Економија
Зголемен лимитот за кредитите од Земјоделскиот кредитен дисконтен фонд
Лимитот за кредитите од Земјоделскиот кредитен дисконтен фонд (ЗКДФ) е зголемен од 300 илјади на 500 илјади евра, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство
Зголемувањето, како што се објаснува во соопштенито од страна на Министерството за земјоделие има времен карактер. Со ова решение се удоволува всушност на барањата на винарските визби, преработувачите на овошје и зеленчук, млеко месо, печурки, зачински, лековити и ароматични производи за обезбедување поволни финансиски средства за откуп на суровина од земјоделско потекло наменета за преработка, велат од ресорот земјоделие. Кредитните средства од Земјоделскиот кредитен дисконтен фонд кои што се администрираат преку Министерството за финансии по поволни услови може да ги користат земјоделските стопанства кои имаат поднесено барање за упис во регистерот на земјоделски стопанства, мали и средни претпријатија кои се занимаваат со примарно земјоделско производство, мали и средни претпријатија кои вршат преработка на примарни земјоделски производи, како и мали и средни претпријатија чија основна дејност е извоз на примарни земјоделски производи. Согласно целната група на кредитокорисници, постојат три кредитни категории: кредити за примарно земјоделско производство до 100 илајди евра, кредити за преработка на земјоделски производи до 500 илјади евра, освен за мелничките капацитети каде што лимитот е до 200 илјади евра и кредити за извоз на земјоделски производи, исто така, до 200 илајди евра. Намената на овие средства е за основни и обртни средства за примарно земјоделско производство, за преработки на земјоделски производи и за извоз на примарни земјоделски производи. За кредити пласирани преку вклучените деловни банки, каматните стапки изнесуваат 4 отсто на годишно ниво за кредитите наменети за примарно земјоделско производство и 5 отсто на годишно ниво за наменетите кредити за преработка или трговија.За пласираните кредити преку вклучените штедилници, каматните стапки изнесуваат 6 отстона годишно ниво за кредитите за примарно земјоделско производство и 6,5 отстоза кредитите наменети за преработка или трговија.Кредитите ќе можат да се земат преку НЛБ Тутунска банка, Инвестбанка, Комерцијална банка, Стопанска банка – Битола, Статер банка, Стопанска банка – Скопје, УНИ Банка и штедилниците Можности и ФУЛМ. За инвестициски кредити рокот на отплата е најмногу до седум години, грејс периодот до две години со исклучк и подолго, а за обртни средства до три години со една година грејс период, со исклучок и подолго. Вкупниот расположлив фонд на ликвидни средства преку ЗКДФ моментно изнесува околу пет милиони евра, а од веќе пласираните средства обновливиот фонд годишно прибира дополнителни пет милиони евра кои се ставаат на располагање на целните групи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Рекордни приходи од концесиски надоместоци во 2025 година
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека наплатата на концесискиот надоместок за експлоатација на минерални суровини во 2025 година достигна историски највисоко ниво.
„Наплатата за 2025 година, со вкупни 1.223.455.203,00 денари, претставува историски напредок и силна основа за понатамошно подобрување на системот на концесии во Република Северна Македонија“, соопшти Министерството.
„Овие резултати се директна последица на посветените активности на Министерството за подобрување на наплатата и зајакнување на контролата врз обврските на концесионерите, вклучувајќи: засилени инспекциски контроли и теренски проверки, испраќање писмени опомени и прекршочни постапки за доцнење со обврските, едностран раскин на 46 договори со концесионери кои не ги исполнувале законските обврски (неплаќање, еколошки прекршоци, неовластено проширување на полиња, пренос на концесија спротивно на законот), стапување во сила на новиот Тарифник од 1 јануари 2025, кој го зголеми износот на концесиски надоместок до 100% и подобра координација меѓу Министерството и општините“, се наведува во соопштението.
Во него се додава деја зголемената наплата директно придонесува за зголемување на буџетите на општините каде работат концесионерите, како и на државниот буџет.
„Зголемената наплата овозможува: значително зголемени буџети на општините во кои работат концесионерите, инвестиции во комунална инфраструктура, поддршка на енергетската транзиција и проекти за обновливи извори и поголеми средства за заштита на животната средина“, појаснува Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Економија
„Лукоил“ го продава имотот во странство на американска компанија
Рускиот енергетски гигант „Лукоил“ ќе го продаде поголемиот дел од својот странски имот на американската инвестициска фирма „Карлајл“, објави денес одделот за односи со јавноста на „Лукоил“. Одлуката следува по воведувањето санкции од страна на САД врз руската нафтена компанија во октомври.
САД воведоа санкции врз „Лукоил“ и „Роснефт“, во октомври лани, замрзнувајќи ги американските средства на „Лукоил“ и заканувајќи се со секундарни казни за странските субјекти што работат со нив. Санкциите, првите такви мерки наметнати од втората администрација на Трамп, се дизајнирани да извршат притисок врз Москва да се согласи на мировни преговори во Украина, со оглед на тоа што приходите од фосилни горива играат клучна улога во одржувањето на воените напори на Русија.
Договорот со „Карлајл“ не ги вклучува средствата на „Лукоил“ во Казахстан и сè уште чека одобрение од Министерството за финансии на САД, соопшти руската компанија, додавајќи дека разговорите со други потенцијални купувачи се во тек.
Вредноста на договорот не беше откриена, иако меѓународниот имот на „Лукоил“ се проценува на вредност до 22 милијарди долари.
„Лукоил“ е втор по големина производител на нафта во Русија и една од најголемите компании во земјата, со учество од 2 проценти од глобалното производство на нафта. Покрај удели во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Блискиот Исток, Африка и на други места, „Лукоил“ управува и со три рафинерии за нафта во Европа и стотици бензински пумпи низ целиот свет, вклучително и во САД.
Администрацијата на Трамп претходно одобри ослободување од санкции за бензинските пумпи на „Лукоил“ во странство додека продажбата беше во тек. Швајцарската трговска куќа „Гунвор“ првично беше заинтересирана за купување на средствата на компанијата во странство, но ја повлече својата понуда во ноември откако Министерството за финансии на САД ја опиша како „кукла на Кремљ“.
Економија
Божиновска на серија средби со амбасадори: меѓународна соработка за енергетска сигурност
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска оствари серија билатерални средби со претставниците на дипломатскиот кор во земјава. Меѓународната соработка и партнерствата со пријателските земји се клучни за обезбедување на безбедна и одржлива енергетска иднина за нашата земја, истакна Божиновска.
Продлабочувањето на енергетската соработка беше фокус на средбата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска со амбасадорката на Литванија, Вилма Дамбраускиене. Акцентот беше ставен на размената на искуства во енергетската транзиција и напредокот на нашата земја на тој план, како и реализација на проекти од енергетскиот сектор во насока на еколошка, економска и социјална одржливост.
Божиновска, на средбата ја истакна посветеноста на Министерството да обезбеди услови за земјата да се насочи кон енергетски одржлив амбиент.
Во рамки на средбите, министерката Божиновска разговараше со амбасадорот на Австрија во Република Северна Македонија Н.Е. Мартин Памер, при што беа разменети мислења за енергетските политики, енергетската транзиција и можностите за австриски инвестиции и експертска поддршка во развојот на одржливи енергетски проекти.
На средбата со амбасадорката на Народна Република Кина во земјава, Џианг Сиаојан се разговараше за размена на искуствата меѓу двете земји, при што беше истакната подготвеноста од кинеска страна за примена на нивните практики во справување со загадување на воздухот и примена на обновливи извори на енергија.
На средбата со амбасадорката на Украина во земјава, Лариса Дир, министерката Божиновска ги презентираше конкретните чекори коишто се преземаат со цел исполнување на европските енергетски стандарди и интеграција во заедничкиот пазар на ЕУ. При тоа, министерката Божиновска ја нагласи подготвеноста на нашата земја да помогне во напорите за заздравување на украинскиот енергетски сектор.
Билатералните средби коишто Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги реализира се потврда за посветеноста на Министерството во насока на остварување на визијата за чиста, праведна и одржлива енергетска иднина

