Спорт
Барса граби напред, Виљареал изненаден од Леванте
Некогаш мечевите меѓу Барселона и Атлетико Мадрид беа вистински дерби натпревари, но имајќи ги предвид формите на двата состава лесната победа на каталонците од 3:0 не претставува изненадување
Ова беше 16-та победа во серија за Барселона што е нов најдобар резултат во историјата на клубот. Лионел Меси ги постигна головите во 17., 28., и 79 минута. Фудбалерите на Атлетико Мадрид кои се наоѓаат во криза којашто се продлабочува, само со неколку напада покажаа дека се дела од богатата славна историја на шпанскиот клупски фудбал. Непотребната затвореност на играта и покрај првичните грешки во одбраната просто не и’ дадоа можност на гостинската екипа да направи нешто пред големиот и разигран противник, кај кого не одеше се’ како вообичаено, но сосема доволно да се совлада ваквиот Атлетико. Барса со меч повеќе ја зголеми предноста пред вториот Реал на десет бодови создавајќи пред денешниот меч уште поголем притисок врз „кралските“ фудбалери. Третопласираниот тим во Ла Лига во саботата навечер сосема разочара со настапот против гостите Леванте кои се борат за голиот прволигашки статус. Виљареал на својот „Мадригал“ беше поразена со голот на Валдо во 48. минута од мечот. И покрај поразот Виљареал останува на третата позиција со 45 бодови, четири повеќе од четвртопласираната Валенсија која во недела го игра својот меч од 22-то коло со Херкулес. Леванте е 18-ти со 21 бод еден помалку од Спортинг, Осасуна, Херкулес, Расинг Сантандер и Депортиво Ла Коруња кои се наоѓаат на местата кои и обезбедуваат опстанок во лигата. Атлетик Билбао беше сигурен против Спортинг Хихон со 3:0, со говите на Давид Лопез од пенал во 16. минута, Токверо во 27. и Љоренте во 74. минута. Реал Сарагоса ги подел бодовите со Расинг откако Бутахар во 40. минута го анулираше водството на гостите што го постигна Кристиан со голот во 14. минута.Со истиот резултат 1:1 заврши и мечот меѓу Осасуна и Мајорка. Домашните поведоа со голот на Флано во 8. , а изедначи Гонзало Кастро во 37 минута.Хетафе високо го порази Депортиво со 4:1. Колуња во 19 и 27., Мику во 44 и Педро Риос во 57. минута беа стрелци за домашните, а Рики во 69. минута од пенал го постигна почесниот погодок за гостите. Алмериа за 18 минути дојде во голема предност против Епсањол, но во завршницата се бореше да ја сочува победата. За Алмериа стрелци беа Марсело Силва во 5., Уче во 7. и Бернандељо во 18. минута, а Еспањол намали преку Верду во 34. и Алваро во 50. минута Покрај мечот меѓу Валенсија и Херкулес, во недела ќе се одиграат и средбите Севиља – Малага и Реал Мадрид – Реал Сосиедад.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Мбапе и Камавинга го напуштија кампот на репрезентацијата
Француските фудбалери обезбедија пласман на Светското првенство едно коло пред крајот на квалификациите, откако остварија убедлив триумф од 4:0 над Украина.
Килијан Мбапе беше еден од најзаслужните за пласманот на „триколорите“ на Светското првенство, но во меѓувреме се здоби со лесна повреда.
Станува збор за воспаление на зглобот, а со оглед на тоа што визата за САД, Канада и Мексико е веќе обезбедена, нема потреба најдобриот играч на Франција да се изложува на ризик во натпреварот од последното коло од Групата Д со Азербејџан (недела, 18.00 часот).
26-годишникот веќе се врати во Мадрид, каде што ќе се одмори и ќе ја санира повредата пред да ги продолжи клупските обврски.
Заедно со Мбапе, во Мадрид се врати и Едуардо Камавинга, неговиот соиграч од Реал.
„Камавинга претрпе истегнување на тетивата на левата нога. Мбапе сè уште страда од воспаление на десниот глужд, што бара дополнителни тестови. Тие ќе бидат подложени на нови тестови денес во Мадрид“, се вели во соопштението на Француската фудбалска федерација.
Спорт
Пјастри: Односот со Норис никогаш не бил подобар
Ландо Норис и Оскар Пјастри водат голема борба за титулата во шампионатот во Формула 1.
Двајцата се возачи на Мекларен и тоа ја прави борбата уште поинтересна. Моментално, Норис има предност од 24 поени, а до крајот на шампионатот остануваат уште три трки.
Многумина мислат дека постои големо соперништво меѓу Норис и Пјастри надвор од патеката. Сепак, младиот Австралијанец го негираше тоа.
„Ландо и јас одлично се согласуваме. Мислам дека нашиот однос никогаш не бил подобар. Причината е едноставна. Три години сме клупски колеги и секој ден се запознаваме сè подобро и подобро“, рече Пјастри.
Следната трка во шампионатот е на 22 ноември, во Лас Вегас.
Спорт
Гатузо им се налути на навивачите
Селекторот на италијанската репрезентација, Џенаро Гатузо, остро одговори на критиките, бидејќи неговиот тим го скрши отпорот на Молдавија (0:2) во квалификациите за Светското првенство во финиошт с голови во 88-та и 93-та минута.
Додека резултатот сè уште беше 0:0 кон крајот на натпреварот, мала група италијански навивачи почна да протестира, скандирајќи им на играчите „да одат на работа“. Гатузо не се согласи со нивните критики, нагласувајќи дека тимот играл добро.
„Протестите на навивачите се срамота, жал ми е за она што го слушнав. Ова не е време да им кажуваме на играчите да одат на работа. Мора да останеме обединети бидејќи тимот се мачи на теренот, а да слушам 500 навивачи кои зборуваат секакви работи е нешто што не го прифаќам“, рече Гатузо.
Италија сè уште може, во теорија, да се квалификува за Светското првенство како победник во Група И. Тие се три бода зад Норвешка, нивниот следен и последен противник во групата, но ќе им треба многу убедлива победа (со разлика од девет гола) за да ја поништат гол-разликата. Затоа, „аѕурите“ ќе ја бараат својата шанса преку баражот.
Италијанската репрезентација последен пат учствуваше на Светското првенство во 2014 година. Ги пропушти турнирите во 2018 и 2022 година по тешките порази во плејофот од Шведска и Македонија.

