Македонија
Македонија ќе добие акредитација за ИПА фондовите

Македонија до крајот на месецот ќе се стекне со акредитација за користење на средства од третата компонента (регионален развој) на ИПА фондовите н
Македонија до крајот на месецот ќе се стекне со акредитација за користење на средства од третата компонента (регионален развој) на ИПА фондовите на Европската унија.
Ова денеска го соопшти министерството за финансии, додавајќи дека Македонија добила позитивно мислење и за апликацијата за акредитација за четвртата компонента (развој на човечки ресурси), при што се очекува наскоро издавање на акредитација и за оваа компонента.
Во програмата на ИПА (Инструмент за претпристапна помош на ЕУ) за периодот 2007-2013 година за Македонија се предвидени вкупно 507,2 милиони евра за сите пет компоненти.
Притоа, за користење на средствата од првата и втората компонента (транзициска помош и прекугранична соработка) не е потребна акредитација , додека за преостанатите три акредитацијата е неопходна.
Како ќе бидат искористени предвидените средства зависи од нас самите, бидејќи за нивно одобрување потребен е соодветен проект, велат од министерството.
Користењето на средствата е по принципот кофинансирање, при што за проекти од првата и трета компонента 75 отсто од финансирањето е од фондовите на ЕУ, а 25 отсто се на Република Македонија, за втората и четвртата 85 отсто финансира ЕУ, додека за петтата (рурален развој) соодносот е 50-50. /крај/со/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Од утре на полноќ почнува изборниот молк

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги известува радиодифузерите дека изборната кампања за првиот круг од Локалните избори трае до 24:00 часот на 17 октомври 2025 година. Од 18 октомври заклучно со 19:00 часот на 19 октомври важат правилата за изборен молк.
За време на молкот, медиумите продолжуваат да известуваат за изборниот процес, но престануваат сите облици на изборно медиумско претставување, на учесниците во изборната кампања.
Според Изборниот законик, за прекршување на изборниот молк се смета емитувањето какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите, какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите, податоци со кои се открива идентитетот на политички субјекти и/или поединци вклучени во инциденти или неправилности на денот на гласањето; како и изјави од кандидати во изборниот процес, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта.
Македонија
Алиу: Се зајакнуваат капацитетите на болницата во Прилеп, промовирана нова медицинска опрема во вредност над 50 милиони денари

Министерот за здравство Азир Алиу, заедно со заменик министерот Јовица Андовски, денеска ја посетија Општата болница во Прилеп по повод промоција на нова медицинска опрема, во вредност над 50 милиони денари.
– Со новата медицинска опрема се зајакнуваат капацитетите на оваа јавна здравствена установа. Поголем дел од опремата е наменет за одделението за гинекологија и акушерство и опфаќа современи апарати и нови гинеколошки столови, со што се создаваат подобри услови за работа и третман. Првпат во Прилеп воведуваме лапароскопија и хистероскопија, што претставува голем напредок во гинеколошко-акушерската здравствена заштита. Со тоа, пациентките повеќе нема да имаат потреба да патуваат во други градови за вакви интервенции, информираше министерот Алиу.
За гинеколошкото одделение е обезбеден дигитален електрокаутер – современ апарат за безбедни и прецизни хируршки интервенции и контрола на крварења. По повеќе од 15 години, целосно се обновени и гинеколошките столови за прегледи и породување, кои овозможуваат повисок стандард на удобност и сигурност за родилките и персоналот.
-Покрај новата опрема, во тек е и постапка за вработување 124 лица на неопределено време, од кои 21 доктор, 49 медицински сестри, 34 болничари, 6 физиотерапевти и друг медицински и немедицински кадар. Овие инвестиции претставуват уште еден значаен чекор во континуираната заложба на Министерството за здравство за унапредување на здравствената заштита и обезбедување современи услови за третман и дијагностика на пациентите, истакна Алиу.
Македонија
Министерството за култура: Дозволата за градба кај куќата на Владо Малески ја издало раководството на СДСМ

Министерството за култура и туризам остро ги отфрли обвинувањата од СДСМ во врска со оштетувањето на заштитениот објект – куќата-музеј на Владо Малески во Струга, оценувајќи ги како „неточни, тенденциозни и политички мотивирани“.
Од Министерството посочуваат дека решението за рушење на соседниот објект и изградба на нов, во сопственост на лице од струшкото село Велешта, е издадено на 17 јули 2023 година, во период кога институциите биле под раководство на СДСМ.
„Ова јасно покажува дека токму претходната власт, наместо да го штити културното наследство, го занемаруваше и игнорираше“, стои во реакцијата.
Од Министерството информираат дека веднаш по добивањето на информациите, стручен тим од Завод и музеј – Охрид извршил увид, а на терен е и инспекциската служба од Управата за заштита на културното наследство, која ја проверува состојбата со објектот.
Во соопштението се нагласува дека ресорот останува „посветен на вистинската заштита и унапредување на културното наследство“, додека, како што наведуваат, СДСМ рушеше објекти, а ги рушеше и јазикот, културата и идентитетот. Министерството порача дека културното наследство не смее да биде жртва на политички манипулации и дневнопартиски интереси.
Вчера беше објавено дека поради изградба на објект во Струга, оштетени биле ѕидот и кровот на куќата-музеј на Владо Малески, авторот на текстот на македонската химна, која е споменик заштитен како културно наследство. Од опозициската СДСМ обвинија дека тоа не е изолиран инцидент,туку резултат на системска незаинтересираност, институционална парализа и политичка неодговорност на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ.