Свет
Шест загинати во серијата напади во Кабул по посетата на Обама
Шест луѓе загинаа во двата бомбашки напада во средата во авганистанската престолнина Кабул, неколку часа по заминувањето на американскиот претседател Барак Обама кој допатува во ненајавена посета на Авганистан.
Петмина авганистански цивили и припадник на обезбедувањето се убиени а околу 15 се ранети во самоубиствениот бомбашки напад врз куќа во којашто се сместени странски работници од Европската Унија и Обединетите нации, потврди авганистанското министерство за внатрешни работи. „Денеска достоинствен борец изведе напад со автобомба врз странска воена база во Кабул, а го следеа други борци кои влегоа во базата“, изјави портпаролот на талибаните, Забиулах Муџахид во смс порака испратена до агенцијата AFP.Талибаните соопштија дека го извеле самоубиствениот напад како знак на протест против посетата на американскиот претседател Барак Обама и потпишување на стратешкиот договор меѓу ДАС и Авганистан, пренесува Reuters, исто така, повикувајќи се на талибанскиот портпарол. Во средата наутро во центарот на авганистанскиот главен град Кабул одекнала една па потоа уште една експлозија којашто ја слушнале новинарите на AFP чиишто канцеларии се во близина на американската амбасада. Американската амбасада веднаш извела забрана за пристап кон зградата и прогласила тревога испраќајќи го својот персонал кон скривницата и повикувајќи ги да се тргнат од прозорците.Експлозиите коишто се случија набрзо по заминувањето на Обама, сведочат за новото јакнење на талибанското дејствување повеќе од десет години откако меѓународната коалиција предводена од НАТО влегоа во Авганистан и го симнаа од власт талибанското движење и во моментот кога меѓународната коалиција прави планови до 2014 година да се повлече од земјата и безбедноста да ја предаде на авганистанските безбедносни сили.Американскиот претседател Барак Обама во Кабул мина шест часа ноќта кон средата по средноевропско време. Тој допатува во авганистанската престолнина Кабул ненадејно и тајно, ноќта кон 2-ри мај,токму на годишнината од ликвидацијата на Осама бин Ладен, водачот на глобалната терористичка мрежа Ал Каеда којашто одржува тесни врски со талибанското движење. По потпишувањето на договорот со авганистанскиот претседател Хамид Карзаи со кој се исцртуваат идните американско-авганистански односи по завршувањето на борбената амисија на НАТО во 2014 година и со кој на Авганистанците им се даваат гаранциите дека Американците нема да ги напуштат во поддршката и по заминувањето од земјата, американскиот претседател имаше обраќање во американската воена база во Баграм.„Драги мои Американци, зад нас останува повеќе од една деценија минати под темниот облак на војната. А сега тука во Авганистан, во оваа вечерна темнина пред зората, можеме да го видиме светлото на новиот ден на повидок. Тука војанта започна, тука и ќе заврши“, рече Обама. „Не само што успеавме да ја исфрлиме Ал Каеда од Авганистан, туку полека и систематски ја ослабувавме и пред една година успеавме да го изведеме Осама бин Ладен пред правдата“, додаде Обама што беше проследено со одобрувачки извици на американските војници. Повеќе од три илјади американски војници и припадници на другите странски контингенти под команда на НАТО загинаа во Авганистан од почетокот на инвазијата во 2001 година. Иако американскиот претседател нагласи дека целосната победа над Ал Каеда е поблиска како никогаш досега, потенцираше дека пред Американците се наоѓаат уште тешки пречки. „Знам дека многу Американци се заморени од војната. Но мораме да ја завршиме војната којашто ја почнавме, тоа е нашата одговорност“, додаде Обама. „И додека излегуваме од деценијата на судири во странство и заздравуваме од економската криза дома, време е да ја обновиме Америка“, изјавил Обама на крајот од својот говор, кој е во рамките на кампањата за претседателските избори на коишто Обама се труди да биде повторно избран на претседателската функција во којашто се труди својата надворешна политика да ја прикаже како успешна. Пред посетата на базата во Баграм, Обама имаше средба со својот авганистански колега Карзаи, во добро обезбедуваната претседателска палата во Кабул, каде што двајцата државници го потпишаа стратешкиот договор за партнерство. „Потпишувајќи го овој документ, го затвораме десетгодишното поглавје и отвораме ново, на еднакви и партнерски односи“, изјави авганистанскиот претседател Хамид Карзаи по потпишувањето на договорот. Со ова потпишување требаше да им се испрати порака на авганистанските власти дека не треба да чекаат американските и другите странски сили да ја напуштат нивната земја за да ја преземат власта. Документот не прецизира колку американски војници, можно е и специјални сили и советници, ќе останат во Авганистан и по 2014 година. Како што е најавено, тоа ќе биде договорено со документот на кој сé уште се работи./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Брисел со поддршка за Данска и Гренланд; Фон Дер Лајен порача: Царините на Трамп се закана за трансатлантските односи
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, предупреди на опасноста од воведување царини, кои, според неа, би ги поткопале трансатлантските односи.
Во објава на социјалните мрежи нагласи дека територијалниот интегритет и суверенитетот се основни начела на меѓународното право, клучни за Европа и за меѓународната заедница во целина.
Фон дер Лајен исто така истакна дека Европската унија стои во целосна солидарност со Данска и народот на Гренланд. Наведе дека дијалогот останува клучен и дека ЕУ е посветена на унапредување на процесот што веќе беше започнат минатата недела меѓу Кралството Данска и САД.
„Европа ќе остане обединета, координирана и посветена на зачувување на својот суверенитет“, порача таа.
Territorial integrity and sovereignty are fundamental principles of international law.
They are essential for Europe and for the international community as a whole.
We have consistently underlined our shared transatlantic interest in peace and security in the Arctic, including…
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) January 17, 2026
Претседателот на САД, Доналд Трамп, претходно најави бран зголемување на царините за европските сојузници додека на САД не им биде дозволено да го купат Гренланд.
Во објава онлајн на „Тру соушал“, Трамп рече дека царините од 10 отсто ќе стапат во сила на 1 февруари за Данска, Норвешка, Шведска, Франција, Германија, Велика Британија, Холандија и Финска. Овие царини ќе се зголемат на 25 проценти на 1 јуни и ќе продолжат да важат додека не се постигне договор за купување на Гренланд од страна на САД, рече Трамп.
Трамп обвини неколку европски земји дека играат „многу опасна игра“ во Гренланд, велејќи дека „светскиот мир е во прашање“.
„Данска, Норвешка, Шведска, Франција, Германија, Обединетото Кралство, Холандија и Финска отидоа во Гренланд со непозната цел. (…) Овие земји, играјќи ја оваа многу опасна игра, презедоа неприфатлив ризик“, напиша американскиот претседател во долг пост на својата социјална мрежа.
„Со години ја субвенциониравме Данска, како и сите земји од Европската Унија и другите, со тоа што не им наплаќавме царински давачки или какви било други форми на компензација. Сега, по еден век, време е Данска да возврати – светскиот мир е во прашање! Кина и Русија го сакаат Гренланд, а Данска не може ништо да направи во врска со тоа. Тие моментално го штитат со два тима кучиња, од кои едниот беше додаден неодамна.
Само Соединетите Американски Држави, под ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ДОНАЛД Џ. ТРАМП, можат да ја играат оваа игра – и тоа многу успешно! Никој нема да го допре ова свето парче земја, особено затоа што националната безбедност на Соединетите Американски Држави и безбедноста на светот како целина се во прашање“, се вели во објавата на Трамп.
Регион
Европската комисија повторно бара истрага за можната употреба на звучен топ на протестите во Белград
Европската комисија уште еднаш ги повика српските власти да спроведат брза, транспарентна и веродостојна истрага за наводната употреба на звучен топ за време на антивладиниот протест во Белград на 15 март 2025 година, јави Радио Слободна Европа (РСЕ).
Повикот доаѓа откако европските медиуми повторно го покренаа прашањето, а Политико објави дека српските разузнавачки служби, во соработка со руската ФСБ, тестирале звучни уреди на кучиња во обид да утврдат дали е користено звучно оружје врз демонстрантите.
Во извештајот што српскиот претседател Александар Вучиќ го презентирал, се тврди дека уредите не предизвикале реакции кај животните, па оттука било заклучено дека звучен топ не бил користен на протестот. Руската страна не коментираше за извештајот, пренесе РСЕ.
Во изјавата на Европската комисија се нагласува дека „односите со Русија не можат да продолжат како и досега, особено кога се работи за безбедносни прашања“, и се потсетува дека властите имаат обврска да ги заштитат демонстрантите од повреди и насилство.
Српските власти подоцна признаа дека полицијата поседува звучни уреди, но тврдат дека „никогаш не биле употребени“.
Демонстрантите сведочеле за силни и необични звуци, вибрации и здравствени тегоби по протестот – како вртоглавици, несвестица, покачен притисок и нарушувања на слухот.
Настанот го истражува и Европскиот суд за човекови права.
Фото: ЕПА
Свет
„Нема да дозволиме уцени“ – се нижат реакции по најавата на Трамп за воведување царини за некои европски земји
Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта изјави дека ќе излезат со заеднички одговор како реакција на новата закана на Доналд Трамп за воведување царини кон некои европски земји поради Гренланд.
Говорејќи на прес-конференција одржана непосредно по објавата на Трамп, Кошта порача: „Европската унија секогаш ќе биде многу цврста во одбраната на меѓународното право… кое, секако, започнува внатре во територијата на земјите членки на Европската унија“.
Нема да дозволиме уцени
Во меѓувреме, шведскиот премиер Улф Кристерсон реагираше на новите закани со царини што ги изнесе Доналд Трамп, а со кои е засегната и Шведска, пренесе „Дагенс Нихетер“.
„Нема да дозволиме уцени. Само Данска и Гренланд одлучуваат за прашањата што се однесуваат на Данска и Гренланд“, порача Кристерсон. „Секогаш ќе се залагам за мојата земја и за нашите сојузнички соседи“, додаде тој.
Премиерот наведе и дека по ова прашање започнал дијалог со другите земји членки на Европската унија.
Норвешка: Царините не се поврзани со безбедноста на Арктикот
Норвешкиот министер за надворешни работи Еспен Барт Еиде, пак, изјави дека не разбира зошто американскиот претседател Доналд Трамп ги поврзува зголемените царини со безбедносната состојба на Арктикот.
„Постои широк консензус во НАТО за потребата од зајакнување на безбедноста на Арктикот, вклучително и на Гренланд. Не сметаме дека прашањето за царините припаѓа во овој контекст“, напиша Еиде во коментар за НТБ.
Британија: Царините целосно погрешни, Гренланд е дел од Данска
Британскиот премиер Кир Стармер рече дека царините се „целосно погрешни“. Тој нагласи дека Гренланд е дел од Данска и дека „неговата иднина е прашање на Гренланѓаните и Данците“.
Во изјавата го појасни ставот на Обединетото Кралство: „Нашиот став за Гренланд е многу јасен – тој е дел од Кралството Данска и неговата иднина е прашање на Гренланѓаните и Данците. Исто така, јасно ставивме до знаење дека арктичката безбедност е важна за целиот НАТО и дека сојузниците треба да направат повеќе заедно за да се соочат со заканата од Русија во различни делови на Арктикот. Примената на царини врз сојузниците поради стремежот кон колективната безбедност на сојузниците на НАТО е целосно погрешна. Секако, директно ќе се позанимаваме со ова прашање со американската администрација.“
Макрон: Неприфатливо
Францускиот премиер, Емануел Макрон најавата за царините ја нарече неприфатлива. Порача дека европските лидери нема да бидат под влијание на заплашување или закани.
Данска: Изненадени сме
Данскиот министер за надворешни работи, Ларс Леке Расмусен, ја нарече изненадување најавата на Доналд Трамп за воведување царини и нагласи дека Данска е во тесна комуникација со Европската унија по ова прашање.
Во објава онлајн на „Тру соушал“, Трамп рече дека царините од 10 отсто ќе стапат во сила на 1 февруари за Данска, Норвешка, Шведска, Франција, Германија, Велика Британија, Холандија и Финска. Овие царини ќе се зголемат на 25 проценти на 1 јуни и ќе продолжат да важат додека не се постигне договор за купување на Гренланд од страна на САД, рече Трамп.
Трамп обвини неколку европски земји дека играат „многу опасна игра“ во Гренланд, велејќи дека „светскиот мир е во прашање“.

