Свет
Тајланд: 21 мртви, илјадници блокирани во поплавите
Најмалку 21 лице го загубија животот, а илјадници туристи останаа блокирани на југот на Тајланд, поради поплавите, објавија денеска локалните медиуми
Сите железнички линии кои водат во таа област се прекинати, а три аеродроми се затворени, вклучувајќи го и оној на познатиот туристички остров Кох Самуи. Освен на него, илјадници туристи останаа блокирани и во одморалиштата во Краби и Кох Панган.Тајландската војска со своите бродови евакуираше 1 200 луѓе од два острови, Кох Самуи и Коха Тао. Освен тоа војската со хеликоптери врши и достава на намирници за туристите и селаните кои до сега не успеаја да се префрлат на безбедно место.Причина за поплавите и лизгањето на земјиштето се големите сезонски врнежи на дожд, кој врне со денови и се очекува да продолжи и во следниве денови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Завршија преговорите меѓу делегациите на Москва, Вашингтон и Киев во Абу Даби
Во Абу Даби предмалку завршија преговорите за безбедноста на Украина меѓу делегациите на Москва, Вашингтон и Киев, јавијха руските медиуми.
Руската работна група, предводена од началникот на Генералниот директорат на Генералштабот на вооружените сили, адмирал Игор Костјуков, се врати во хотелот, додаваат руските медиуми.
Претходно, агенцијата ТАСС, повикувајќи се на информиран извор, објави дека преговарачките тимови во Абу Даби проучуваат и разгледуваат неколку документи за мирот во Украина, додавајќи дека „се разгледуваат и територии и гаранции и други аспекти“.
Официјални лица потврдија дека ова беше првиот состанок од почетокот на војната, пред речиси четири години, на кој присуствуваат сите три земји.
Разговорите меѓу украинската, руската и американската делегација во Абу Даби за постигнување мирно решение за Украина, кои започнаа вчера, продолжија утрово, исто така зад затворени врати.
Американскиот пратеник Стив Виткоф, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, како и секретарот на армијата во Министерството за одбрана на САД, генерал Даниел Дрискол, исто така учествуваа на трилатералните разговори во Абу Даби, а по средбата тие веднаш отпатуваа за Израел, каде ќе разговараат за иднината на Газа.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера потврди дека контроверзното прашање за територијата на Донбас било дискутирано на состанокот во Абу Даби.
Територијалните прашања остануваат точка на спор, бидејќи Русија бара Украина да ги предаде 20-те проценти од територијата на Доњецк што сè уште ја држи, додека Зеленски одби да се откаже од таа територија.
Свет
Се трага по четворица исчезнати мигранти кај грчкиот остров Икарија
Во близина на островот Икарија пристигнале околу 50 мигранти, но четворица од нив исчезнале. Поради ова била активирана спасувачка акција од страна на крајбрежната служба на Грција која е во тек од рано утрово за пронаоѓање на лицата.
Во потрагата се вклучени еден патролен брод, брод за пловење на отворено море, хеликоптер и приватен брод.
Свет
На минусни температури, 6.000 згради во Киев останаа без греење по синоќешниот руски напад
Речиси 6.000 згради во украинската престолнина Киев останаа без греење по синоќешниот руски напад, изјави градоначалникот на градот, Виталиј Кличко, цитиран од Укринформ.
Температурите во градот утрината паднаа на минус 12 степени.
Во меѓувреме, стотици илјади жители во регионот Чернигов останаа без електрична енергија како резултат на истиот напад, објави регионалната енергетска компанија Черниговбленерго.
Според нејзините податоци, клучната енергетска инфраструктура во близина на градот Нижин е оштетена.
Во исто време, украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибига изјави дека Владимир Путин цинично наредил ракетен напад од големи размери врз Украина во услови на преговори меѓу Украина и Русија во Абу Даби, со посредство на САД.

