Свет
Израел по неуспешниот обид за прекин на огнот напаѓа во Газа, 140 мртви Палестинци
Израелската армија во средата изврши десетици напади врз Појасот Газа, уништувајќи комплекс владини институции, голем полициски штаб и еден од главните мостови на крајбрежната енклава, со што вкупниот број на палестински жртви во операцијата достигна 140 луѓе, меѓу кои и три локални новинари.
Размената на нападите, во кои на израелската страна загинаа вкупно пет лица, продолжи и ноќта кон средата откако не беше постигнато најавеното примирје објавено од страна на Палестинците, и откако во потрагата по мир во регионот пристигнаа американската државна секретарка Хилари Клинтон и генералниот секретар на Обединетите нации, , Бан Ки-Мун, кои се обидоа да го одвратат Израел од проширување на својата воена операција „Облачен столб“ со копнена инвазија во Појасот Газа.
Еден од најзначајните цели од ноќните бомбардирања беше комплексот владините агенции Абу Кадра во центарот на главниот град Газа. Врз зградата, каде што пред војната локалното население вадеше пасош и пријавуваше патувања во странство, истрелани се пет ракети. Во бомбардирањето настрадале и блиските канцеларии на катарската сателитска телевизија Ал Џазира и на иранските новински агенции.
Во своето резиме за борбените активности, службата за односи со јавноста одбранбените сили на Израел (IDF) во соопштението објавено во средата претпладне зградата на палестинското министерство е означено како „еден од главните центри за команда и контрола“ на владејачкото во палестинската енклава Појасот Газа, исламистичкото движење Хамас.
Израелските воени авиони уништија мостот Aз-Захра, која го поврзува главниот град кој се наоѓа во северниот дел на појасот Газа со централниот дел на енклавата. Исто така, уништена е и главната полициска станица во Кан Јунис, вториот најважен град на палестинските територии. Билансот на жртвите од операцијата која започна минатата среда достигна 140 лица, а повеќе од илјада се ранети, изјави претставник на локалното министерството за здравство.
Израелската армија, која го објави вообичаеното резиме за операциите во изминатата ноќ, соопшти дека цел на напад бил „разузнавачки оперативен центар“ на милитантите на седмиот кат од „зградата на претставништва на медиумски компании“.
Претходно во текот на ноќта телевизијата Ал-Акса на движењето Хамас јави дека загинале двајца од нејзини оператори во воздушен напад врз нивното возило. Локалните медиуми, исто така, јавија за загинувањето на новинарот на приватното локално радио Ал-Кудс. Израелската армија соопшти дека претставниците на медиумите контролирани од страна на исламистички влада во енклавата, често и самите се вклучени во активностите на милитантите.
Претходно во вторникот во Појасот Газа, милитантите јавно егзекутираа шест лица обвинети за соработка со израелските разузнавачки служби, а телето на еден од нив, беше врзано за мотоцикл и влечено по главната улица во Газа, соопштија очевидци за странските агенции.
Покрај нападите врз десетици милитантни групи, уништување на ракетни лансери, магацини со оружје и муниција и други инфраструктура на палестинските групи, израелската армија фрли и летоци над главниот град Газа и северните погранични градови Беит Ханун и Беит Лахија летоци со кои се повикуваат десетици илјади жители да ги напуштат веднаш нивните куќи и во посочени насоки да заминат длабоко во енклавата. Палестинците тоа го доживеа како знак за претстојната инвазија на копнените сили, и проширување на израелската операција која сé уште е ограничена на далечински напади.
Палестинскиот претставникот во писмото до Советот за безбедност при Обединетите нации, Риџад Мансур побара ова тело да ја осуди израелската акција, што Израел тврди дека ја преземал за да го спречи ракетирањето на Хамас врз неговите територии. Мансур во писмото наведува дека меѓу 140-те убиени Палестинци има многу деца.
Членките на Советот за безбедност на ОН одржаа во вторникот вонреден состанок по барање на арапските земји. САД ја блокира изјавата на Советот за безбедност на ОН со која се осудува ескалацијата на судирот меѓу Израел и Палестинците во Појасот Газа. САД се спротистави на оваа изјава бидејќи во неа не била наведен основната причина – ракетните напади на Хамас – за ескалацијата на насилството, изјави портпаролката на американската мисија во ОН, Ерин Пелтон.
Во регионот во вторникот доцна навечер допатува американската државна секретарка Хилари Клинтон. Таа прво во Ерусалим се сретна со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, а во средата ја очекуваат разговори со претседателот на палестинската самоуправа на Западниот брег, Махмуд Абас во Рамалах. Потоа Клинтон ќе замине за Каиро каде ќе се состане со египетскиот претседател Мохамед Мурси./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Премиерот на Гренланд: Ако треба да избереме помеѓу САД и Данска, ја бираме Данска
Премиерот на Гренланд изјави дека доколку неговиот народ мора да избере „тука и сега“, ќе ја избере Данска пред САД.
Изјавата на Јенс-Фредерик Нилсен, дадена на заедничка прес-конференција со данската премиерка, е најсилната порака од полуавтономната данска територија откако американскиот претседател Доналд Трамп го обнови својот план за нејзина анексија, објави Би-би-си.
Трамп тврди дека САД треба да го „поседуваат“ Гренланд за да се одбранат од Русија и Кина.
Белата куќа предложи купување на островот, но не ја исклучи можноста за употреба на сила за негово анексија. Данска е членка на НАТО, а премиерката Мете Фредериксен предупреди дека воената акција би значела крај на трансатлантската одбранбена алијанса.
Локацијата на Гренланд помеѓу Северна Америка и Арктикот го прави идеален за системи за рано предупредување од ракети и за следење на бродови во регионот, и покрај тоа што е најретко населено подрачје во светот. Трамп постојано повторува дека Гренланд е клучен за националната безбедност на САД, тврдејќи без докази дека е „покриен со руски и кинески бродови насекаде“.
САД веќе имаат повеќе од 100 војници трајно стационирани во базата Питуфик во северозападен Гренланд, објект што го управуваат од Втората светска војна. Според постојните договори со Данска, САД имаат овластување да донесат колку војници сакаат во Гренланд. Но, Трамп им рече на новинарите во Вашингтон минатата недела дека договорот за закуп не е доволен – САД „мора да имаат сопственост“ и „НАТО мора да го разбере тоа“.
На прес-конференција во Копенхаген, Фредериксен го осуди „целосно неприфатливиот притисок од нашиот најблизок сојузник“ и предупреди дека „многу индикации се дека најпредизвикувачкиот дел е пред нас“. Премиерот на Гренланд рече дека се соочуваат со „геополитичка криза“, но дека позицијата на островот е јасна.
„Ако треба да избираме помеѓу САД и Данска тука и сега, ние ја избираме Данска“, рече тој.
„Едно нешто мора да им биде јасно на сите. Гренланд не сака да биде во сопственост на САД. Гренланд не сака да биде управуван од САД. Гренланд не сака да биде дел од САД.“, додаде тој.
Европа
Поранешни вработени го обвинија Хулио Иглесијас за сексуална злоупотреба, откриени детали
Шпанскиот пејач Хулио Иглесијас е обвинет за сексуален напад од страна на две поранешни вработени, кои тврдат дека биле подложени на „несоодветно допирање, навреди и понижување во атмосфера на контрола и постојано вознемирување“. Обвинувањата беа објавени по тригодишна истрага, објавува „Гардијан“.
Жените, куќна помошничка и физиотерапевт вработени во вилите на Иглесијас во Доминиканската Република и на Бахамите, тврдат дека наводните напади се случиле во 2021 година.
Тригодишна истрага
Обвинувањата произлегуваат од заедничка истрага на шпанскиот портал elDiario.es и телевизиската мрежа Univision Noticias, кои собраа сведоштва од 15 поранешни вработени кои работеле за 82-годишниот пејач помеѓу крајот на 1990-тите и 2023 година.
„Интервјуата ги опишуваат условите за изолација на жените, работните спорови, хиерархиската структура на персоналот и напнатата атмосфера создадена од избувливата природа на Иглесијас“, се вели во својот извештај на elDiario.es.
„Двете жени кои го пријавија сексуалниот напад беа интервјуирани повеќе пати во период од повеќе од една година и нивните искази останаа конзистентни. Нивните искази беа поткрепени со обемни документарни докази, како што се фотографии, дневници на повици, пораки на WhatsApp, визи, медицински извештаи и други документи.“
Детали за сведочењето
Една од жените, идентификувана под псевдонимот Ребека за да се заштити нејзиниот идентитет, изјави дека Иглесијас, тогаш 77-годишен, често ја канел во својата соба на крајот од работниот ден. Таа тврдеше дека потоа сексуално ја злоупотребил без нејзина согласност. „Ме користеше речиси секоја вечер“, изјави таа за elDiario.es и Univision Noticias. „Се чувствував како предмет, како роб“.
Според Ребека, нападите обично се случувале во присуство и со учество на друг вработен кај Иглесијас, кој бил нејзин претпоставен.
Друга жена, позната под псевдонимот Лаура, изјави дека Иглесијас ја бакнувал и ги допирал нејзините гради без нејзина дозвола. „Бевме на плажа и тој дојде до мене и ме допре“, рече таа, додавајќи дека сличен инцидент се случил покрај базенот во вилата на пејачот во Пунта Кана.
Двете жени рекоа дека работниците биле подложени на напната и контролирачка атмосфера и зборуваа за тоа како Иглесијас „ја нормализирал злоупотребата“. Ребека рече: „Таа куќа треба да се нарече куќа на ужаси затоа што е кошмар – нешто навистина ужасно“.
Поднесена жалба и реакции
ElDiario.es објави дека две жени поднеле формална жалба до обвинителите во највисокиот кривичен суд во Шпанија, обвинувајќи го Иглесијас за трговија со луѓе и сексуален напад.
Новинарите што го истражуваат случајот постојано се обидуваат да го контактираат Иглесијас и неговиот адвокат, но не добиле одговор. Сепак, жената што Ребека ја идентификуваше како нејзин претпоставен во вилата во Пунта Кана ги отфрли обвинувањата како бесмислени.
Таа рече дека чувствува само „благодарност, восхит и почит кон големиот уметник и човечко суштество каков што е тој“, опишувајќи го како „скромен, дарежлив, вистински господин и голем почитувач на сите жени“.
Шпанската министерка за труд Јоланда Дијаз го нарече сведочењето на жените „ужасно“, велејќи дека тие опишале „сексуален напад и ситуација на ропство“.
Од друга страна, Изабел Дијаз Ајусо, претседателка на мадридскиот регион, застана во одбрана на Иглесијас. Таа рече дека нејзината администрација нема да ги послуша повиците да му се одземат почестите на пејачот. „Мадридскиот регион никогаш нема да придонесе за дискредитирање на уметник, а уште помалку кога станува збор за најуниверзалниот од сите пејачи: Хулио Иглесијас“, напиша таа на социјалната мрежа Икс.
Регион
(Видео) Вучиќ се појави во изборниот рекламен спот на Орбан заедно со лидерите на европската десница
Српскиот претседател Александар Вучиќ се приклучи на изборната кампања на унгарскиот премиер Виктор Орбан преку учество во промотивен спот.
Во видеото, покрај Вучиќ се појавуваат уште десет политичари, меѓу кои и премиерите на неколку земји и крајно десничарските лидери од Германија и Франција, објавува порталот Нова.рс.
Thank you for your support! @MorawieckiM, @RobSchneider, @GiorgiaMeloni, @predsednikrs, @MLP_officiel, @matteosalvinimi, @AndrejBabis, @JMilei, @Alice_Weidel, @Santi_ABASCAL, @netanyahu, @herbert_kickl pic.twitter.com/7JI021IgRq
— Orbán Viktor (@PM_ViktorOrban) January 11, 2026
Во видеото за изборите, кои беа распишани денеска за 12 април, Орбан е поддржан од премиерите на Италија, Чешка и Израел – Џорџа Мелони, Андреј Бабиш и Бенјамин Нетанјаху. Меѓу политичарите се и крајно десничарските опозициски лидери: копретседателката на Алтернатива за Германија (AfD) Алис Вајдел, лидерката на Националниот собир во францускиот парламент Марин Ле Пен, претседателот на шпанската партија Вокс, Сантијаго Абаскал Конде, и претседателот на Партијата на слободата на Австрија, Херберт Кикл.
Вучиќ во видеото вели: „Се надевам дека следните избори ќе значат многу за сите нас, што значи дека ќе бидеме сведоци на уште една победа за Фидес“.

