Свет
Нашите најмоќни луѓе контролираат над милијарда долари
Во рацете на пет луѓе во земјава е сконцентрирана огромна моќ, поголема од таа што ја има владата на Македонија, а малкумина ги знаат нивните имиња. Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) е клучниот играч за ценовната политика на енергенсите, чија годишна вредност е поголема од милијарда долари.
Мирче Котевски
Во рацете на пет луѓе во земјава е сконцентрирана огромна моќ, поголема од таа што ја има владата на Македонија, а малкумина ги знаат нивните имиња. Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) е клучниот играч за ценовната политика на енергенсите, чија годишна вредност е поголема од милијарда долари.
Откако РКЕ во минатата недела одобри нова цената на струјата, домашните експерти се сетија дека државата им дала огромна моќ на петтемина што практично во иднина ќе ја кројат националната економија во земјава. Познавачите се едногласни дека регулаторите се потребни, но укажуваат оти државата треба да обезбеди и контрола и транспарентност во нивната работа, а треба да поработи и на нивниот професионален интегритет.
Владата во заминување го гледа раѓањето на РКЕ како една од најзначајните реформи што Македонија воопшто ги направила во енергетскиот сектор. Првпат ова тело формално профункционира пред четири години со измените на Законот за енергетика, иако со вистинска работа стартуваше во јули 2003 година.
Оваа петорка решава по претходно барање на компаниите дали и колку ќе се зголемат или намалат малопродажните цени на енергенсите. Како што пресметале домашни претставници од енергетскиот сектор, комисијата регулира и дефинира по речиси една милијарда долари годишно од енергетските компании во земјава. Располага со годишен буџет од над половина милион евра што го собира од енергетските компании. Секоја регистрирана компанија за регулаторите треба да издвои по 0,05 отсто од вкупниот пријавен приход што го остварува во една година. Процените се дека по таа основа комисијата зема надомест и до 700.000 евра, што е поголем и од годишниот буџет на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), а е блиску до „паричниците“ на некои од високообразовните институции во земјава.
Што е тоа што ги обврзува регулаторите да работат совесно, кои механизми ги штитат од корупција, ако се има предвид дека располагаат со големи пари?
Извори за „Време“ сметаат дека платите што ги добиваат регулаторите, сепак, не може да бидат гаранција за заштита од корупција и од притисоци. Иако официјално, во комисијата не откриваат колкави плати земаат (немале пониска од 35.000 денари), економските експерти велат дека тоа е не е гаранција дека се имуни на корупција.
– Комисијата во иднина може биде изложена на притисоци од компаниите кои ќе бараат зголемување на цените на услугите што ги даваат. Се разбира, веќе се покажа дека не секогаш регулаторите ја одобруваат цената во оној процент што го посакуваат фирмите. Токму затоа е потребен механизам за заштита на комисијата од разни притисоци. Секогаш постои опасност од корупција на луѓе кои се клучни за профитите на некои моќни компании – укажува Пеце Недановски, продекан на Економскиот факултет.
Дел од енергетичарите, пак, се сомневаат во компетентноста на луѓето
во комисијата, бидејќи неколкумина не го исполнувале критериумот за десетгодишно работно искуство за областа за која се именувани. Познавачите велат дека членовите имаат можност сами да си ги носат правилниците и да се раководат според нив, без притоа да ги образложуваат пред јавноста. Тоа може да биде извор на манипулации бидејќи им се даваат дискрециски права на малкумина кои понекогаш може да имаат поголемо влијание и од Владата.
Енергетичарите велат дека никој „од надвор“ не може да им се меша, да ги коментира или да ги толкува актите што си ги носат и подготвуваат членовите. Моќта на Комисијата е уште поголема што за предвремено заминување на некои од членовите одлучуваат неговите четворица колеги, па дури потоа согласно нивната одлука, ако биде потребно, Владата предлага Собранието да изгласа нов член во согласност со Законот за енергетика.
Одредбите велат дека за член на РКЕ може да биде именуван и припадник на политичка партија на кој треба да му престане членството штом ќе стане дел од комисијата.
На петтемина им се забележува дека немаат тарифник врз кој ги носат новите цени во делот за топлинска и за електрична енергија, иако велат дека со постојните формули лесно може да пресметаат нови цени на енергенсите.
Таму велат дека се работи според законот. Секој член во комисијата може да помине најмногу десет години, бидејќи има право на реизбор, а еден мандат трае пет години.
За што водат сметка регулаторите?
безбедно и квалитетно снабдување на потрошувачите со енергија,
заштита на животната средина и природата,
заштита на потрошувачите,
заштита и унапредување на положбата на вработените во енергетскиот сектор
воведување и заштита на конкурентен пазар на енергија врз начелата на објективност, транспарентност и недискриминираност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп објави договор со НАТО за Гренланд и ги одложи царините за Европа
Претседателот на САД, Доналд Трамп, објави дека по состанокот со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, е формирана рамка за иден договор за Гренланд и арктичкиот регион, пренесуваат медиумите во регионот.
Најави одложување на воведувањето царини што требаше да стапат на сила на 1 февруари, напиша тој на социјалната мрежа Truth Social.
Трамп изјави дека на „многу продуктивен состанок“ со Руте е формирана „рамка за иден договор во врска со Гренланд и, всушност, целиот арктички регион“. Тој оцени дека решението, „доколку се реализира, ќе биде одлично за Соединетите Американски Држави и сите земји-членки на НАТО“.
Врз основа на постигнатото разбирање, Трамп потврди дека се откажува од воведувањето царини. „Нема да ги воведам царините што требаше да стапат на сила на 1 февруари“, се вели во соопштението. Тој додаде дека има и „дополнителни дискусии во врска со „Златната купола“ во Гренланд“ и дека повеќе информации ќе бидат достапни како што напредуваат разговорите.
Според Трамп, потпретседателот Џ.Д. Венс, државниот секретар Марко Рубио и специјалниот пратеник Стив Виткоф ќе бидат задолжени за преговорите. Тој нагласи дека тие ќе „поднесуваат извештаи директно до него“.
Свет
Папата Лав одбил аудиенција со Макрон
Папата Лав одлучи да не го прими Емануел Макрон на аудиенција, објавува италијанскиот весник „Ил Темпо“, повикувајќи се на извори во Државниот секретаријат на Ватикан и надбискупот Џовани Чезаре Пагачо.
Според написите на ввесникот, подготовките за првата државна посета на Макрон на Ватикан, која траеше неколку недели на барање на Елисејската палата, беа прекинати по наредба на самиот папа, а на надлежните служби им беше наредено да го вратат барањето за аудиенција.
Папата, како што е наведено, рече дека во моментов не се одржуваат ниту приватни ниту државни аудиенции за Макрон.
Според изворот, причините за одбивањето се повеќекратни, а меѓу клучните се издвојува незадоволството на папата од законодавната насока на Франција во прашањата за етиката и човековите права, особено законите за еутаназија што неодамна ги усвои француската влада.
Според истите извори, ставот на Ватикан за изразениот антиамериканизам на Франција, како и незадоволството на папата од изјавите на Макрон за Соединетите Американски Држави, со оглед на тоа што папата е од американско потекло, претставува дополнително затегнување на односите.
Друг извор на тензии е одлуката, која Макрон ја донесе во координација со парискиот надбискуп Лоран Улрих, да се отстранат и реновираат преостанатите антички витражи во катедралата Нотр Дам со цел да се постават нови, современи дела.
Таа одлука предизвика протести од културните и католичките здруженија во Франција, а според изворите, таа наишла и на неодобрување од страна на папата, пишува медиумот.
Свет
Европските дипломати за говорот на Трамп: Сега тој го сака Исланд
Дипломатите и претставниците во Брисел во средата попладне го следеа говорот на Доналд Трамп за Европа, со посебен акцент на Гренланд, преку лаптопи и телевизиски екрани. Неговото појавување на Светскиот економски форум во Давос се одржа во услови на невидени трансатлантски тензии, но по говорот што траеше повеќе од еден час, многумина рекоа дека неговите намери им биле помалку јасни отколку на почетокот, пишува „Политико“.
Говорот се одржа еден ден пред состанокот на лидерите на ЕУ за да се разговара за одговор на заканата на Трамп за нови царини ако Данска не ја отстапи контролата врз Гренланд. „Ниту една нација или група нации не е во позиција да го обезбеди Гренланд освен САД“, инсистираше Трамп, но додаде: „Не морам да користам сила, не сакам да користам сила, нема да користам сила“. Иако Трамп експлицитно ја исклучи воената интервенција за прв пат, неговите изјави не ги смирија сите, пренесува медиумот.
Дипломат од ЕУ, рече дека луѓето „можат сами да проценат“, додавајќи дека Трамп сè уште инсистира да го добие Гренланд. „Сè се сведува на тоа колку верувате во тој збор. Но, не мислам дека некој би исклучил нешто по тој говор“, рече тој.
Оние кои се залагаат за силен европски одговор на заканите останаа непоколебливи, велејќи дека средбата на лидерите на ЕУ во четврток сè уште е потребна. „Секогаш е добро да се соберат лидери, особено по овој викенд“, рече друг дипломат, според медиумот.
Поранешната германска министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, напиша онлајн за време на говорот: „Ако повторно почнеме да ги доведуваме во прашање границите на земјите и да се обидуваме да ги поместиме со сила, закани или принуда, ќе се вратиме во темни времиња“.
Опишувајќи го Гренланд како „големо, убаво парче мраз, тешко е да се нарече копно, тоа е парче мраз“, Трамп ја замени европската територија каде сака да ја преземе контролата, споменувајќи го „Исланд“ најмалку четири пати. „Па, сега тој го сака Исланд, а не Гренланд, па ние сме сигурни“, се пошегува трет претставник на ЕУ, според написите.
Исланд, кој се наоѓа 350 милји источно од Гренланд, веќе беше предмет на карактеристични шеги од американската администрација откако номинираниот на Трамп за амбасадор во Исланд, Били Лонг, изјави во Вашингтон дека Исланд ќе стане 52-та американска држава и дека тој ќе биде нејзин гувернер.
Трамп, исто така, ги насмеа некои од загрижените Европејци со своите забелешки за францускиот претседател Емануел Макрон. „Убави очила за сонце“, рече Трамп откако францускиот лидер беше снимен како носи авијатичарски очила за сонце во затворен простор, „но што се случи, по ѓаволите?“, пишува медиумот.

