Македонија
За Ивановски процесот на лустрација всушност е кастрација
Претседателот на Уставниот суд, Трендафил Ивановски, по конечното решение на Комисијата за лустрација дека бил соработник на тајните служби денеска излезе со тврдење дека неговото досие се уште се дообработува
Претседателот на Уставниот суд на Република Македонија, Трендафил Ивановски, тврди дека имало измени во досието што му било дадено на увид на 24 септември оваа година и во решението што денеска му го доставила Комисијата за лустрација.Според неговите тврдења, имало измени во досието во два дела, на кои тој укажал и при неговото јавно соочување со членовите на Комисијата.„Во истото досие имаше податок дека во 1983 г. Органот направил предлог за пререгистрација. Јас тогаш кажав дека белешката за пререгистрација се однесува на друго лице кое нема никакви карактеристики со моите. Ова е направено со цел да се фалсификува и на тој начин да се докаже дека имало континуитет во соработката. Сега во решението кое го добив стои дека соработката била прекината во 1983 г. од нивна страна кога јас сум се вработил во Општина Карпош. Комисијата не проверила дека јас во Карпош сум работел како секретар на Собрание на општина Карпош од ноември 1977 г. до април 1982 г.“ изјави Ивановски и додаде дека тогаш веќе бил во Град Скопје.Друга промена во досието, според Ивановски била направена во потврдите што му биле доставени за примање на материјална помош. Во првото досие имало три белешки, од кои едната, според Ивановски била фалсификат,а сега во решението имало само две белешки за примање на материјални средства.„Ако е така, што треба дополнително да проверам, ќе поднесам кривични пријава за манипулација во досието, дали од страна на Архивот или од страна на Комисијата или таквите податоци се содржина на органот од 1964, 65-та, односно УДБА“ рече Ивановски.Тој најави дека нема да се повлече од функцијата бидејќи не постоел писмен документ дека тој соработувал со тајните служби и повтори дека нема намера да се повлече од функцијата.„Ниту сум дал согласност, ниту има писмен документ, ниту сум соработувал со тајните служби“ вели Ивановски.Ивановаски вели дека членовите на Комисијата воопшто не се потрудиле да проверат дали се работи за соработка или за нешто друго. Ивановски не знаел дека бил следен од тајната служба и дека се водело досие за него. За ова дознал во 1984 г., кога бил попречен да биде генерален секретар на Општина Карпош бидејќи имал досие во кое стоело дека се залагал за обединување на Македонија. Тогаш не мислел дека неговата идеја за обединета Македонија еден ден ќе му се врати како бумеранг.Според него, тој признал дека е учесник во организацијата која се залагала за обединета Македонија и признал дека има и други соучесници, по тешка тортура, приведување и малтретирање.„Иронијата за да биде уште поголема во самото решение стои констатацијата дека службата го ангажирала во соработничка мрежа бидејќи соработката со радост ја прифатил и дека се би дал за службата“ рече Ивановски наспроти неговите тврдења дека бил притворан и прогонуван, а до него стигнувале закани и за физичка ликвидација.„Поаѓајќи од функцијата која ја вршам и со оглед на тоа што на Уставен паднале повеќе неуставни закони, сето тоа служи за да се лустрира кочничарот на реформите на Владата“ вели Ивановски.За неговиот сомнеж изразен по неговото јавно соочување со членовите на Комисијата за лустрација, тој вели дека бил изразен во емотивни и стресни моменти. Најави дека ќе ги употреби сите правни елементи за да докаже дека не вистина дека соработувал со тајните служби. „Инспекторот“ кој го следел поради неговата средношколска организација, според информациите на Ивановски е мртов. Досието не го поништил во 1984-та, бидејќи не знаел дека „ова петно ќе се злоупотреби“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Од денес Безбеден град казнува, со три забрани за возење ја губите возачката дозвола
На територија на Скопје, Куманово и Тетово и на коридорите 8 и 10 од денеска стартува имплементацијата на системот за автоматско санкционирање на сообраќајните прекршоци – „Безбеден град“. Во првата фаза системот ќе детектира четири типични сообраќајни прекршоци – непрописно паркирање, управување со брзина поголема од пропишаната, минување на црвено светло и управување на возило со изминат рок на важност на сообраќајната дозвола.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вчера подвлече дека системот Безбеден град не е за парично да ги оштети граѓаните, туку да спаси човечки живот плус. Тој воедно информира дека е донесен нов Правилник со кој е зголемен прагот на толеранцијата кон возачите во однос брзината на управување на моторно возило.
-Во изминатиот период имаше огромен број на забелешки затоа што во првичниот период немаше толеранцијата во рамки на опоменувањето на граѓаните и воведовме толеранција која што беше важечка во рамки на важечка легислатива од 6 км/ч кога управувате мотторно возило до 100, а над 100 тогаш 8км/ч. Правилникот кој е во надлежност на Министерството за енергетика, во консултација со екперти, професори, со луѓе од министерството за енергетика и од Министерството за внатрешни работи се измени овој правилник и стапи во сила во текот на вчерашниот ден со тоа што сега за брзини до 50км/ч останува како што беше и претходно, толеранција од 6км/ч. Тоа значи дека ако возите моторно возило таму каде што имаме знак од 30 км/ч, со 36км/ч камерата нема да ве евидентира за сторен сообраќаен прекршок, туку ќе ве евидентира од 37км/ч. Од 50 до 100 км/ч толеранцијата законски согласно новиот правилник е 9км/ч, тоа значи дека ако управувате моторно возило таму каде што е дозвилено до 50км/ч, со 51км/ч камерата ќе ве евидентира и ќе ви прати порака, односно ќе ве казни системот доколку управувате моторно возило со 60км/ч. Таму каде што имаме ограничување од 100км/ч а се управува возило со над 101км/ч моторно возило камерата ќе ве идентификува со толеранција од 12км/ч, значи таму би биле санкционирани доколку е дозовлено да речеме 100км/ч, а вие управувате на пример со 113км/ч. Овие толеранции се дефинирани во рамки на правилник под Министерството за енергетика и сметаме дека се апсолутно прифатливи се со цел овој систем да го заживееме се со цел да спасиме ден човечки живот повеќе, а притоа да ги увериме граѓаните дека целта не ни е казнување, туку целта ни е помалку повредени, помалку сообраќајни незгоди, помалку загуби на човечки животи – потенцира Тошковски.
Министерот во овој контекст најави и уште еден проект кој ќе се имлементира во наредните денови со поддршка на Македонски телеком.
-За сите овие прекршоци кои се сторуваат во рамки на толеранцијата, значи ако е забрането над 30км/ч од 30-36км/ч, ако е забрането над 50км/ч од 50-59км/ч ќе доставуваме информативна порака од страна на Министерството за внатрешни работи до секој еден граѓанин кој што ја пречекорил брзината со која што ќе им го привлечеме вниманието на граѓаните дека и покрај тоа што возат во рамки на законската толеранција која што е дозволена нема да има парична казна, односно нема да има прекршок, тие надминуваат над законски уврдената брзина со што доколку не дај боже било кој граѓанин управува моторно возило и стори сообраќаен прекршок со 55км/ч таму каде што е дозволено да се управува моторно возило максимум со 50км/ч и притоа повреди пешак со тешки телесни повреди, ќе одговара кривично – заклучи министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Од Министерството за внатрешни работи потенцираат дека „Безбеден град“ претставува една од најзначајните инвестиции во сообраќајната безбедност во последните децении и дека системот е насочен кон оние кои свесно ги кршат правилата, а не кон совесните возачи. Според нив, камерите не простуваат, но и не дискриминираат – секој прекршок се третира исто, без разлика кој е зад воланот.
Согласно законското решение за санкционирање на пречекорувањето на дозволената брзина, глобата ќе зависи од тоа колку километри на час над дозволената брзина некој вози. За пречекорување до 20 километри на час, глобата е 20 евра. за 20 до 30 километри на час над дозволената брзина според законското решение е предвидено да плати 45 евра глоба. За пречекорување на дозволената брзина од 30 до 50 километри на час казната е 300 евра и забрана да управува со возило од 3 до 12 месеци. За пречекорување над 50 километри на час глобата е 400 евра, 4 казнени поени и забрана за управување со моторно возило од најмалку една година. Во населено место, казните се построги и може да достигнат и 500 евра, со задолжителна забрана за управување.
За сообраќајниот прекршок минување на црвено светло, системот автоматски ќе изрекува глоба од 250 евра и забрана за управување со моторно возило од три до 12 месеци. Кривична одговорност е предвидена ако прекршокот предизвика опасност или сообраќајна незгода.
Ако се управува возило со истечена сообраќајна дозвола казната е 100 евра за возачот, а сопственикот на возилото ќе плати 250 евра.
За непрописно паркирање или запирање на забрането место предвидена е казна од 30 евра за стандардни прекршоци, 45 евра ако возилото го попречува сообраќајот и 50 евра ако е паркирано на место за лица со попреченост.
Доколку казната се плати во рок од осум дена, сторителот плаќа половина од износот. После овој рок мора да се платат 100 проценти од износот со можност за присилна наплата. Возач кој ќе добие три забрани за управување на моторно возило во рок од четири години, автоматски ја губи возачката дозвола. Повторно полагање е можно најрано после една година.
Македонија
Облачно со повремени врнежи од дожд
Времето денеска ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи ќе има во југоисточните делови од земјата (над 20л/м2). Поради спуштање на постудена воздушна маса од север, во текот на денот врнежите ќе преминат во снег во повисоките, како и во некои од пониските места. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 7, а максималната ќе достигне од 3 до 8 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Во понеделник наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините од снег се очекуваат во четврток и петок. Дневната температура од вторник ќе биде во пораст.
Македонија
ДОМ: Дислокација на цементарницата Усје преку јавно-приватно партнерство
Зелената партија ДОМ предлага воведување на моделот „Зелен урбан трансфер“ како стратешко решение за дислокација на цементарницата, без никакви трошоци за државниот буџет, се наведува во соопштението на партијата.
Според ДОМ, досегашните тврдења дека дислокацијата на цементарницата е „невозможна мисија“ се резултат на застарени економски пристапи. Партијата посочува дека во светот веќе со години се применуваат модели со кои тешките индустриски зони се трансформираат во нови, еколошки урбани четврти, без директно оптоварување на државните финансии.
Клучот на предложениот модел е принципот „вредност на земјиштето наместо државен буџет“. Наместо државата да ја финансира дислокацијата, се предлага пренамена на земјиштето на Усје од индустриска зона (Г) во станбено-деловна зона (А и Б). Со ваквата одлука, вредноста на парцелата значително се зголемува, а инвеститорот, односно сопственикот, добива можност да развие модерен „Smart City“ комплекс. Приходите од продажбата на недвижностите, според ДОМ, би се користеле за изградба на нова, целосно еколошка фабрика на соодветна, подалечна локација.
Бидејќи процесот на дислокација може да трае од пет до седум години, од ДОМ бараат Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање веднаш да воведат преоден режим во А-интегрираната дозвола, со најстроги еколошки стандарди. Меѓу барањата се итна инсталација на филтри од последна генерација за целосна елиминација на цврстите честички PM10 и PM2.5, како и системи за десулфуризација и денитрификација за намалување на емисиите на сулфур диоксид и азотни оксиди.
Партијата предлага и задолжително воведување на системи за вбризгување активен јаглен и вреќасти филтри, со цел целосна неутрализација на диоксините и фураните, нагласувајќи дека на тој начин ќе се спречи испуштање канцерогени материи во воздухот за време на транзицискиот период. Дополнително, ДОМ бара 24-часовен јавен дигитален мониторинг, при што податоците од оџаците би се емитувале во живо на веб-страницата на Министерството и на јавни екрани во општина Кисела Вода.
Во соопштението се осврнуваат и на решавањето на еколошкиот товар од ОХИС и Пеленица, при што се предлага чистењето на линданот да се финансира преку меѓународни развојни грантови и концесиски модели. Според ДОМ, приватен партнер би можел да добие право на стопанисување со исчистениот простор, во замена за целосна ремедијација на почвата.
Од партијата порачуваат дека Скопје заслужува чист воздух, а индустријата треба да се развива надвор од градското јадро. Со моделот „Зелен урбан трансфер“, како што наведуваат, сопственикот на „Усје“ добива нов капитал, а граѓаните – подобри услови за живот. Истовремено, преку новиот Генерален урбанистички план, градот би го насочил своето стратешко ширење кон нова, еколошки уредена четврт, додека би се намалил притисокот од прекумерна урбанизација и бетонизација во веќе преоптоварените централни и западни делови на Скопје.

