Македонија
Стотици илјади евра годишно биле изнудувани од студентите?
Доколку хипотетички се направи груба пресметка дека 30.000 студенти годишно плаќаат по 200 денари за членство во студентските парламенти, кои патем се невладини организации, тогаш секоја година на нивна сметка студентите ќе продолжат да „донираат“ најмалку 100.000 евра.
Доколку хипотетички се направи груба пресметка дека 30.000 студенти годишно плаќаат по 200 денари за членство во студентските парламенти, кои патем се невладини организации, тогаш секоја година на нивна сметка студентите ќе продолжат да „донираат“ најмалку 100.000 евра. Макфакс, кој ја отвори темата со изнудената членарина од студентите кои на одредени факултети не биле информирани дека не мора да плаќаат за студентски парламент, а без неа не можат да запишат нова студентска година, се обиде да го пронајде патот на овие пари, кои за сега никој не знае каде завршуваат.
Иван Живковски, претседателот на Студентскиот парламент на Универзитетот Кирил и Методиј (СПУКМ), за Макфакс изјави дека ниту еден денар од овие пари не завршувале во СПУКМ туку оделе во Студентските парламенти при факултетите. „Ништо ни еден денар од овие 200 денари не доаѓаат до нас. Некои не обвинуваат нас за средства до кои немаме допирна точка, постои Студентски парламент на универзитет (СПУКМ) и Студентски парламент на факултет, според законот за високо образование од 2008, ние сме како чадор организација. СПУКМ се финансира исклучиво од проекти, и аплицира за грантови како и секоја друга невладина организација и се финансира од дел од средствата од ИКСА (750 денари за информативни, културни и спортски активности), на УКИМ,“ рече за Макфакс Живковски, кој по пишувањата на Макфакс и на нивниот сајт ставија соопштение дека оваа членарина не е задолжителна. Министерот за образование и наука, Никола Тодоров на вчерашната прес конференција рече дека доколку се утврди обременување на студентите со нешто што не треба да го платат, и за тоа не постои законски услов, тогаш преземајќи такви активности универзитетите ги кршат правилата и во тој случај Државниот просветен инспекторат има право и можност да преземе определени мерки. „Ние, како Министерство имаме надлежност и можност да правиме ревизија на сите сметки на оние кои се буџетски корисници, така правиме ревизија и на сите универзитети и знаете дека во овој период имаме направено повеќе ревизии и можеби една од следните ревизии која ќе биде направена, ќе биде токму на оваа сметка, за да утврдиме кој бил начинот на прибирање на овие средства, дали бил тој законски и начинот на кој што овие средства се трошеле,“ рече Тодоров и додаде дека враќањето на парите до студентите зависи од правните процедури во системот на Република Македонија. Тодоров вели дека Министерство не може да ги врати тие средства на студентите затоа што Министерството не ги користело средствата. Студентскиот правобранител, Никола Главинче вели дека не е сигурен дали и Министерот има надлежност да го пронајде патот на овие пари, освен ако не се докаже дека и одделни факултети имале удел во нивното прибирање. На прашањето на Макфакс дали инспекција би имала ефект, тој одговори: „Не, тоа се здруженија на граѓани, која инспекција ќе влезе внатре? Не може, министерот едноставно нема надлежност, тоа е таков круг на здруженија на граѓани, кој министер ќе влезе внатре? Не може да влезе затоа што е невладина организација и после ќе имате мешање на владиниот сектор во невладиниот сектор што не смее да се дозволи во никој случај,“ рече Главинче кој исто така не даде одговор каде завршуваат парите на студентите. „Едноставно, средствата доаѓаат од студентите, се трошат за активности за Студентскиот парламент, Студентскиот парламент сам се информира за својот финансиски план, не информира некој над него, и не поднесува финансиски извештаи“, додава Главинче. Доколку илјадниците евра студентски пари не завршуваат во СПУКМ, тогаш каде се? Во статутот на СПУКМ на нивната интернет страница се вели дека СПУКМ го сочинуваат пратеници на студентските парламенти на секоја високо образовна институција, членка на УКИМ каде постои парламент, што всушност значи дека дел од истите луѓе кои се активни во студентските парламенти при факултетите се активни и во СПУКМ. „Мое мислење е дека студентските парламенти на факултетите треба да имаат голема и радикална реформа, во начинот на организирање и во начинот на работа. Треба голема реформа. Кога ќе се донесе закон за студентско организирање, тие прашања ќе се регулираат, и тој треба да придонесе за унифицирано организирање на сите факултети и да промени многу во студентското организирање,“ смета студентскиот правобранител на УКИМ./крај/ко
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Со 205 милиони евра од Британците изградбата на болниците во Штип, Тетово и во Кичево ќе почне најдоцна на почетокот на следната година
Градежните активности за изградба на болниците во Штип, Тетово и во Кичево ќе почнат до крајот на оваа или најдоцна на почетокот на следната година, најави денес министерот за здравство, Азир Алиу. Административните процедури, пак, кои претходат на градежните активности, ќе почнат веднаш по потпишување на договорот.
„205 милиони евра веќе ги најавивме, тие се за Штип, Тетово и за Кичево. Тие не се буџетски средства, туку ќе бидат средства од договорот влада со влада со Британците. Јас сè уште не сум потпишал договор. Чекавме да завршат изборите и потоа да се потпише договорот и да бидат дел од таа инфраструктура. Рековме дека ќе почнеме со инвестиции во инфраструктура и првиот чекор се овие три клиники. И Штип, и Тетово, и Кичево ќе бидат почнати. Административните процедури ќе почнат веднаш, а инфраструктурно, најверојатно, кон крајот на годината или на почетокот на следната година“, рече министерот Алиу.
Болницата во Кичево ќе се гради одново затоа што постојниот објект министерот Алиу вели дека не ги исполнува базичните инфраструктурни барања за да биде институција што ќе нуди здравствени услуги не само за Кичево туку за регионот.
На 26 јуни оваа година премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство Азир Алиу најавија стратешки договор со Обединетото Кралство за обнова и изградба на болници во Штип, Тетово и во Кичево. Проектот предвидува довршување на клиничката болница во Штип, изградба на медицински факултет и студентски дом со 200 легла, изградба на целосно нова болница во Кичево и комплетна реконструкција и опремување на постојната болница во Тетово.
Македонија
Алиу: Во тек се многубројни проекти за зајакнување на капацитетите во здравството
Министерот за здравство Азир Алиу денеска се обрати на четвртата годишна конференција за здравство во организација на Американската стопанска комора „Ам Чам“, која годинава е посветена на темата „Моќта на навремената акција за здравствен систем што испорачува“.
Во своето обраќање министерот Алиу се осврна на повеќе тековни проекти за зајакнување и унапредување на капацитетите во јавното здравство. Во рамките на панел-дискусијата со претставници од институциите, бизнис-секторот и пациентските организации се разговараше како од реактивен да се премине кон проактивен здравствен систем.
„Дијагнозата за нашиот систем е недостиг на основни податоци, нејасно дефинирани временски процеси и краткорочни приоритети. Затоа почнавме со изработка на десетгодишна национална стратегија за човечки капацитети, која ќе биде независна од дневната политика. Дополнително, во партнерство со Медицинскот факултет при УКИМ и факултетите за медицински науки во Тетово и Штип ги почнавме реформите на специјализациите и супспецијализациите со кои ќе се опфати редефинирање гранки, скратување дел од програмите и зајакнување на пошироките специјализации – интерна медицина и општа хирургија – за усогласување со реалните потреби на системот“, посочи министерот Алиу.
Тој го истакна и зајакнувањето на примарното здравство и превенцијата, со нови вработувања и постапка за набавка на 100 возила за итна медицинска помош, како и надградбата на дигиталната поддршка за пациентите преку „Мој термин“, „Мое здравје“ и подготовка на национални мрежи за радиологија и телемедицина. Посочи дека е во тек дигиталната трансформација и воведени се нови модули во „Мој термин“ за евиденција на прегледи од областа на медицинта на трудот и систем за евиденција и управување со барањата за листата на лекови, со која првпат се почнува со дигитализација на постапката за ставање нов лек на позитивна листа.
„Работиме на регионално планирање кадар и ресурси и на децентрализација на онколошката грижа во ГОБ ‘8 Септември’, Тетово и Битола, а во Гостивар веќе е ставена во функција нова хируршка сала за ортопедија и трауматологија. Од првиот ден воведов отворен кабинет и контакт-форма за директен дијалог со граѓаните, а во тек се консултации за пакет-измени и дополнувања на 12 закони за поквалитетни и подостапни услуги. Нашата цел е јасна и споделена – тоа е здравство што навреме испорачува квалитетни услуги, со пациентот во центарот“, заклучи министерот Алиу.
Македонија
Објавен предлог-списокот за лектири за основно образование, МОН повика на јавна дискусија за негово дефинирање
Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието организираат јавна дискусија за новиот предлог список за лектири за основното образование и упатуваат покана до сите заинтересирани страни – наставници, стручни служби и други чинители во образованието, активно да се вклучат во дефинирање на современ, инклузивен и квалитетен список, кој ќе одговара на реалните потреби на учениците и наставниот процес.
Потребата од ажурирање, како што велат од МОН, произлегува од стремежот за постојано усогласување на наставните содржини со современите образовни цели, развојните карактеристики на учениците и нивниот социјален и емоционален контекст.
Се додава дека одредени наслови се отстранети поради ниска читаност, несоодветност на возраст или содржина. Поради промени во наставните програми и интердисциплинарно поврзување во наставата, некои дела се преместени во друго одделение или добиле нов статус – од задолжителни станале изборни и обратно.
Во предлогот се вклучени дела што обработуваат современи и значајни теми, меѓу кои: идентитет и самодоверба, пријателства и меѓучовечки односи, училишен живот и булинг, емоционални и психолошки предизвици, културна разноликост, инклузија на деца со посебни образовни потреби.
„Целта е учениците да читаат содржини блиски на нивната реалност, но и доволно слоевити за анализа и симболичко толкување, што ќе поттикнува критичко размислување, дискусија и личен развој“, велат од МОН.
Списокот е отворен за предлози за сите одделенија од второ до деветто. Предвидена е и можност за вклучување на по едно дело од националните литератури на сите наставни јазици, при што секое дело ќе биде преведено на сите службени наставни јазици во Македонија.
Формуларот за предлог-книга треба да се испрати на следната адреса: [email protected] најдоцна до 30 ноември 2025 година.

