ќе биде за севкупна употреба.„Може да изгледа дека има придвижување, бидејќи господинот Груевски испраќа некои срамежливи пораки дека најверојатно разбрал дека треба да го промени ставот, ако навистина сака европска иднина за неговата земја“.Затоа, ние велиме: „Чекаме, ако сакаш да разговараш на конструктивен начин, тука сме, на преговарачката маса, во рамките на ОН, за сериозно да го разгледаме проблемот и да има напредок“, рече Друцас во интервјуто за радиото Real FM.Грчката влада има политичка волја за изнаоѓање решение, решението треба да биде име со географска одредница за севкупна употреба, без затворање на спорот со името не може да се започнат пристапи преговори со ЕУ. Ова, според Друцас, се трите пораки што Грција ги испратила до Македонија, но и до меѓународните организации, рече Друцас во интервјуто.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски во прва работна посета на Брисел на средби со генералниот секретар на НАТО и високи претставници на ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од Луксембург продолжува во прва работна посета на Брисел, во чии рамки ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и високи претставници на Европската Унија.
Во фокусот на разговорите ќе бидат евроинтегративниот процес на државата, реформските процеси, како и активностите во рамките на НАТО, со посебен фокус на претстојниот аамит на алијансата, што ќе се одржи идниот месец во Вашингтон.
Посетата на Муцунски на Брисел на почетокот на мандатот како министер за надворешни работи и надворешна трговија е показател за цврстата определба на земјата за што побрзо членство во Европската Унија и посветениот придонес кон глобалниот мир и регионалната стабилност како кредибилна земја членка на НАТО.
Македонија
Муцунски се сретна со Вархељ: Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се сретна со еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархељ, во Луксембург.
Во фокусот на разговорите беа приоритетите и активностите на новата Влада, како и актуелностите поврзани со европското досие на земјата.
„Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции, а во периодот што следува ќе преземеме низа активности во насока на забрзување на нашиот евроинтегративен процес. Политиката на проширување на ЕУ е најдобрата алатка за поттикнување на реформските и демократските процеси, но истовремено е и клучна геостратешка инвестиција во мир, стабилност и економски развој на земјите од регионот, но и Европа како целина“, нагласи Муцунски.
Соговорниците разменија мислења и за планот за раст на ЕУ оценувајќи го како силна поддршка од страна на ЕУ за економско зајакнување на земјите од Западен Балкан, поттикнување на регионалната соработка, но и доближување на земјите од регионот поблиску до ЕУ и пред формалното членство.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.