Свет
Лагард бара дијалог со возрасни, Варуфакис предупредува на несреќа

Извршната директорка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристин Лагард, изјави во четвртокот навечер по неуспешниот состанок на Еврогрупата за Грција во Лускембург дека е неопходен дијалог со „возрасни личности“, додека грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис предупреди дека „несреќата“ поради грчкиот долг „опасно блиску“.
„Не недостига дијалог. Итно е потребно да се воспостави дијалог со возрасните во салата. Очекувам дека грчката влада ќе ги искористи овие денови и ќе дојде со опипливи мерки,“, изјави шефицата на ММФ, Кристин Лагарда по состанокот на министрите за финансии на земјите од еврозоната кој заврши без никаков договор за Грција. Истакна притоа дека на Грција „тимовите на ММФ ѝ стојат на располагање и дење и ноќе“.
На засебната конференција за медиумите, грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис коментирајќи ја забелешката на Лагард рече дека се „обврзал дека нема потценувачки да коментира никој од колегите“.
„Опасни блиску сме до состојбата на духот во кој ја прифаќаме несреќата. Ги замолив колегите да не го прифаќаат таквиот начин на размислување“, рече Варуфакис по средбата на којашто не е постигнат напредок, со што уште повеќе ослабуваат надежите за постигнување договор за да се спречи Грција до крајот на јуни да не може да ги сервисира своите долгови.
Според Варуфакис, Грција во четвртокот подготвила решение на должничката криза, кој, доколку биде одобрен ќе стави крај на долгогодишната криза. „Тоа е исцрпен предлог кој овозможува, доколку биде усвоен, за кусо време да биде надмината кризата во Грција еднаш и засекогаш. Тој вклучува и механизам за автоматско ограничување на буџетскиот дефицит“, рече грчкиот министер за финансии.
Варуфакис тврди дека постои несогласување само околу расходите во висина од 0,5 отсто од грчкиот бруто домашен производ (БДП). „Кога станува збор за фискалната страна, во разговорите дојдовме блиску, во рамките на 0,5 отсто од БДП-то, од она што институциите го бараа“, рече.
Меѓутоа, другите учесници на состанокот истакнуваат дека Грците немале никакво пишан предлог, туку Варуфакис само усно изнел некои идеи. „Чекаме веродостоен предлог од грчка страна, кој денеска го немаше“, изјави европскиот за економски и финансиски работи, Пјер Московиси.„Подготвени сме на секоја можност, па и на неможноста за плаќање“, што може да претставува вовед во излегувањето на Грција од еврозоната“, призна Јероен Дијселблом, претседател на Еврогрупата. Ја повика Грција уште следните неколку денови да излезе со „веродостојни предлози“, за „да ја искористи последната можност“ за договор со доверителите.
Грција и нејзините доверители, Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд, се многу блиску до конечно разидување и на вонредниот самит на еврозоната во понеделник во Брисел ќе се обидат да го спречат најлошото сценарио за земјата којашто поради може да остане без можноста да ги сервисира своите долгови.
„Нема договор во Еврогрупата, Тоа е силен сигнал за Грција сериозно да се вклучи во преговорите“, порача во пораката на Twitter потпретседателот на Европската комисија задолжен за еврото и социјален дијалог, Валдис Домбровкис.
Грција до 30-ти јуни мора да врати 1,6 милијарди евра долг по четирите месечни рати од кредитот од Меѓународниот монетарен фонд, и дополнителни 6,7 милијарди евра треба да ѝ врати на Европската централна банка во јули и август, и нема да има доволно пари да ги запази таквите рокови, доколку не воведе нови кастрења, во прв ред на платите и пензиите. Атина смета на исплатата на запрената транша од 7,2 милијарди евра од сегашниот втор пакет странска финансиска помош, од вкупната помош од 240 милијарди евра. Меѓутоа, нејзините доверители ја условуваат исплатата на оваа сума со програма на реформи за кој двете страни досега не успеаја да се договорат.
И додека трае неизвесноста околу исходот на драматичната криза, Грците само од понеделникот од банкоматите подигнаа 1,5 милијарди евра. Во четвртокот, пак, за време на состанокот на Еврогрупата пред грчкиот парламент се собраа неколку илјади луѓе кои ги поддржуваат барањата на доверителите и сакаат нивната земја да остане во еврозоната./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Светските берзи паднаа поради заканата на Трамп за ЕУ

На светските берзи цените на акциите паднаа минатата недела бидејќи инвеститорите беа загрижени за намалувањето на кредитниот рејтинг на САД, а на пазарите негативно влијаеа и новите закани на Вашингтон за зголемување на царините за увозот од Европската унија.
На Волстрит минатата недела, Dow Jones се лизна за 2,5 отсто, на 41.603 поени, додека S&P 500 падна за 2,6 отсто, на 5.802 поени, а индексот Nasdaq 2,5 отсто, на 18.737 поени.
Од самиот почеток на неделата индексите беа во минус бидејќи агенцијата Мудис го намали кредитниот рејтинг на САД од Ааа на Аа1 поради големиот дефицит на федералниот буџет, високите финансиски трошоци и планираните даночни намалувања.
Јавниот долг на САД е околу 36.200 милијарди долари, а може да се зголеми за уште 3.800 милијарди во следните десет години бидејќи претседателот на САД Доналд Трамп има намера да ги намали даноците. Поради ова, приносите на државните обврзници значително се зголемија, што значи дека владата мора да се задолжува по повисока цена.
Намалувањето на даноците веројатно би ја стимулирало потрошувачката и би го поддржало економскиот раст, но од друга страна, јавниот долг би се зголемил доколку не се намалат државните трошоци. И намалувањето на федералните трошоци, што е еден од приоритетите на Трамп, не оди толку глатко како што најави претседателот. Освен тоа, се чини дека проектот не е доволно добро подготвен.
Сепак, на крајот на неделата, приносите на обврзниците донекаде се стабилизираа, откако Претставничкиот дом на Конгресот тесно го поддржа предлог-законот на Трамп за даночни намалувања, па се уште се чека поддршката од Сенатот.
Но, во петокот, Трамп повторно ги потресе пазарите заканувајќи ѝ се на Европската унија со царини од 50 отсто од 1 јуни, бидејќи не е задоволен од тоа како напредуваат трговските разговори меѓу САД и ЕУ.
И на повеќето европски берзи цените на акциите паднаа минатата недела. Додуша, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,4 отсто, на 8.717 поени, но франкфуртски DAX се лизна за 0,6 отсто, на 23.629 поени, а париски CAC 1,9 отсто, на 7.734 поени.
Економија
Макрон: Албанија за 2 години ќе биде во ЕУ, дојдете и инвестирајте

Францускиот претседател Емануел Макрон од Тирана упати силна порака до странските инвеститори, повикувајќи ги да дојдат и да вложуваат во Албанија, за која изрази убеденост дека „за две години ќе биде дел од Европската унија“.
Изјавата беше дадена на економскиот форум „Приоритет Европа“, организиран од Институтот „Иницијатива за идни инвестиции“ на Ричард Атијас, кој има за цел да ги поврзе европските лидери и иноватори со големи инвестициски фондови од Блискиот Исток, Азија и САД.
„Албанија е влезна точка за регионот на Балканот и медитеранскиот басен. Европа е стабилно и доверливо место. Во овој луд свет, да не ја потценуваме силата на таквите квалитети“, порача Макрон.
Тој додаде дека премиерот Еди Рама има јасен мандат и посветеност Албанија да ја внесе во ЕУ до 2027 година, а според Макрон, тоа би можело да се случи дури и порано – за две години.
Премиерот Рама, пак, изјави дека неговата земја ги започна преговорите со Европската Унија во 2022 година и дека ако ги завршат сите задачи добро, ќе може да ги затворат преговорите до 2027 година. Ова според Рама би било навистина неверојатно.
Свет
Пресврт во трговската војна – САД побараа разговори со Кина

Соединетите Американски Држави се обратија до Кина за да побараат разговори за царините од 145 проценти што ги воведе претседателот Доналд Трамп, а вратата на Пекинг е отворена за разговори, соопшти утрово кинеското Министерство за трговија сигнализирајќи потенцијално ублажување на трговската војна.
„САД треба да бидат подготвени да преземат мерки за да ги исправат погрешните практики и да ги откажат едностраните царини“, соопшти Министерството за трговија додавајќи дека Вашингтон мора да покаже искреност во преговорите.
„Обидот да се искористи разговорот како изговор за принуда и изнуда нема да функционира“, соопшти Министерството за трговија.
Пекинг отворено го изрази својот гнев поради царините за кои вели дека не може да го запрат подемот на втората по големина економија во светот. Тој го фокусира својот гнев на поттикнување на јавната и глобалната осуда на американските ограничувања за увоз.
„Кина сака да се сретне и да разговара за трговија, а разговорите ќе следуваат набргу“, изјави синоќа американскиот државен секретар Марко Рубио за „Фокс њуз“.
„Нашиот министер за финансии Скот Бесент е вклучен во овие напори и нивните дискусии ќе следуваат набргу“, рече тој додавајќи дека прашањето е колку САД треба да купуваат од Кина во иднина.
Трамп завчера изјави дека верува оти постои многу голема шанса неговата администрација да постигне договор со Кина.
Тој го изјави ова неколку часа откога кинескиот претседател Шји Џјинпинг ги повика официјалните лица да преземат мерки за приспособување кон промените во меѓународната средина, без конкретно да ги спомене САД.