Европа
Британија повика на носење жестоки ‘рестриктивни мерки' кон Русија
Шефот на британската дипломатија Вилијам Хејг повика во саботата да бидат донесени “рестриктивни мерки” против Русија во пресрет на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската унија , закажан во понеделник (17-ти март), изразувајќи разочараност од тоа што Москва не го променила ставот за референдумот на Крим, по средбата од петокот во Лондон меѓу рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и американскиот државен секретар Џон Кери.
„Многу сум разочаран од тоа што преговорите во петокот не доведоа до дипломатски напредок, кон кој непрекинато се стреми државниот секретар… Жалам што Русија ја одби можноста да го смени курсот и продолжува да го поддржува нелегитимниот, неуставниот и незаконски референдум во недела на Крим”, изјавил британскиот министер за надворешни работи, Вилијам Хејг.
„Велика Британија останува на цврстиот став дека на средбата на министрите за надворешни работи на ЕУ мора да биде даден цврст и единствен одговор. Дојде времето за остри рестриктивни мерки, отколку оние коишто претходно ги прифати ЕУ”, смета Хејг, пренесува BBC.
Шефот на британската дипломатија притоа истакнал дека „вратата за дипломатијата и дијалогот останува отворена, и ја повикуваме руската влада да преземе мерки да се намалат тензиите и да започне директни преговори со украинската влада”.
„Истовремено, ние јасно даваме до знаење дека флагрантното кршење на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина не може да остане без одговор, и ние ќе го поддржуваме украинскиот народ во неговото прави да одлучува за својата иднина во услови на слобода и заплашување и мешање”, рекол Хејг.
Рускиот министер за надворешни работи во петокот по средбата во Лондон со американскиот државен секретар Џон Кери, изјави, меѓу другото, дека „кримскиот парламент веќе донесе декларација за независност, за што жителите ќе гласаат на референдум” во недела дали оваа автономна проруска украинска република е се врати во составот на Русија, во кој била до 1954 година. Притоа Лавров истакна дека и во случајот на Крим треба да се почитува на правото на народите за самоопределување што е содржано во Повелбата на Обединетите нации.
Лавров, исто така, рече и дека Крим за Русија е уште „поспецифичен отколку што тоа се Фокландските острови за Британија” кои се наоѓаат во територијалните води на Аргентина и со кои Обединетото Кралство водеше војна во 1982 година зашто Буенос Аирес бара островите да бидат дадени во нејзино владение./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Германски министер: Дроновите во Белгија се порака да не се допираат замрзнатите руски средства
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус денес посочи врска помеѓу неодамнешните инциденти со беспилотни летала во Белгија и дебатата за користењето на замрзнатите руски средства што ги поседува белгиската финансиска институција „Еуроклеар“ за финансирање на огромен заем за Украина.
Појавата на беспилотни летала над аеродромите и воените бази стана чест проблем во Белгија во последните денови и предизвика големи нарушувања низ цела Европа во последните месеци. Некои официјални лица рекоа дека инцидентите низ Европа претставуваат „хибридна војна“ на Русија. Москва негираше каква било поврзаност со инцидентите.
„Да, сите го гледаме тоа. И Белгијците исто така. Оваа мерка има за цел ширење несигурност и заплашување на Белгија: Не се осмелувајте да ги допирате замрзнатите средства. Ова не може да се толкува на друг начин“, им рече Писториус на новинарите на прес-конференција во Берлин.
Белгиското Министерство за одбрана одби да коментира неговите изјави, но рече дека „оваа можност веќе е покрената во Белгија“. Белгискиот премиер Барт де Вевер рече дека на неговата земја ѝ се потребни конкретни и цврсти гаранции пред да спроведе план за користење на замрзнатите руски средства за да ѝ помогне на Украина во борбата против руската инвазија.
Ставот на Белгија е клучен бидејќи белгиската финансиска институција Евроклер држи замрзнати руски средства. Белгискиот аеродром во Лиеж ги продолжи летовите откако привремено го прекина сообраќајот во понеделник поради забележан дрон, втор ваков инцидент оваа недела.
Дроновите забележани над аеродромите во главниот град Брисел и источниот град Лиеж пренасочија бројни летови и приземјија некои авиони што требаше да полетаат пред три дена. Белгиската влада вчера свика итен состанок на клучните министри и шефови на безбедносни служби за да разговараат за она што министерот за одбрана го опиша како координиран напад.
фото: принтскрин
Европа
Данска ќе ги забрани социјалните мрежи за децата под 15 години
Данска ќе ја забрани употребата на социјалните медиуми од страна на деца под 15 години, соопшти денес данската влада, но родителите ќе можат да дадат согласност за пристап до одредени платформи за деца на возраст од 13 години и повеќе.
Овој потег доаѓа откако премиерката Мете Фредериксен во говорот пред парламентот во октомври повика на ограничувања за користењето на социјалните медиуми од страна на децата поради загриженост за менталното здравје на младите. „Таканаречените социјални медиуми сè повеќе им го крадат времето, детството и благосостојбата на нашите деца, и ние сега ставаме крај на тоа“, изјави министерката за дигитализација Каролин Стејџ Олсен.
Повеќето партии во парламентот изјавија дека ќе го поддржат планот пред официјалното гласање. Snapchat, YouTube, Instagram и TikTok се најпопуларните платформи на социјалните медиуми за деца во Данска, соопшти владата.
Според анализата од февруари на Данскиот орган за конкуренција и потрошувачи, младите луѓе во нордиската земја поминуваат просечно 2 часа и 40 минути дневно на социјалните медиуми. Данска ја следи Австралија, која минатата година ги забрани социјалните медиуми за деца под 16 години.
фото: принтскрин
Европа
Зеленски: На Украина ѝ е потребна меѓународна помош за заштита на енергетската инфраструктура
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека на Украина ѝ е потребна меѓународна помош за да ја заштити својата енергетска инфраструктура од руски напади.
Зеленски во видео порака рече дека системите за воздушна одбрана и заштитата на енергетската инфраструктура се „највисоки приоритети со оглед на руските напади“.
„Всушност, нашите добавувачи на енергија, тимови за поправка и силите за цивилна одбрана се зафатени со обновување на областите по нападите секој ден“, рече Зеленски, апелирајќи за помош од меѓународната заедница.
Четврта зима од војната
Додека војната влегува во својата четврта зима, руската војска повторно систематски ги гранатира електраните и трафостаниците за да го прекине снабдувањето со електрична енергија, греење и вода на украинското население.
Укренерго соопшти дека во четврток повторно се планирани фазни прекини на електричната енергија низ целата земја за да се стабилизира мрежата.
фото: принтскрин

