Македонија
Бесплатни прегледи за Светскиот ден на здравјето
Бесплатни превентивни прегледи организира Министерството за здравство во сите градови низ Македонија по повод 7 Април – Светскиот ден на здравјето кој оваа година се одбележува под мотото „Болести кои се пренесуваат преку вектори или вектор преносливи болести“ со напомена „Мал убод, голема закана“.
Македонија ќе го одбележи овој ден со повеќе настани.
Министерството за здравство организира бесплатни превентивни прегледи во сите градови во државата. За таа цел, сите 33 здравствени домови на плоштадите и во парковите во градовите ќе постават пунктови за бесплатни прегледи на кои лекарски екипи на граѓаните ќе им мерат шеќер во крв, холестерол, висина, тежина. Лекари ќе даваат совети за здрав начин на живот, здрава исхрана, а ќе се делат и брошури. Пункт за бесплатни превентивни прегледи во Скопје ќе биде поставен на плоштадот Македонија. Пунктовите ќе бидат отворени од 8 до 14 часот.
Македонското лекарско друштво (МЛД) во Градската општа болница „8 Септември” организира свечен собир на кој ќе се обрати претседателот на МЛД, Јован Тофоски, ќе биде прочитан реферат на тема „Болести кои се пренесуваат преку вектори”, а ќе бидат доделени и признанија на МЛД.
По повод Светскиот ден на здравјето Универзитетската клиника за детски болести ќе биде отворена „Игротека-библиотека” во организација на ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци”. Во „Игротека-библиотека” хоспитализираните деца ќе може да го поминуваат своето време во читање книги. Опремувањето на „Игротека-библиотека” е донација од хуманитарната акција „Читај книга и подари здравје” , која се одржа во октомври 2013 година, а на која јавни личности имаа улога на библиотекари и собираа парични средства кои се донираа за Детската клиника.
Книгите се донации од библиотеката, македонски детски писатели, издавачки куќи, Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор” – Македонија и Меѓународното училиште Нова. „Игротека-библиотека” ќе ја отворат директорот на Градската библиотека, Бранко Цветкоски и директорката на Детската клиника Аспазија Софијанова.
По повод Светскиот ден на здравјето, фирмата Слух1 од 10 до 15 часот ќе врши бесплатно тестирање на слухот пред платото на ТЦ Лептокарија. Целта на акцијата е да се подигне свеста на граѓаните за здравствениот проблем кој се однесува на загубата на слухот и наглувоста.крај/мф/сд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Учениците во Аеродром учат за даноци преку игри, почна финансиската едукација за најмладите
Од денес, во училиштата во општина Аеродром започнуваат работилниците преку кои најмладите ќе се запознаваат подетално со значењето на даноците, начинот на функционирање на даночниот систем, улогата на УЈП и другите финансиски институции, како и со важноста на одговорното и транспарентно управување со јавните средства. Изразуваме голема благодарност до Управата за јавни приходи што останува силен поддржувач и партнер на Министерството за образование и наука и на воспитно–образовниот систем. Ова го истакна државниот секретар во МОН, Елена Ивановска на денешната прва креативна работилница во ОУ „Блаже Конески“ во Аеродром, појаснувајќи дека активностите почнуваат за помалку од еден месец по потпишувањето на Меморандумот за соработка помеѓу Министерството за образование и наука (МОН) и Управата за јавни приходи (УЈП) за зајакнување на финансиската и даночната едукација на учениците.
„Со нудење на експертизата и стручноста на своите вработени, УЈП значително придонесува во градењето на понапредни, информирани и финансиски едуцирани ученички генерации, кои многу подобро ќе ги разбираат механизмите на современото општество и ќе бидат подготвени да придонесуваат кон неговиот одржлив развој“, рече Ивановска.
Предвидено е едукацијата да ги опфати учениците од сите основни и средни училишта, ќе се одвива интерактивно – преку игри, симулации и креативни работилници, а стекнатото знаење ќе се проверува со даночен квиз, односно натпревар меѓу учениците.
Министерството за образование и наука очекува успешна реализација на оваа сеопфатна мерка и натамошна трансформација во системско решение, преку надградување на наставните програми. Градиме свесни и одговорни граѓани кои разбираат дека даноците се основа за финансирање на јавните добра и за поттикнување на општествениот напредок.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Имаме обврска природата да ја третираме како партнер, штитејќи ја неа, се штитиме себеси
Водена од желбата за заштита на Преспанското Езеро, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, вчера од општината Ресен ја започна серијата на посети на македонските градови и села.
Пред неа и пред градоначаналникот Јован Тозиевски, на дебатата во Отешево, повеќе од 15 претставници на Министерството за животна средина и просторно планирање, УНДП, невладиниот сектор и други државни и локални институции ги образложија причините за алармантното намалување на нивото на водата во Преспанското Езеро. Врз основа на научни анализи и докази, како клучни фактори ги посочија климатските промени, намалените врнежи од дожд и снег, понирањето, како и прекумерното користење на водата за наводнување. Присутните на дебатата нагласија дека повлекувањето на Преспанското Езеро не е само национален, туку е и прекуграничен проблем.

Истакнувајќи дека Преспанскиот регион поседува беспрекорна убавина којашто внесува посебен мир, Сиљановска-Давкова рече дека сите имаме обврска да ја третираме природата како партнер, бидејќи штитејќи ја природата, се штитиме себеси.
„Верувам дека има решенија, само треба да се чујат. Верувам дека во еден инклузивен процес и сите кои одлучуваат мора да ги чујат мислењата и ставовите на овие квалификувани и заинтересирани луѓе коишто живеат овде и веруваат во иднината на овој регион. Сите треба да се впрегнеме за она што е остварливо, навистина да стане реалност, а не само посакувана цел“, додаде претседателката.

Претходно, во Ресен таа го посети Домот на културата ,,Драги Тозија”, познат како ресенскиот сарај. Објектот го градел еден од водачите на младотурската револуција, Ахмед Нијази Бег на почетокот на 20-тиот век и во него се наоѓа спомен собата на Кераца Висулчева во којашто се изложени дел од цртежите и сликите од нејзиното творештво. Претседателката искажа верување дека свое заслужено катче во сарајот ќе добие и ресенчанката Наде Проева, истакната македонска историчарка и професорка.
Таа ја разгледа и спомен-куќата на Татарчеви, во којашто се чуваат предмети од ова познато семејство, како и музејската поставка со восочни фигури и други обележја на голем број историски личности од регионот.

За време на посетата, Сиљановска-Давкова одблизу се запозна со работата на фабриката Свисслион Агроплод и оствари средби со градоначалникот Јован Тозиевски, членовите на Советот на општината и со граѓаните на Ресен.
Истакнувајќи дека за неа е голем предизвик да разговара со млади луѓе, коишто во себе носат уникатна енергија, претседателката ги слушна нивните размислувања и идеи како да се намали иселувањето. На средбата се согласи со ставот на младите и на градоначалникот дека е неопходна државна стратегија за задржување на младите тука, дома.

„Знам дека Ресен има убава иднина, му треба само мала помош. Преку проектот „ЕУ за Преспа“ се вложуваат значителни средства за развој на Ресен, којашто е една од македонските општини со најголем бенефит од европските фондови“, заклучи Сиљановска-Давкова.
Македонија
Ѓорѓиевски бара да одговараат и лицата кои земале плата а не оделе на работа, но и оние кои им потпишувале плата
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски разговарал со претставниците на финансиската полиција во врска со обвинувањата кои ги изнесе за незаконитости во работењето на повеќе јавни претпријатија. Ѓорѓиевски претходно објави дека се отпуштени 500 лица кои со месеци или години не доаѓале на работа, и дека нема да има толеранција за такви случаи.
„Имавме тематска средба со претставници на финансиската полиција. Во интерес на истрагата нема да давам повеќе информации. Од она што досега го изнесов, околку 500 се отстранети од списоците оти земале плата а не оделе на работа, односно го прекршиле Законот за работни односи. Тоа не се лица кои ќе бидат заменети со нови, туку се случува оти вршеле злоупотреба во институциите. Тоа е околу 5 милиони евра оштета на годишно ниво“, рече Ѓорѓиевски во разговор за МРТ.
Ѓорѓиевски порача дека е потребна и командна одговорност, што подразбира да не бидат само отстранети лицата кои не оделе на работа, туку и да имаат одговорност оние којшто потпишувале за тоа да се случува и директорите.

