Македонија
Десетмина од уапсените за убиството кај Смилковци пуштени на слобода
Десетмина од вкупно 20 –те кои беа уапсени во акцијата „Монструм“ за петкратното убиство кај Смилковското езеро по 48-часовен притвор излегоа на слобода.
Според адвокатот на дел од осомничените, Насер Рауфи уапсените биле пуштени од притвор бидејќи сите биле роднини на осомничените и имале законско право да не сведочат против нивните роднини.
Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска изјави дека лицата не се товарат за кривично дело „тероризам“ .
„По однос на на овие лица ние практично направивме одредени проверки, нашите сомневања одеа во насока за евентуална нивна поврзаност со сторителите и нивните поддржувачи. Значи од самиот почеток на истрагата ние имавме едни прелиминирани согледувања за бројот на сторителите што понатаму се потврдија како точни до овој момент до кој сме дојдени со истрагата. Несомнено за да се изврши терористички акт, за да се изврши кривично дело со толку тешки последици се претпоставува дека тие лица кои се непосредни директни учесници во терористичкиот акт имале одредени конекции, поддршка, логистика. Токму заради тоа беше потребно да се направат повеќе анализи да се извршат разговори со повеќе лица и да се направат проверки кои целосно ќе ја расветлат оваа ситуација“ рече Јанкулоска.
Против десетмината ослободени МВР поднесе посебен извештај и побара краткорочен притвор затоа што изрази сомнежи дека помагале во вршење тероризам.
Во акцијата беа приведени вкупно 20 лица, меѓу кои петмина се осомничени дека се директни извршители на масакрот. Двајца од осомничените за убиство се во бегство, а на помагачите и на еден кој е осомничен за директно извршување на убиството им е одреден 30-дневен притвор кој ќе го издржуваат во Битола. Четворица се осомничени за нелегално поседување на оружје и им е одреден 30 дневен притвор кој ќе го издржуваат во Прилеп.
Шеесетгодишната жена од кумановско Отља кај која беше најдено огромно количество на оружје е пуштена да се брани од слобода со тоа што судијата и го одзел пасошот и ја задолжил да се јавува во судот./крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кардиохирурзите Колев и Џелили на обука во Клиниката за кардиохирургија во Бордо, Франција
Кардиохирурзите при ЈЗУ Клиника за кардиохирургија, Скопје, Александар Колев и Кујтим Џелили престојуваат на Универзитетската болница за кардиохирургија во Бордо, Франција, каде учествуваат на работилница за запознавање и обука со некои од најиновативните техники во совремата кардиохирургија.

-Заедно со мојот колега Кујтим Џелили имавме одлична можност да учествуваме на едукативна работилница во Универзитетската болница за кардиохирургија во Бордо, организирана од Петерс.
Под менторство на водечките професори Томас Модин, Луис Лаброус и Џулијан Пелтан, се запознавме со некои од најнапредните техники во современата кардиохирургија. Меѓу нив најсофистицирана и најпрефинета беше употребата на роботскиот систем на Да Винчи за поправка на митралниот вентил, како и други минимално инвазивни кардиохируршки процедури. Преку практични тренинг сесии, вежбавме креирање на анастомози на реални модели, користејќи некои од најновите помошни хируршки апарати, напиша кардиохирургот Колев на неговиот фејсбук профил.

Тој особено го потенцира фактот дека кардиохирургија, како една од поновите гранки на медицината, продолжува да се развива и брзо напредува.
-За нас, како кардиохирурзи кои доаѓаат од мала земја како Македонија, од особено значење е да останеме во тек со овие иновации, со цел да обезбедиме највисок можен квалитет на третман за нашите пациенти, наведува д-р. Колев.
Македонија
Ѓорѓиевски на фејсбук објави дека најдоброто за Скопје допрва доаѓа
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски на Фејсбук објави видео од активностите што се преземаат за чистење на главниот град, согласно неговото ветување за темелно чистење на Скопје во првите 72 часа од преземањето на мандатот.
-Скопје го правиме заедно, ви го дадов мојот збор! Се чисти кејот на реката Вардар. Се поставуваат украсни канделабри на плоштадот „Македонија“. Најдоброто, доаѓа!, објави Ѓорѓиевски попладнево на неговиот фејсбук-профил.
Акцијата за чистење Ѓорѓиевски ја почна завчеравечер по примеопредавањето на функцијата од досегашната градоначалничка, и како што самиот изјави, акцијата би требало да заврши утревечер.
Деновиве со механизација и рачно се чисти коритото и косините на Вардар, се отстранува кабаст отпад и пластични шишиња и се расчистува земјен материјал насобран во централниот дел на кејот, а се празнат и контејнерите од ѓубре.
Во акцијата се вклучени луѓе и опрема од комуналното претпријатие на Скопје, како и механизација и екипи од ЈП „Улици и патишта”- Скопје.
Македонија
Родителите на починатите во „Пулс“ со порака до судиите: Не дозволувајте болката и гневот да станат уште поголеми
Во Кочани денеска родителите на жртвите од пожарот во дискотоеката „Пулс“ одржаа нов „Марш за ангелите“, упатувајќи порака до правосудните институции дека очекуваат вистинска правда за настраданите.
-Не дозволувајте болката и гневот да станат уште поголеми, затоа што ако институциите продолжат да молчат, луѓето ќе ја изгубат вербата во системот. Исполнете ја вашата должност — не за нас, туку за нашите деца и за иднината на сите други што утре ке сакаат да живеат во држава со вистинска правда, порачаа родителите на починатите во „Пулс“ во своето обраќање пред медиумите.
Пред зградата на Основниот суд, мајка на починато дете во името на сите учесници на маршот, упати критика до Јавното обвинителство дека оваа институција не реагирала на тоа што уште пред три недели им биле доставени докази дека осомничено лице се сретнало со оштетен родител, што сметаат дека носи реална опасност да се влијаа врз сведоците и оштетените и да се загрози целата постапка и нејзината правичност. Тие најавија, дека во рок од една недела очекуваат јасен и конкретен одговор за преземените мерки по доставените докази, во спротивно велат ќе преземат посилни јавни и организирани акции.
Првото судско рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ ќе се одржи на 19 ноември, обвинети се 34 физички и три правни лица, кои се товарат за кривичното дело тешки дела против општата сигурност. Како што информираа од Кривичниот суд Скопје, рочиштето ќе се одржи во судницата во КПУ Идризово, а предметот според Акмис системот е распределен кај судијката Диана Груевска-Илиевска.
Во пожарот во дискотеката во Кочани што се случи на 16 март, годинава, загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

