Македонија
Јанкулоска: Безбедноста и евроатлантските перспективи императивно прашање за земјите од регионот
Една од примарните задачи и должности, пред се, на секоја држава е да воспостави силен и сеопфатен безбедносен систем кој ќе може да биде целосно функционален и ефикасен, независно од видот и степенот на закани.
Ова го изјави министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска во своето денешно воведно обраќање во рамки на меѓународната научна конференција – Безбедноста и евроатлантските перспективи на Балканот, што во петок и сабота се одржува во Охрид.
„Наедно, тој систем мора да биде достаточно флексибилен и кооперативен за секаков облик на соработка и дејство со друг таков систем, оти јасно е дека предизвиците со кои се соочуваме денес не секогаш имаат национален предзнак, односно проблемите што можат да се испречат пред нас подеднакво може да ги чувствуваме сите ние во еден поширок регион“, истакна Јанкулоска.
Поздравувајќи го еминетниот собир на експерти од областа на безбедноста од речиси сите земји од регионот присутни на конференцијата, Јанкулоска потенцираше дека темата на собирот всушност е императивно прашање за целиот регион кое што денес претставува еден заеднички приоритет – евроатлантските интеграции.
Притоа, таа нагласи дека една од примарните задачи и должности, на секоја држава е да воспостави силен и сеопфатен безбебедносен систем кој ќе може да биде целосно функционален и ефикасен, независно од видот и степенот на закани.
Инаку организатор на научната конференција е Факултетот за безбедност при универзитетот „Свети Климент Охридски“ а во тесна соработка со повеќе образовни институции од регионот.
На конференцијата ќе бидат презентирани повеќе научни трудови и согледуваања од различни сегменти на безбедносната проблематика, а во контекст на главната тема на конференцијата „Безбедноста и евроатлантските перспективи на Балканот“. /крај/мвр/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.
Македонија
Почна седницата на Советот за безбедност во Вила Водно
Почна седницата на Советот за безбедност што ја закажа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на која на дневен ред е безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а на седницата присуствуваат членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Начинот на работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, начинот на остварување на правата и исполнувањето на должностите на членовите на Советот, свикување и одржување на седниците, спроведувањето на заземените ставови, поведените иницијативи и дадените мислења и предлози, информирањето за својата работа, како и други прашања во врска со организирањето и начинот на работа на Советот, се определени со Деловник за работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.
Седниците на Советот се затворени. Во одредени случаи седниците можат да бидат и јавни за што одлучува претседателот на Советот.
Македонија
Муцунски разговарал со шеикот Бин Зајед и дал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска телефонски се слушнал со заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан.
Муцунски ја истакнал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и изразил сочувство за жртвите од нападите.
„Министерот остро ги осуди нападите извршени од Иран врз Обединетите Арапски Емирати, оценувајќи ги како сериозна повреда на принципите на меѓународното право, вклучително и почитувањето на државниот суверенитет и територијалниот интегритет. Тој нагласи дека во услови на зголемени регионални тензии, неопходни се воздржаност, одговорност и дипломатски ангажман, со цел спречување понатамошна ескалација и зачувување на стабилноста и мирот во регионот“, се вели во соопштението на МНР.

