Македонија
Ивон: Македонија ќе урива рекорди во пристапните преговори

Преговорите на Македонија за членство во Европската унија ќе бидат повеќе спринт отколку маратон, и поради тоа треба да се искористи пристапниот дијалог на високо ниво за да се има напредок во интеграцијата.
Ова го порача британскиот амбасадор Кристофер Ивон, кој во вторник учествуваше на конференцијата „Проширувањето соочено со новите предизвици во Европската унија“.
Ивон смета дека, доколку главните задачи бидат завршени во текот на пристапниот дијалог, Македонија за рекордно време ќе ги заврши пристапните преговори штом тие почнат.
„Овој дијалог на високо ниво ни нуди вистинска можност на Македонија во нејзиниот напредок кон Европската унија. Обединетото Кралство сака да ги види преговорите отворени. Немаме никаков приговор кон тоа, меѓутоа сé додека не дојде датумот кога Советот заеднички ќе донесе одлука, сметам дека овој дијалог на високо ниво дава можности за реформи на значаен начин, бидејќи доколку тие се случат, кога ќе почнат преговорите брзината на патувањето на Македонија ќе урива рекорди, ќе биде повеќе спринт, отколку маратон откако ќе се отворат преговорите“, рече Ивон.
За шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски, членството во Европската унија не носи решенија за сите проблеми, но дава можност за нивно надминување. „Со членството во Европската унија не ги решавате сите проблеми. Членството во Европската унија ви отвара можност, доколку имате капацитет и доколку можете да генерирате решенија, да имате подобра иднина на подолг рок, но само посебе не е решение. Не смееме да излеземе од оној концепт на клучна идеја дека Европската унија е мировен проект, е проект кој е фокусиран да ни обезбеди мир, стабилност и просперитет“, рече Попоски. Смета дека членството на Македонија во ЕУ ќе значи постабилна и попросперитетна Унија.
„Главната агенда е дека ние имаме најсилна поддршка за членство во Европската унија, дека тоа преставува исклучително кохезивен фактор за нашето општество и дека Република Македонија дефинитивно може да ја направи Европската унија побогата, постабилна и попросперитетна по членството отколку пред нејзиното членство. Не би требало тоа да ни создава одреден комодитет и да ни создава перцепција дека и сме потребни на Европа сами посебе и дека можеме да се опуштиме, бидејќи по дефиниција би требало да припаднеме во тоа семејство. Мислам дека спротивната логика е многу повалидна – дека треба да работиме многу упорно, многу напорно и покрај неправдата со којашто објективно се соочуваме во определен временски период“, рече Попоски.
За Дејвид Кален, шеф на Одделот за Република Македонија при Директоратот за проширување на Европската комисија, проширувањето останува стратешки интерес за Унијата. Порача дека кризата нема никакво влијание врз проширувањето, туку тоа во најголема мера зависи од сработената домашна задача на земјите-аспиранти.
„И покрај предизвиците, сепак, процесот на проширување не е обесхрабрен. Моментумот може да се задржи ако се има вистински напредок, благодарение на напорите на земјите на западниот Балкан. Со поддршка на Европската унија, регионот е поблиску до Европа“, рече Кален.
Конференцијата, одржана по повод Денот на Европа, е во организација на Европското движење во Република Македонија, а под покровителство на Собранието. /крај/мф/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Претежно сончево и многу топло

Времето денеска, претежно сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 39 степени.
Под влијание на топла воздушна маса од југ, до средината на следната седмица времето ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност.
Дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надминува 40°C.
Во недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.
Македонија
Без вода делови од Гази Баба и Кисела Вода

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска ( четврток) поради изведување на водоводен приклучок од ф – 80 мм на ул. Михаил и Евтихиј бр. 33 во населба Кисела Вода, во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат корисниците од ул. Михаил и Евтихиј. ( општина Кисела Вода).
Од таму со соопштение дека поради изведување на водоводен приклучок од ф – 100 мм на ул. 30 во населба Трубарево, во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат корисниците од населба Трубарево. ( општина Гази Баба ).
Македонија
Тошковски од Мала Преспа: Македонскиот дух тука живее силно и гордо

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, заедно со министрите за надворешни работи Тимчо Муцунски и министерот за култура Зоран Љутков се во посета на Македонците во Мала Преспа каде присуствуваат на фестивалот „Македонско културно лето“–симбол на истрајноста и духот на македонската заедница во Албанија.
„Фестивалот претставува жив сведок на богатството на македонската култура, уметност и традиција и испраќа јасна порака дека македонскиот идентитет не познава граници. Наша обврска е да го зачуваме и промовираме, секаде каде што чука македонско срце”, потенцираше министерот Тошковски.
Во рамки на посетата на Пустец министрите остварија средба со градоначалникот на Општина Пустец, Пали Колевски со кого разговараа за конкретни начини на поддршка од страна на македонската држава.
„Како Министерство за внатрешни работи, подготвени сме да го олесниме процесот за издавање на лични документи на оние жители кои имаат македонско државјанство и да преземеме мерки за олеснување на граничниот проток на преминот Стење, особено во сезоната на берба на јаболка, кога многу жители од овој крај доаѓаат на работа во Ресенскиот регион“, истакна министерот Тошковски.
Присутните вечерва имаа чест да го проследат настапот на велешкиот театар – силна потврда дека македонската култура обединува, каде и да се наоѓа.
„Мала Преспа е прекрасна, но уште повредно е чувството дека македонскиот дух тука живее силно и гордо“, заврши министерот Тошковски.