Македонија
Иванов:АРМ е еден од столбовите на македонскиот интегритет и самобитност
Како вистински и достоинствени наследници на славните Илинденци, со гордост можам да кажам дека вие, припадниците на Армијата на Република Македонија, сте еден од столбовите врз кој се потпира македонскиот интегритет и самобитност, но и македонскиот модел на соживот и толеранција.
Како вистински и достоинствени наследници на славните Илинденци, со гордост можам да кажам дека вие, припадниците на Армијата на Република Македонија, сте еден од столбовите врз кој се потпира македонскиот интегритет и самобитност, но и македонскиот модел на соживот и толеранција. Ова денеска во Охрид го изјави претседателот Ѓорге Иванов, во говорот по повод Денот на Армијата.„Свесни сме дека влогот во Армијата е влог во европската и евроатлантската иднина на Македонија. Соочувајќи се со големи предизвици и спроведувајќи темелни реформи, македонската армија денес останува да биде еден од предводниците на реформскиот процес на целото македонско општество“, рече Иванов.Тој додаде дека Армијата на Република Македонија ги исполни критериумите за членство во Алијансата и дека ќе дојде денот кога земјата и формално ќе стане дел од евроатлантското братство на народи.Иванов им оддаде признание на сите досегашни началници на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, офицери, подофицери, војници и цивилни лица на служба во Армијата и Министерството за одбрана.„Дозволете на овој важен ден како Врховен командант да се поклонам со длабока почит на сите припадници на Армијата на Република Македонија кои го дадоа најскапоценото за својата татковина, кои ги положија своите животи за слободата и безбедноста на својата држава“, рече Иванов.Македонскиот претседател подвлече дека Македонија, како партнер и сојузник во антитерористичката коалиција во Авганистан, ќе остане во таа земја сè додека е неопходно.Иванов му го честиташе изборот на новиот началник на Генералштабот на АРМ Горанчо Котески. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николовски: Системот на злоупотреби што го создаде Владата ја уништи довербата – земјоделците повторно ќе ја плататат цената
„Колку пати алармирав и предупредував дека во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој се создава систем на клиентелизам, влијанија и злоупотреби?“, порача поранешниот министер за земјоделство, Љупчо Николовски, реагирајќи по апсењето на директорот на Агенцијата при земање мито.
„Јавно укажував дека ИПАРД 3 ќе крахира, дека со вакви практики се загрозува кредибилитетот на државата пред Европската комисија и се става под ризик целата програма вредна околу 100 милиони евра – пари наменети за развој на македонското земјоделство“, изјави Николовски.
Според него, денешниот скандал е директна последица на политичко поставување на луѓе без интегритет и без компетенции.
„Ова не е изолиран инцидент, туку резултат на владеење кое ги заменува вредностите и професионалноста со партиска послушност“, нагласи тој.
Николовски потсети дека за време на неговиот мандат ИПАРД 2 програмата беше 100% искористена, со 2.369 договори и реализирани инвестиции.
„Срамно е целиот тој успех и довербата што ја изградивме со Европската унија да биде уништена за само една година поради корупција и лични интереси“, додаде тој.
Тој предупреди дека постои реална опасност Европската комисија да ја стопира ИПАРД 3 програмата за Македонија, што би значело блокада на сите исплати и нови повици.
„Ако се случи тоа, земјоделците повторно ќе бидат жртви на корупцијата и неспособноста на оваа власт“, порача Николовски.
Поранешниот министер побара итна одговорност и расчистување со злоупотребите:
„Време е за целосна одговорност. Македонија не смее да си дозволи да ја изгуби довербата во европските институции поради поединци кои го претворија земјоделството во извор на мито и политички влијанија.“
Македонија
Делови од Центар и Сарај в понеделник без вода
Од ЈП Водовод и Канализација, известуваат дека зафатот кој беше најавен за денеска поради одредени технички пречки се одложува за понеделник.
Поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Христо Смирненски 13, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица, поточно потегот од Зур – Маркет до бул. Партизански Одреди, во општина Центар.
Исто така во понеделник ќе се изврши редовно чистење на резервоарот за питка вода во село Рашче. За време на активностите во периодот од 09:00 – 13:00 часот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од населените места: Рашче Копаница и Бојане, општина Сарај.
Македонија
До понеделник променливо облачно време со локални врнежи од дожд
Променливо облачно време со локални врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни. Процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 30 l/m² за 24 часа), засилен ветер и појава на грмежи. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен, а долж Повардарието од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса до понеделник ќе преовладува променливо облачно време со локални врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни. Процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 30 l/m² за 24 часа), засилен ветер и појава на грмежи. Од вторник се очекува стабилизирање на времето.

