Свет
Даночната управа незаконски потрошила 615.000 евра
Управата за јавни приходи незаконски и ненаменски потрошила 615.000 евра при јавни набавки, нелегално собирала надоместок за регистрација на фирмите и на увозниците по различни цени им продавала контролни маркички за алкохол и за тутун.
ДРЖАВНИТЕ РЕВИЗОРИ ОТКРИЈА
Управата за јавни приходи незаконски и ненаменски потрошила 615.000 евра при јавни набавки, нелегално собирала надоместок за регистрација на фирмите и на увозниците по различни цени им продавала контролни маркички за алкохол и за тутун. Ова го утврдил Државниот завод за ревизија во извештајот за работењето на УЈП во минатата година. Ревизорите утврдиле дека во 23 отсто од набавките, вредни над половина милион евра, не е спроведен Законот за јавните набавки.
Во Управата велат дека не се виновни за незаконско спроведување на јавните набавки.
– Околу 510.000 евра од јавните набавки се потрошени врз основа на тендер објавен од Министерството за финансии за печатење акцизни маркички за алкохолни и тутунски производи, а остатокот од 100.000 евра е набавката на гориво за УЈП во Битола – изјавија во Управата.
Во Министерството за финансии тврдат дека во минатата година не спровеле ниеден тендер за УЈП.
– Тендерот за печатење на контролните маркици е од 1999 година, што значи дека во ревизорскиот извештај нема ништо спорно што би се однесувало на Министерството – изјави портпаролката Маја Богдановска.
Ревизорите и забележаа на УЈП дека незаконски собрала околу 28.000 евра од фирмите бидејќи не постоела законска основа за наплата на надоместок при регистрацијата на даночните обврзници. Со одлука на колегиумот на Управата, од годинава не се наплаќа оваа давачка. Но парите што претходно незаконски се собрани, УЈП нема намера да ги врати.
– Станува збор за мала сума што е собрана од голем број фирми и Управата нема да ги враќа парите бидејќи административната процедура сепак е сложена. Кога дојде Петра Митева на чело на УЈП, утврди дека нема законска основа за собирање на овој приход и тоа е сопрено годинава – велат од Управата. Оттаму не кажуваат зошто на директорката Митева и требале две години за да ја сопре незаконската наплата.
Ревизорите утврдиле и дека УЈП во минатата година контролните маркички за увоз на алкохолни пијалоци и тутун ги продавала по различни цени за различни увозници бидејќи не постоело решение за формирање на цените. Разликата во цените на контролните маркички се движела од 0,18 до 0,48 денари, а ревизорите не добиле објаснување од УЈП на што се должи ова. Потребното решение било донесено на 31 декември минатата година и се однесува на 2005 година.
Ревизорскиот извештај треба да го разгледаат Јавното обвинителство и Владата, кои треба да оценат дали има основа за покренување постапка за барање одговорност од надлежните лица во УЈП.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Руте по разговорите со Трамп: Безбедноста на Арктикот во фокусот
Главниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави во четвртокот дека за време на неговата средба со Доналд Трамп во Давос воопшто не било спомнато американско сопствеништво над Гренланд и дека новата позиција на американскиот претседател не ја смета за пресврт, пренесе Си-Ен-Ен. „Не разговаравме за тоа“, рече Руте во интервју за Скај њуз во четвртокот. „Синоќа не беше спомнато.“
„Она што можам да го кажам е дека разговаравме за неговата идеја, неговата визија“, рече Руте, појаснувајќи дека тој и Трамп се фокусирале на тоа како НАТО може „да го спаси Арктикот од Русите и Кинезите“.
По средбата со Руте во средата, Трамп на социјалната мрежа Трут соушл објави дека се откажува од претходната закана за воведување царини за европските земји поради наводното попречување на американското преземање на Гренланд.
На прашањето на Скај њуз дали вознемиреноста предизвикана од коментарите на Трамп за Гренланд претставувала пречка за сојузниците во НАТО, Руте не се согласи и дури му припиша заслуги на Трамп за „спасувањето на НАТО“.
„Мислам дека е во право што ја покрена оваа расправа“, рече Руте. „Како можеме да го заштитиме Арктикот? Како можеме да обезбедиме Арктикот да биде безбеден? И би рекол дека, откако го спаси НАТО, тој сега е тој што ги предводи напорите за да се осигураме дека колективно ќе го спасиме арктичкиот регион.“
Свет
Шпанскиот министер повика на создавање единствена европска армија
Шпанскиот министер за надворешни работи, Хозе Мануел Албарес, изјави дека Европа треба да има своја армија.
„Мислам дека е време Европа да ја земе својата судбина и својот суверенитет во свои раце“, изјави Албарес на маргините на Светскиот економски форум.
Тој објасни дека ова значи отстранување на сите бариери за единствениот пазар и обезбедување сигурни трговски партнери во време на сè почести дискусии за царините. Тој додаде дека Европа мора да има и своја одбрана – да ја земе безбедноста во свои раце, да ги поврзе одбранбените индустрии и да се движи кон создавање европска армија.
Свет
Спречен напад врз приватниот авион на германскиот канцелар Фридрих Мерц
Германската полиција спречила напад на еколошки активисти врз приватниот авион на германскиот канцелар Фридрих Мерц во еден хангар во градот Арнсберг, соопшти државното обвинителство.
Според соопштението, „полицијата во ноќта од среда кон четврток спречила три лица во обид да го оштетат приватниот спортски авион на претседателот на германската влада“.
Во соопштението на групата која ја презела одговорноста за обидот за напад се наведува дека три лица, на возраст од 23, 28 и 56 години, неовластено влегле во просторот на аеродромот Арнсберг-Менден, но полицијата спречила оштетување на авионот кој се наоѓал во еден од хангарите.
Меѓу приведените активисти е и познатата германска климатска активистка Ања Виндл. По акцијата, со соопштение се огласи и групата „Отпор колектив“, која ја презеде одговорноста за обидот за напад.
„Ние се обидовме, во рамки на протест, да го оневозможиме приватниот авион на канцеларот Фридрих Мерц. Додека климатската криза ескалира, германскиот канцелар се движи наоколу со приватен авион“, стои во соопштението на групата.

